за

ЕУ ќе воведе царини за кинески електрични возила до 25 проценти

Одлуката би следела по помалку од еден месец откако САД четирикратно ги зголемија царините за кинески електрични возила, на 100 проценти.

Кинеските производители на автомобили, како БИД, целат кон Европа како кон клучен пазар. Слика од салон на БИД во Будимпешта. (BYD Wallismotor)

Европската Комисија ќе воведе високи дополнителни царини за електричните возила што се извезуваат од Кина во Европската Унија, почнувајќи од следниот месец, пишуваат медиуми.

Комисијата се очекува да ги зголеми царините за четирите најголеми производители од Кина на 25 проценти, како и да воведе две посебни давачки за останатите производители, пишува дневникот Гардијан.

Новите царински стапки би стапиле на важност околу 4-ти јули. Според извори што се упатени во разговорите во Брисел, уште не е точно одредена висината на царината.

Повисоките увозни давачки за кинеските производители на автомобили, како БИД и САИЦ (МГ) – во моментов важат царински давачки од 10 проценти – исто така ќе ги погодат и западните производители, односно Тесла, БМВ, Мерцедес-Бенц и Рено.

Тесла го испорачува својот Модел 3 во Европа од Кина, додека БМВ ги извезува електричниот модел и-Икс 3 и модели од марката Мини. Мерцедес-Бенц во Кина ги произведува возилата на Смарт, а Рено исто така од Кина го увезува електричниот и мошне баран електричен модел Дачиа Спринг.

Одлуката на ЕУ да ги покачи царините следи во време кога европските производители се наоѓаат под притисок од напливот од поевтини електрични возила од кинеските соперници.

ЕУ спроведе осумесечна истрага околу тоа дали кинеските производители на автомобили добиваат повластици од Пекинг, со што се нарушува фер трговијата, односно вештачки се овозможува кинеските автомобили да чинат помалку во споредба со возилата на европските марки.

Царините ќе бидат далеку пониски од увозните давачки што САД ги воведоа за кинеските електрични автомобили. Администрацијата на Бајден ги покачи царините четирикратно, на 100 проценти.

Одговорот од Кина

„Оваа истрага околу субвенциите е типичен случај на протекционизам,“ изјави во средата Лин Џиан, претставник на кинеското министерство за надворешни работи.

„Бараме од ЕУ да ја почитува својата обврска за подржување на слободната трговија и да се откаже од протекционизам, да соработува со Кина за да се сочуваат општите состојби во економската и трговската размена меѓу Кина и ЕУ,“ кажа претставникот.

„Кина ќе ги преземе сите неопходни мерки за цврсто да ги одбрани своите легитимни права и интереси,“ додава Џиан.

ЕУ очекува Кина да возврати со контра мерки, со увозни давачки за производи, како што се францускиот коњак и за млечни преработки.

Кина се подбиваше со ЕУ околу истрагата за субвенциите, упатуваше кон соработка и лобираше во некои од земјите на ЕУ, меѓутоа досега нема наведено со какви царини ќе возврати.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пежо подготвен за Леман-викендот, двапати во годината патиштата се затвораат за трката

Тесла со нови попусти ќе си ја спасува продажбата во Германија