Порше 911 се електризираше, само малку

Новото моделско годиште на Порше 911 доаѓа со зафати во изгледот, усовршена аеродинамичност, свежа внатрешност, збогатена сериска опременост и нови функции, плус Т-хибриден погон во Порше 911 ГТС.

Порше 911 влезе во новото моделско годиште, првите изведби што ги престави германската спортската марка се 911 Карера и 911 Карера ГТС. Вообичаено за Порше, зафатите се сéопфатни и не се сведуваат само на изглед, туку истите донесуваат проимени и во возните својства и перформансите. Тоа посебно важи за 911 ГТС, изведбата на „елфер“ што има уште посилен нагласок на спортската динамика.

Затоа и не е случајно што токму ГТС е избрана за прва да стане хибрид во гамата на 911. Порше му довери на хибридот да работи во ГТС, што е „највозачката“ изведба во гамата. Во своите моделски серии Панамера и Кајен, Порше веќе одамна го вградува хибридниот погон, односно приклучен хибриден погон. Во 911 работи класичен хибрид, што значи без можност за надворешно полнење, а со тоа и со помала батерија. Голема батерија како во ПХЕВ ќе ја уништеше сета забава, што ја нуди комбинацијата на мотор што со тежиштето е малку над задната оска и на широка задна трага – од каде што произлегува прочуените возни својства на 911.

Моторот од 3,6 литри е преработен и во сега хибридната 911 Карера ГТС Купе овозможува спринт до темпо сто за три секунди. Највисоката брзина изнесува 312 км/ч. Заедно со ГТС, во новото моделско годиште стартува и класичната 911 Карера. Кај неа исто така има промени во 3,0-литарскиот боксер.

Четири од шесте моделски серии на Порше се обновени во кусо временско растојание: Панамера, Тајкан, Макан и сега 911.

Хибридниот систем е развиен врз основа на искуствата од мотоспортот. По бројните тестирања „произлезе единствен вид погон, што се вклопува во општиот концепт на 911 и значително ги подобрува перформансите“, вели Франк Мозер, шеф за моделските серии 911 и 718, со мотори назад.

Батеријата е голема колку обичен 12-волтен акумулатор, тежината на ГТС е зголемена за само 50 килограми

Турбо-полначот е нова конструкција и располага со електромотор. Тој е вграден меѓу компресорот и турбината, и има за цел да почне да ја задвижува турбината, уште при најниски вртежи на моторот, што инаку се недоволни за да ја разбудат техниката на натполнење. Дополнителна посебност на овој електромотор е тоа што тој дејствува и како генератор. Моќноста му е 11 киловати (15 КС). Електричниот турбополнач без испустен вентил дозволува да се користи само еден, место два турбополначи, што беше случај досега. Притоа сепак се добива побрза реакција и унапредена динамика.

Новиот турбополнач, со електромотор меѓу турбината и компресорот

На хибридот му се придружува и нов, зајакнат 8-степен менувач со двојна спојка, во којшто е воедно вграден и електромоторот. Тој учествува во погонот уште од поаѓање, со 150 њутнметри и моќност до 40 кВ.

Двата електромотори се поврзани со лесна и мала батерија со висок напон (400 волти). Навистина мала и лесна – батеријата е голема колку класичен 12-волтен акумулатор. Нејзиниот капацитет изнесува 1,9 кВч. Посебно се вградува 12-волтен литиум-јонски акумулатор.

Срцето на Т-Хибрид е 3,6 литарскиот боксер. Компресорот за климата е електричен и со тоа нема потреба од ремен за него. Поради тоа, моторот е покомпантен. Така се овозможи простор за трансформаторската единица. Моторот има 600 сантиметри кубни повеќе, со пречник зголемен на 97 милиметри и óд зголемен на 81 милиметри.

Системската моќност изнесува 541 КС, заедничкот вртежен момент достига 610 њутнметри

Без помошта од електромоторот, боксерот располага со 485 КС и 570 њутнметри. Во споредба со претходниот ГТС, новакот располага со екстра 61 КС. Во спринтот, тој е супериорен главно при поаѓање. Тежината е зголемена за 50 килограми.

Во стандардната моделската изведба Карера и натаму работи 3,0-литарски боксер со битурбо натполнење. Промените во 2024 се интеркулер од 911 Турбо, што сега е над моторот, веднаш под решетката. Во Карера сега работат турбополначите од „старата“ ГТС. Со смалена емисија, моќноста се зголеми на 394 КС, заедно со вртежен момент од 450 њутнметри. Спринтот на Карера трае 4,1 секунди (-0,1 с), однсоно 3,9 со пакет Хроно. Забрзувањето престанува на 294 км/ч (+1 км/ч).

Преработено подвозје и активна аеродинамика

Соодветно е сменето и подвозјето во ГТС. Управувана задна оска е стандард. Контролната единица за активното подвозје (ПДЦЦ) сега го користи високиот напон од хибридот, со што се постигнува уште побрза и попрецизна реакција. Дел од ГТС се каросеријата спуштена за 10 милиметри и спортското подвозје со приспособливи амортизери.

Странично кај предниот браник на ГТС се забележуваат пет ламели што се поместуваат активно. Овие ламели се отвораат целосно, на пример, при возење по тркачка патека, за да овозможат максимален проток на воздух.

За новите светла постои опција за матрични диодни светла со преку 320.000 точки. Долгото светло досега над 600 метри.

Светлечката лента назад е нова, со натпис Порше. Таа прави опашот да изглеа понизок и поширок. Нова е и задната решетка со пет ламели од секоја страна. Регистерската таблица е поставена повисоко, за браникот да изгледа поедноставно. Спортскиот издув е стандард кај ГТС.

Целосно дигитален кокпит

Новата 911 се испорачува како двосед, 2+2 е опција. Првпат во 911 има копче за старт, нормално, лево. Првпат во 911 работат и целосно дигитални инструменти. Тоа е заоблен дисплеј од 12,6 инчи. Еден од седумте прикази е класичниот, со пет тркалезни инструменти, „нацртани“.

Гамата почнува од 128.700 евра во Германија

Новата 911 Карера е достапна за нарачки, како купе и кабриолет. Изведбите со погон на сите тркала ќе следат подоцна. Кај 911 Карера ГТС има опција за погон на сите тркала и каросериска изведба Тарга (само со погон на сите тркала). ГТС купе почнува од 170.600 евра. Испораките на Карера во Германија почнуваат доцна во летото, за ГТС ќе се чека завршетокот на годината.

 

Претходна објаваБМВ Концепт Скајтоп ќе се произведе во мала серија
Следна објаваФиат потврди производство на новиот 500 со бензински мотор

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here