за

БМВ Концепт Скајтоп ќе се произведе во мала серија

Концептот на родстер на БМВ се заснова врз М8 Кабрио и постои можност да се произведе во две дузини примероци во 2026 година.

БМВ со концепниот автомобил со име Скајтоп го врати духот на родстерот Зед-8 од 1998 година, тогаш осмислен како современо толкување на историскиот родстер 507, како и на купето 503 од 1956 година.

Германскиот производител на автомобили има намера да изработи исклучително мала серија од родстерот со две седишта, што првично беше замислен да постои во само еден примерок. Скајтоп е конструиран врз основа на кабриолетот М8 во изведбата со дополнително нагласени перформанси и возни својства Компетишн.

Концептот првпат се појави во јавноста во предвечерието на Конкорсо д’Елеганца Вила д’Есте, еден од најпрестижните собири за бесценети историски автомобили и ретки модели со богата историја во светот, на брегот на езерото Комо, во Италија. Автомобилот е осмислен да поттикнува на патување, со спуштен или подигнат покрив, зависно од времето, порачуваат од БМВ.

Концепт Скајтоп е „навистина единствен и егзотичен дизајн, што нуди спој од возна динамика и елеганција на највисоко рамниште, споредлив со историските претходници, како Зед-8 или 503,“ кажа Адријан ван Хојкдонк, директор за дизајн во групацијата БМВ, на настанот за медиуми што беше организиран во саботата.

Ван Хојдонк кажа дека напнатите, мускулести површини се дефинирани од неколку преизни линии што ја пренесуваат масата на возилото наназад. Крилцата што незабележливо се вградени озгора на појасот на вратите ги заменуваат вообичаените рачки во вратите, кажа дизајнерот.

Од птичја перспектива, погледот прво паѓа на впечатливата хауба и на препознатливиот преден дел за БМВ, со изглед на нос на ајкула и со осветлени бубрези во маската. Тоа потсеќа на родстерот Зед-8.

Заштитната рамка зад двете седишта, обложена е со кожа и комбинирана е со странични перки на средишниот столб. На тоа се придружува и заден прозопрец што се спушта. Двата остранливи делови од покривот, исто така обложени со кожа, може да се сместат во посебен простор во багажникот.

БМВ кажува дека Концепт Скајтоп е осмислен како уникат, меѓутоа Ван Хојдонк откри дека постои и можност за автомобилот да се изработи во мала серија. Дизајнерот ги спомна и астрономските цените по коишто во моментов се нудат примероци од Зед-8 на сцената. Според ван Хојдонк, доколку се добие позитивен одговор од јавноста, БМВ би можел да го произведе Концепт Скајтоп во мала серија од 20 до 25 примероци.

Холандскиот дизајнер лани кажа дека БМВ има намера да произведе мала серија од девет примероци од концептот Туринг Купе, што беше прикажан првпат на престижниот автомобилски настан на езерото Комо.

Во тоа време, главниот дизајнер за марката БМВ, Домагој Дукец, додаде уште повеќе неизвесност и кажа дека постои можност компанијата да изработи до 1.000 примероци, за да го искористи поедноставното хомологирање на моделите што се изработуваат во мали серии. Во тој случај, меѓу другото не важат строгите ограничувања за ЦО2 што ги поставува ЕУ за новите автомобили.

Ван Хојдонк кажа дека БМВ ги замрзнал плановите да се изработи ограничена серија модели, што ќе бидат засновани врз концептот Туринг Купе и дека сега се посветени на Концепт Скајтоп. Можно е малата серија да биде пуштена во продажба кон завршетокот на 2025 или рано во 2026 година.

Исто како родстерот Зед-8, Концепт Скајтоп го користи најсилниот мотор Ве-8 во понудата на БМВ, со зафатнина од 4,4 литри и 650 КС, вградуван во М8 Кабриолет Компетишн. Тој модел во Италија почнува од 199.900 евра, без опции.

Видеото од тестот на БМВ 520 д

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германија ги врати попустите како во 2019, пазарот осум проценти во плус

Порше 911 се електризираше, само малку