Стелантис вработува инженери во Бразил и Индија, таму работат за помалку

Концернот на Пежо и Фиат вработува инженери во земји како Мароко, Индија и Бразил, во време кога производителите ги изнаоѓаат сите можности да се борат за поевтини автомобили, и во време кога и продажбата е забавена.

Вториот најголем автомобилски концерн во светот вработува инженери во земји каде што бруто платата по вработен на годишно ниво достига најмногу 50.000 евра. Тоа го соопштуваат луѓе што се запознаени со случувањата во Стелантис.

Трошокот за работната сила во Париз или Детроит може да биде и петпати поголем од тој износ.

Западните производители на автомобили се под притисок од забавената побарувачка за електрични автомобили, додека во исто време се борат за поевтино да ги произведуваат своите автомобили.

Тесла и концернот Фолксваген ја скусуваат работната сила и се префрлуваат во земји каде што производството е поевтино.

Притисокот е најголем врз големоволуименските марки. Во исто време, премиум производителите, како БМВ, вработуваат инженери и висококвалификуван кадар во Индија и во други земји.

Стелантис е меѓу поагресивните концерни и во моментов има намера околу две третини од инженерите што ќе работат во компанијата да ги ангажира во земји каде што работната сила е поевтина. Станува збор за долгорочни вработувања, кажуваат луѓе што поради приватноста на разговорите не сакаат да им бидат објавени имињата.

Двигател на промените во Стелантис се моделите како целосно електричниот Ситроен е-Ц3, што чини 23.300 евра и испораките му стартуваат веќе во второво тромесечје.

Произведувањето поевтини возила значи дека компанијата мора да изнајде нови начини да заштеди. Извршниот директор Карлос Тавареш уште во јануари предупреди дека не смее „да се игнорира реалноста на ситуацијата со цените.“

Стелантис годинава ќе претстави 25 нови модели.

По објавувањето на прометот во првиот квартал, акциите на Стелантис неделава изгубија 10,5 проценти од вредноста. Тоа е најголем пад во изминативе четири години, соопшти директорката за финансии Натали Најт, укажувајќи дека добивката во Европа е намалена поради забавената продажба.

„Секогаш постои нов потенцијал кога станува збор за дисциплина околу трошоците,“ кажува Најт. „Ќе продолжиме со оптимизација на трошоците за нашиот работен кадар – тоа е важно и за нашите службеници, а во помала мера, и за нашите работници.“

Засилување на експертизата

Годишната плата на инженерите во САД и Франција се движи во опсег меѓу 150.000 и 200.000 долари, вклучувајќи и бројни повластици, укажуваат познавачи.

Инженери во земји како Мексико, Бразил или Индија, може да работат за 20 до 30 проценти од таа сума, кажуваат извори.

Покрај тоа што се бараат нови начини за штедење, Стелантис ја зајакнува експертизата во подрачја како што се софтвер, вештачка интелигенција и хемија за батериски ќелии, велат претставници од концернот.

Индустријата е глобално игралиште во „длабока трансформација покрај издигнувањето на новите кинески играчи,“ соопштуваат оттаму.

Во седиштето на ограникот на концернот во САД, во Оберн Хилс, Мичиген, Стелантис во минатиот месец отпушти 400 инженери, вклучувајќи и кадар вработен во калибрирањето на возилата, во електрониката и во контролата.

Компанијата во меѓувреме бара инженери што ќе ги вработи во Мексико.

Концернот исто така има намера да вработи дополнителен кадар, покрај близу 4.000 лица што во моментов работат во Бразил, соопшти во интервју Емануел Капелано, оперативен директор за Јужна Америка.

Инженерите, од кои повеќето работат во Бетим, се посветени на глобални проекти, кажува директорот.

Овие промени предизвикаа и проблеми при развојот, како што беше случај со системот за управување за платформата „Смарт кар“, што првично беше развиена од индиската Тата Консалтинг Сервисес, посочуваат изворите.

Десетици француски и италијански инженери морале отпосле да се приклучат во проектот, за да ги решат проблемите, кажуваат упатени лица.

Недостигот од инженерски ресурси доведе до потешкотии и при почетокот на производството во фабриката на Стелантис за пикапи во Стерлинг Хајтс, Мичиген. Тоа го кажува Мајк Спенсер, претседател на работничкиот синдикат УАВ Локал 1700.

Во следните месеци престојат нови отпуштања.

Во потрагата по инженерски и софтверски таленти во земјите во развој, Стелантис ги следи чекорите на конкурентот Рено.

Таму во изминатите години биле скусени околу 1.500 инженерски позиции во Франција, додека во исто време се зајакнуваат тимовите во Романија, Бразил и Јужна Кореја.

Извршниот директор на Рено, Лука де Мео, на скорешниот настан за медиуми го величаше „високото стручно рамниште“ на Индија, во подрачјата како што се клауд-инженеринг, вешптачка интелигенција и самостојно управување.

Овие чекори ги потхрануват политичките тензии. Стелантис се наоѓа под сé поголем притисок во Италија, каде што владата се противи на намерите за укинување илјадници работни места.

Во меѓувреме, вработени во Италија и Франција се пожалија дека мерките на Тавареш за намалување на трошоците довеле до понапорни услови за работа, до несанитарна средина во некои фабрики, недостиг од прибор за работа и недоволно греење.

Неколку советници искажаа критика кон платата на Тавареш од 36,5 милиони евра, што е највисока плата меѓу традиционалните производители, во услови кога се подготвуваат драстични зафати во работната сила.

Претходна објаваСимбиоз е четвртиот компактен СУВ во понудата на Рено
Следна објаваФерари држи традиција со Додичи Чилиндри, наследничка на 812

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here