Четири од секои пет автомобили што Киа ги продала во САД во април се СУВ и тоа е досега најголем удел на оваа категорија возила во продажбата на марката таму. Заслуга за тоа има и новото моделско годиште на луксузната Киа Соренто. Секако дека Спортаж ја предводи продажбата.
Електричниот седумсед со храбар исчекор напред во поглед на каросерискиот дизајн и во изведувањето на кабината, ЕВ9, ги исполни големите очекувања на Киа. Во споредба со истиот месец лани, ЕВ9 придонесе Киа да ја зголеми вкупната продажба на своите ЕВ за 61 проценти и да постави нов априлски рекорд.
Во минатиот месец биле продадени 1.572 примероци од ЕВ9 и вкупно 5.579 во првите четири месеци. Уште подобро се продава спортскиот кросовер ЕВ6, со 2.051 примероци и раст од преку 60 проценти. До април, од овој модел се продадени 6.110 примероци.
СУВ-моделите учествуваат со 81 проценти во вкупната продажба на Киа во САД, односно со вкупно 65.754 продадени примероци во април. Тоа е досега најголем удел на СУВ на марката.
Три СУВ и МПВ модели на Киа имаа најдобар април во историјата: Карнивал (раст од +18%), Телурајд (+5%) и Спортаж (+2%). Новото моделско годиште на луксузниот СУВ-модел Соренто привлече за 24% повеќе купувачи отколку лани во април, а за 11 проценти напредуваше и компактот со класичен погон Форте.
„Импресивниот залет во продажбата што го донесоа ЕВ и електрифицираните модели на Киа во првиот квартал, продолжи да забрзува во април со најдобри достигнувања на ЕВ и СУВ во историјата“, кажува Ерик Вотсон, потпретседател за продажба во Киа Америка. Новиот Соренто веќе стартуваше, а во текот на годинава се очекуваат и новите моделски годишта на Карнивал и К5.
| Модел | Април 2024 | Јан – Апр. 2024 |
| Sportage | 13739 | 51025 |
| Forte | 12360 | 45983 |
| Telluride | 8949 | 34527 |
| Sorento | 8668 | 30912 |
| Soul | 5708 | 18160 |
| Seltos | 5672 | 20455 |
| Carnival | 3588 | 13126 |
| Niro | 3031 | 10506 |
| EV6 | 2051 | 6110 |
| EV9 | 1572 | 5579 |
| K5 | 333 | 7086 |
| Rio | 83 | 1906 |
| Вкупно | 65754 | 245375 |
„Киа продолжува да освојува нови клиенти и да ги задржува верните корисници, понудувајќи им избор на бензинци, хибриди, приклучни хибриди и целосно електричен погон од светска класа“, додава Вотсон.
Не изостануваат и одликувањата. Во изборот на Царс.цом за возила со најдобра противвредност, лимузината Форте и кросоверот Соул ги понесоа првото и второто место во компакт класата, додека ЕВ6 беше трет во конкуренција на е-модели.
Уште повисоки одликувања доби Киа ЕВ9, како најдобар нов автомобил на 2024 година според Ауто Трејдер. Марката четирипати досега имала свој модел во Топ 10.
















