Основачот на компанијата за електрични автомобили Фискер, што првично требаше да биде соперник на Тесла, ја продава својата куќа со поглед на Сансет Стрип за 35 милиони долари. Тоа е повеќе од вредноста на компанијата, што во моментов се обидува да се спаси од банкрот.
Најсовремената резиденција во Лос Анџелес е изградена во 2015 година и според огласот ја нуди „квинтесенцијата на чувството да се живее во јужна Калифорнија“. Меѓу скапоценостите на домот секако спаѓаат и стаклените ѕидови што се вовлекуваат и се отвораат во бесконечен базен.
Месечен наем за 125.000 долари
„Со една од највозбудливите панорамски глетки на Холивуд Хилс, оваа отмена и елегантна градба го отелотворува лускузниот живот во неговата најпрефинета форма“, стои понатаму во огласот. Објектот располага со станбен простор со површина од близу 1.100 метри квадратни, со шест спални соби, осум купатила и со „сите посакувани удобности од светска класа.“
Цената што се бара е за 61 проценти над износот од 21,8 милиони долари, што Фискер и неговата партнерка Гита Гупта-Фискер ја платиле за куќата во 2021 година. Кому тоа му е премногу, може и да ја изнајми куќата – за 125.000 долари месечно.
Нов директор за реструктурирање
Компанијата Фискер Инк е основана од двојката милијардери во 2016 година. Оттаму неодамна предупредија дека во рок од 30 денови може да биде поднесено барање за стечајна заштита, доколку доверителите не ја одложат наплатата на долговите и не се покаже доволна ликвидност, дека фирмата е во состојба да си ги подмири обврските.
Прозводителот чијашто пазарна вредност изнесуваше 33,7 милиони долари, кога во март беше исклучен од њујоршката берза, пред кусо време пропушти да ги плати каматите и назначи стечаен управник.
Фискер во март ги спушти цените за својот електричен автомобил Оушн за 39 проценти, со цел да се поттикне продажбата и фирмата да се одржува во живот. Влијателната организација за заштита на потрошувачите Конзумер Репортс даде добри оцени за дизајнот на возилото, но посочи и на низа „непростливи“ проблеми, што на крајот водат до лошо чувството во возењето.
















