Слаба Германија ја влече европската продажба на ЕВ удолу

Уделот што автомобилите со хибриден и електричен погон го имаат во продажбата во Западна Европа се смалил во првиот квартал. Причината е јасна, откажувањето на субвенциите во Германија, поради длабоката буџетска дупка. Опаднатата продажба на електрични автомобили во земјата произлегува неспоредно како последица од тоа.

Во првото тромесечје од 2024 во Западна Европа се регистрирани 1,56 милион автомобили со алтернативен погон, односно со хибриден или батериски електричен погон. Тоа претставува раст од 13 проценти и учество од 51,3 проценти во вкупниот број на новорегистрирани автомобили.

Големиот пад во бројот на новорегистрирани електрични автомобили во Германија сепак предизвика уделот на возилата со алтернативен погон во вкупниот број на нови регистрирани автомобили да опаѓа повторно – првпат по кризата во 2022 година.

Тоа значи дека повторно расте уделот на возила со обичен мотор со внатрешно согорување, на сметка на електричниот погон. Вината за тоа ја сноси главно Германија, како најголем пазар за автомобили во Европа. Во изминатите години, пазарниот удел на чисто електричните автомобили и приклучните хибриди во земјата беше за едно скалило над останатите европски држави. Тоа време заврши.

Германија првпат се најде на последното место според уделот на возила со алтернативен погон од 43,3 проценти во вкупната продажба. Со тоа, земјата го повлече удолу и просекот на цела Западна Европа. Од 54,7 проценти пазарен удел кон завршетокот на 2023 година, тој во првото тромесечје опаднал на 51,3 проценти.

Постојат повеќе причини

Главната причина за тоа е укинувањето на помошта што државата им ја овозможуваше на возачките и возачите за поевтино да купат електричен автомобил. Откако субвенциите нагло беа прекинати во декември, бројот на нови регистрирани автомобили со електричен погон во Германија е намален значително.

Така се одвиваше продажбата на возила со алтернативен погон во Западна Европа во споредба со возила со обичен погон од 2015 година наваму, по квартали

На тоа се надоврзуваат и други причини:

  • „Раните усвојувачи“ веќе имаат купено е-автомобили. Купувачите што сега остануваат да купат електричен автомобил, не се љубители на погонот, и главно гледаат автомобилот да има колку е можно поголема корисна вредност.
  • Производителите лани ги доработуваа нарачките за возила што беа насобрани во времето на кризата со микрочипови, и како последица од тоа сега пазарот се нормализира.
  • Купувачите ги плаши опаѓањето на вредноста на возилото. Вистина е дека тоа не е нова тема, но е повеќе застапена откако медиумите објавија дека големи компании за рентакар се откажаа од електричните автомобили – вистинската причина за тоа сепак беа масивните поевтинувања на Тесла, што им ги уништија пресметките на рентакар компаниите, што сега треба да ги продадат возилата поевтино откако ќе им заврши нивниот век на користење во служба на рентакар.
  • Остануваат и познатите проблеми, како недостигот од модели во подостапните ценовни сегменти, разликата во цената со моделите со мотори со внатрешно согорување и недоволната мрежа од полначи.
  • Најавите за нови модели со подобра батерија направија купувачите да чекаат до појавувањето на тие модели.

Нормалните хибриди остануваат популарни

На електричарите им е тешко и во останатите земји. Пазарниот удел во првиот квартал изнесуваше само 14,2 проценти, што е најмнал пазарен удел од вториот квартал во 2022 година наваму. Највисок пазарен удел на ЕВ има Норвешка со 90,2 проценти, а најнизок удел Италија со 3,0 проценти.

Приклучните хибриди со 8,0 проценти го имаа најслабиот пазарен од првиот квартал 2023 наваму. Чисто електричните автомобили и покрај нивната слабост во моментов, веќе со години се продаваат подобро од приклучните хибриди. Субвенциите за ПХЕВ во Германија, како најголем пазар, беа укинати порано отколку кај ЕВ, а друг проблем е тоа што досегот обично не им е посебно долг, затоа што поради двојниот погон тие се претешки.

Наспроти тоа, хибридите и натаму уживаат висока популарност. Со пазарен удел од 29,1 проценти, тие го подобрија дури и рекордот што беше поставен еден квартал порано. Тие имаат највисок удел во Италија (38,2%), а најнизок во Норвешка (4,6%).

Во само шест земји (Норвешка, Холандија, Данска, Шведска, Белгија и Португалија) е-автомобилите се први, во сите останати хибридите без приклучок за полнење се најпродаван алтернативен вид на погон.

Видеото од тестот на електричната Шкода Ениак Купе

Претходна објаваНова батерија ќе му го продолжи досегот на електричниот Фиат 500
Следна објаваЕвропски суд на ревизори: „Е-горива и био-горива не се решение“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here