
Најдобро изрекламираниот автомобил во поновата историја, откако Рим се побуни за името на новата Алфа Ромео, што требаше да биде Милано, првпат се појавува пред јавноста токму на настан од светско значење во Милано.
Таа не смее да го носи името Милано, затоа што се произведува во Полска, а Рим не дозволува производ што е изработен во странство да носи италијанско име. „Чуден“ след на околностите е тоа што Алфа Ромео Јуниор своето прво појавување пред светската публика го има токму во Милано. Од друга страна, следот на околностите е сосем природен – Алфа Ромео Милано да има премиера во Милано.
Метрополата на северот на Италија цела седмица ќе биде во знакот на дизајнерската недела. Од тие причини, Алфа го избра овој настан од светско значење за првпат да ја прикаже својата Јуниор пред јавноста. Несудената Алфа Ромео Милано, сега Јуниор, се појави во бутикот на луксузната модна марка Ларусмиани во престижната улица за шопинг Виа Монте Наполеоне.
Ненадејното менување на името се случи пред два дена, откако десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони реагираше што автомобилот произведен во Полска, носи име на италијански град.
Јуниор доби одлична реклама и сé повеќе се стекнува впечаток дека целата оваа италијанска претстава е вешто изрежирана од управата на Алфа Ромео. Новиот модел не се вика Милано, но затоа носи име што значи многу во историјата на миланската марка. Сосем е извесно дека во Алфа Ромео уште при првото објавување на името на својот нов модел, што се случи лани, беше утврдено „резервното“ име Милано.















