
Производството во фабриката во Барцелона, што Нисан ја затвори во 2021 година, ќе почне подоцна во текот на годинава.
Кинески Чери Ауто потпиша договор за основање заедничка компанија со шпански ЕВ Моторс, со цел да се произведуваат автомобили во порнашената фабрика на Нисан во Барцелона.
Чери, помлад партнер во заедничката компанија, прв ќе почне да ги произведува моделите од својата марка Омода во фабриката, додека ЕВ Моторс, како мнозински акционер, ќе отпочне да ги произведува сопствените модели во последното тромесечје од годинава, соопшти шпанската компанија во вторникот.
Потпишувањето на договорот ќе се случи на настан што е закажан за петок, во Барцелона.
„Го гледам овој чекор како потврда дека Чери е посветен на Европа. Оваа одлука докажува дека Чери е дојден за да остане,“ кажа Јохен Титинг, директор на Чери Европа.
Шпанските власти не соопштија дали им понудиле јавна помош на Чери, иако каталонските власти кажаа дека имаат намера да ја финансираат обуката на поранешните вработени во фабриката на Нисан, за на тој начин да се постигне побрза транзиција.
„Доаѓањето на Чери во Барцелона ќе помогне Каталонија да остане еден од најважните производители на автомобили,“ изјави Роџер Торент, претседател на локалната стопанска комора, кој неодамна имаше средба со директорите на Чери во Кина.
Чери уште во 2022 година покажа интерес за поранешната фабрика на Нисан, потсетуваат регионалните власти.
Дел од фабриката им припадна на шпанскиот производител на електрични мотоцикли Сајленс и на локалните инженерски групи Кју-Ај-Ви и ЕВ Моторс. Вториве планираа фабриката да ја претворат во центар за производство на електрични возила.
ЕВ Моторс во март целосно стекна контрола врз фабриката и имаше клучна улога во преговорите со Чери.
Планирани се шест модели
Продажбата на Чери во 2023 година се зголеми за 53 проценти, на 1,9 милион возила, објави производителот на 2-ри април. За извоз заминале 93.148 возила.
Во Европа, Чери во моментов стартува со продажба на компактниот кросовер Омода 5, нивен бестселер во Кина и најизвезуван модел. Подоцна годинава ќе следи Џејку 7, конструиран врз истата платформа.
Омода 5 користи 1,6-литарски бензинец и стартува под 30.000 евра, односно под 40.000 евра во целосно електричната изведба.
Европската понуда од двете марки на Чери ќе се зголеми на чест модели и пет погонски варијанти до завршетокот на 2025 година, објави производителот на 2-ри април.
Планот на Шпанија за електрични автомобили
Шпанија, втор најголем прозиводител на автомобили во Европа, по Германија, отпочна амбициозен план во 2020 година, со цел да ги привлече производителите на електрични возила и батерии во земјата, користејќи ги фондовите на ЕУ за излез од кризата по пандемијата. Оттогаш инвестиции имаат најавено уште Фолксваген и Рено.















