Уште еден круг освежување за Г-Класа, како подготовка за чувствителниот, но неминовен момент. Мерцедес наскоро ќе ја претстави пред светот првата електрична Г-Класа. Фејслифт, што не е фејслифт.
Заљубениците во Мерцедес и во автомобилскиот свет воопшто знаат дека годинава треба да сметаат на електрична Г-Класа. Традиционалниот производител сепак ѝ посветува внимание прво на изведбата на Г-Класа со мотори, од видот со којшто теренецот на луксузната марка изгради култ.
Швабите (Швабија е регионот меѓу Шварцвалд и Боденско Езеро, каде што припаѓа Штутгарт) во средината на април ќе ја прикажат целосно електричната Е-Кју изведба од автомобилскиот диносаурус, што ќе се случи на салонот во Пекинг. Пред тоа, менаџерите решија дека е добра одлука прво да ѝ посветат внимание на класичната изведба, со мотор под хаубата.
Исто како и во последните четири децении, однадвор не се распознава дека има големи зафати во изгледот. Најмногу што е сменето во неодоливата коцкеста каросерија е тоа што сега во маската има четири, место три ламели – освен во АМГ, каде што е друга приказна.
За Г-Класа барем малку да му олесни на воздухот да струи околу каросеријата, предните столбови се сменети, односно се заоблени. Има и мал спојлер горе. Тоа може да се забележи само одблизу, па и тогаш на втор поглед.

Многу е поголем обемот на промени во кабината и под хаубата. На Г-Класа ѝ се случи уште понапредна дигитализација, со екрани што сега се дел од кокпитот. Во теренецот работи најновото издание на системот за комуникација со возилото МБУКС.
Дизајнерите ја расчистија и средишната конзола и направија простор за климатизирани држачи за чаша и за новите УСБ-приклупоци. За патниците што не се толку импресионирани од теренските способности на Г-Класа, на задната клупа сега се вградува целосниот систем за забава од С-Класа.
Нема повеќе осум цилиндри во Г 500
Кај моторите е направена „мала“ отстапка како вовед за електричната Е-Ку-Ге, и додаден им е стартер-генератор со моќност од 20 КС и вртежен момент од 200 њутнметри, односно изведени се како благи хибриди.
Додека фановите на дизелот ќе се радуваат на новиот Г 450д, што мери 367 КС и за десет проценти повисока моќност од Г 400д, за фановите на Г 500 нема толку добри вести. Кај него отсега работат шест место осум цилиндри. За утеха, трилитарецот испорачува 449 КС, 560 њутнметри и забрзува до 210 километри на час.
Осумте цилиндри остануваат кај АМГ. Во АМГ Г 63 и натаму работи осумцилидарец, со 585 КС и 850 њутнметри. Тоа се претвора во спринт до темпо сто за 4,3 секунди и брзина што е ограничена на 240 километри на час.

За да може уште повеќе да се ужива во новата моќност, АМГ добива и ново подвозје. АМГ Рајд Контрол користи хидраулична стабилизација и го држи колосот исправено во свијоци, но во исто време се грижи и за добра тракција при возење по терен.
















