Ниссан се откажа од вложување во Фискер

Фискер ги прикажа своите идни модели на презентацијата што се одржа лани во август.

Проблематичната стартап-компанија за производство на електрични автомобили Фискер, во понеделникот објави дека се прекинати преговорите со неименуван голем производител на автомобили, што требаше да вложи многу во компанијата и да ја спаси од пропаѓање.

Берзата во Њујорк најави дека ќе ги тргне од листа акциите во стартап-компанијата за производство на електрични автомобили Фискер, поради „ненормално ниска“ вредност на истите.

Акциите на компанијата паднаа за 29 проценти, на вредност од само 8 центи по акција, по затворањето на берзата во понеделникот. Тргувањето со акциите во Фискер е запрено, во очекување на објавата.

Во случај Фискер да биде тргната од берзанската листа, од компанијата ќе се бара да ги понуди на продажба своите 2,5 проценти неосигурани конвертибилни обврзници што доспеваат во 2026 година и воедно ќе се активира хипотеката за осигураните обврзници што доспеваат за 2025 година.

„Во моментов не располагаме со доволна резерва од готовина или извори на финансирање што ќе ги покријат сите барања што доспеваат во 2026 или во 2025 година, и како последица, тие настани би можеле да имаат негативно влијание врз нашиот бизнис, врз исходот од нашето делување и нашата финансиска состојба,“ соопштуваат од Фискер.

Нисан беше во напредни преговори за да вложи во компанијата. Доколку беше постигната зделката, тоа ќе беше траен финансиски спас за стартапот за електрични возила, што беше во постојан недостиг од пари. Повеќе медиуми објавија за тоа. Фискер не го соопшти името на „големиот производител на автомобили“, со којшто се водеа преговорите.

Извесниот банкрот на Фискер ќе биде втор неуспешен стартап на Данецот Хенрик Фискер, што ја започна својата кариера како автомобилски дизајнер и извесно време мина како советник во Тесла.

fisker ocean vozenje
Фискер Оушн

Неговиот претходен обид, Фискер Аутомотив, стана жртва на финансиската криза во 2008 година и објави банкрот во 2013 година, и покрај тоа што доби 192 милиони долари заем од Министерството за енергија на САД.

Најновиот проект на Фискер беше основан во 2016 година и се појави на берзата преку спојување со т.н. бланко чек фирма, со вредност од 2,9 милијарди долари.

Поради низа проблеми во ланецот за набавка и потешкотиите во обезбедувањето средства, вредноста на Фискер спадна на помалку од 100 милиони долари.

Голема е извесноста дека Фискер ќе поднесе барање за стечајна постапка

„Не можам да кажам дали тоа ќе се случи во следната недела или во следната година, но неизбежно е дека тоа ќе се случи“, коментира Томас Хејс, претседател на инвестицискиот фонд Грејт Хил Капитал, околу сé поголемата веројатност дека компанијата ќе поднесе барање за поведување стечајна постапка.

Стартап-компаниите со електрични автомобили, што постигнуваат премала заработка за да можат самостојно да го зголемат бројот на произведени возила и истите да им ги испорачаат на купувачите, се соочуваат со проблеми да најдат инвеститори. Уште потешко е во услови кога конкуренцијата постојано се вжештува и во исто време слабее економијата.

Акциите на Фискер годинава изгубија повеќе од 90 проценти од вредноста, откако стартап-компанијата во февруари објави дека се соочува со проблеми и ги запре инвестициите за своите идни модели, впуштајќи се во потрага по сигурно партнерство со голем производител на автомобили.

Во почетокот на годинава, компанијата се префрли на начин на продажба во којшто дилерите станаа партнери на Фискер, откако поради проблеми во снабдувањето со компоненти испорача помалку од половина од возилата произведени во 2023 година.

Фискер се реши за различна стратегија од Тесла и од останатите стартап-компании со електрични возила, со тоа што препушти добавувачот на компоненти за автомобилските фабрики Магна да врши монтажа на возилата, место капиталот да го вложи во изградба на сопствена фабрика.

Фискер Оушн им конкурите на Тесла Модел Ипсилон и на сé побројната низа од електрични СУВ-модели од средна класа, како Фолскваген ИД.4

Претходна објаваПоранешни дизајнери на Мерцедес и БМВ ќе ги цртаат новите модели на Киа
Следна објаваСцени од фабриката на Шкода: Како се вградува таблата со инструменти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here