Поранешни дизајнери на Мерцедес и БМВ ќе ги цртаат новите модели на Киа

Електричната Киа ЕВ6 во македонскиот салон на Киа

Со центрите за дизајн на Киа во Европа и Кина ќе раководат нови шеф дизајнери. Така марката уште повеќе им се посветува на различните региони, но пак во согласност со својот пристап „обединети спротивности“.

Корпорацијата Киа објави дека ги назначила Оливер Самсон и Сонгмо Лим, за раководители на центрите за дизајн на Киа во Европа и во Кина, соодветно. Со претходно искуство во Мерцедес и БМВ, и уште бројни марки, двајцата нови дизајнери почнуваат со работа на 1-ви април.

Мисијата на новите дизајнери е изгледот на новите модели на Киа за европскиот и за кинескиот пазар да го обликуваат во согласност со пристапот што корејскиот производител го нарекува „обединети спротивности“. Главната замисла на тој пристап е да се спојат убавината на природното со предностите на технолошкото.

Самсон и Лим ќе го водат дизајнот на идните модели на Киа, на концептните автомобили, но и на материјалите и на секаков дизајн со којшто марката настапува пред своите купувачи и корисници. Тие ќе бидат одговорни пред главниот центар за дизајн на Киа во Намјанг, Кореја. Таму се решава за сите прашања околу дизајнот, од планирањето и концептот, до стилизирање, моделирање, избор на бои и материјали.

Глобалниот шеф за дизајнот на Киа, Карим Хабиб, кажува по повод изборот на новите дизајнери за Европа и Кина: „Посебно сум одушевен да ги поздравам Сонгмо и Оливер на нивните нови раководни позиции во дизајнерскиот тим на Киа. Со обединување на разновиден тим од талентирани индивидуалци со единствени перспективи, можеме вистински да ја отелотвориме филозофијата што стои зад Обединети Спротивности, што ќе ни помогне да постигнеме вистински инспиративен и влијателен дизајн.“

Оливер Самсон ја отпочнал својата кариера како дизајнер за надворешност во европскиот центар за дизајн на Киа, и по претходната работа во својство на шеф за иновативен дизајн во европскиот центар за дизајн на кинески Чанган во Италија, тој сега се враќа во марката. Самсон има работено и на дизајнот на Нио, а има и повеќе од еднодецениско искуство во Мерцедес-Бенц.

Неговиот кинески колега, Сонгмо Лим, доаѓа во Киа од местото на заменик главен дизајнер за иновативност во Џили Аутомотив. Тој исто така има повечќе од еднодецениско искуство во германска премиум марка, во БМВ. Тој е добитник на неколку награди за дизајн, меѓу кои иФ Дизајн Аворд и златна германска награда за дизајн. Лим ќе раководи со центарот за дизајн во Киа, каде што воедно ќе има улога во преоѓањето на Киа во понудувач на сите видови на одржлива мобилност.

Дизајнерскиот пристап на Киа, наречен Обединети Спротивности, се темели врз пет столбови – нагласок на природното, уживање со причина, моќ да се напредува, технологија за живот и напнатост за опуштеност. Станува збор за филозофија на дизајн што експертите ја поздравуваат и за којашто имаат доделено бројни награди. Модели што го прикажуваат новиот правец се електричните Киа ЕВ6 и ЕВ9.

Претходна објаваШефот на БМВ вели дека заканата од Кина е преценета
Следна објаваНиссан се откажа од вложување во Фискер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here