Тоа може да прерасне во нов тренд, како што впрочем му успевало многупати на Мерцедес-Бенц. Место моќноста да продолжи угоре, новиот тренд може да биде проширување на основата на понудата. Моќното и луксузно купе АМГ ГТ, добива изведба со 4-цилиндарскиот дволитарец од А 45 АМГ.
Мерцедес за новата изведба на АМГ ГТ 43 Купе вели дека тоа е „елегантно уживање во возење за пуристи“. Голем и престижен модел, со мотор од А и Ц-класа. Заден погон и 421 КС/500 њутнметри звучат повеќе од доволно добро, а два литри и четири цилиндри може и да се занемарат, ако се умее да се разбере како денес се одвиваат нештата во светот.
Доаѓањето на „основната“ изведба во гамата на АМГ ГТ е многу поголема работа, отколку впуштање во критика дека Афалтербах ете вградил „евтин“ мотор во скапиот автомобил. Тоа секако не е евтин мотор, туку е најсилниот и технички најспособен четирицилиндарец во историјата на светот. Доколку сето тоа резултира со цена што ќе биде 50.000 евра под топ-моделот ГТ 63 АМГ со неговите 200.000 евра, тогаш целата мисија е јасна.
АМГ спомнува „поволна распределба на тежината“ и „динамични возни својства“, упатувајќи кон компактниот и лесен мотор
Секако дека тоа не се „само 4 цилиндри“. Дволитарецот користи електричен турбополнач, што потекнува од Ф1 и се вградува во низа топ-модели на Мерцедес. Намерата е да се постгигне силно повлекување уште од најниски вртежи, додека класичниот турбо-компресор уште се нема разбудено. Напојувањето со струја е преку 48-волтната мрежа, во којашто е главен стартер-генераторот. АМГ 43 ГТ е благ хибрид.

Михаел Шибе, директор на АМГ, објаснува како Афалтербах гледа на новиот модел: „Тој јасно се распознава како ГТ, но значајно се разликува од останатите модели. Тој е наменет за клиентки и клиенти што го сакаат дизајнот и ставаат нагласок на елеганцијата, без да сакаат да се откажуваат од уживање и возна динамика.
Спринтот до темпо сто трае 4,6 секунди, крајната брзина е 280 км/ч. Толку од четирите цилиндри

Деветстепениот менувач со двојна спојка користи влажна спојка, место класичен претворач на вртежен момент, заради пониска тежина и помала инерција. Во програмите Спорт и Спорт+, менувачот изведува меѓугас, што внесува класична нота во сета оваа техно средина.
Задниот спојлер не отсуствува и дел е од сложената активна аеродинамика, што го подигнува спојлерот над 80 км/ч, заедно со други мерки. Спојлерот се мести под пет агли, зависно од условите на возење.

Како АМГ-модел, секако дека системот за сопирање не остава простор за резерва: Предните дискови имаат димензија 390 х 36 милиметри, со шестклипни сопирачки клешти, димензијата назад е 260 х 26 милиметри. Исто како и во деловите од суспензијата, така и во сопирачките се направени бројни чекори за тежината да се сведе на најмала можна мера.
Опција е управувана задна оска, исто како и приспособлива амортизација. Стандард е АМГ Динамик со програми Комфор, Спорт, Спорт+, Индивидуално и Лизгав пат, на коишто со доплата за Динамик Плус им се придружуваат програми за возење по тркачка патека.
















