Производството на автомобили во Кина лани повторно порасна за околу десет проценти. Растот отиде главно на контото на домашните производители, додека повеќето странски компании беа во длабок минус.
Кина во моментов е пазар на којшто постои најжестока конкурентска битка меѓу производителите на автомобили. Преоѓањето на електрични возила и засиленото темпо на домашните производители на електрични возила ги става странските производители под голем притисок.
Тоа го покажуваат и податоците за производството во цела 2023 година од агенцијата Марклајнс, коишто екскузивно ги објави гласникот на германската автоиндустрија Аутомобилвохе. Додека годишното производство порасна за 10 проценти, на 26,1 милиони возила, голем број од западните производители мораа значително да го скусат производството во земјата.
Со вкупно произведени 3,1 милиони возила, концернот Фолксваген повторно изби на првото место како најголем производител на автомобили во Кина, меѓутоа предимството пред домашниот БИД е незначително.
Двата концерни се движат во спротивни насоки. Додека гигантот од Волфсбург произведе три проценти помалку возила, БИД го зголемил производството за дури 60 проценти, на повеќе од три милиони автомобили.
Производство и извоз на патнички автомобили од Кина
во милиони примероци
| Производител | 2023 г. | за извоз | 2022 г. | за извоз |
| Фолксваген | 3,060 | 0,017 | 3,160 | 0,0 |
| БИД | 3,034 | 0,234 | 1,876 | 0,056 |
| Џенерал Моторс | 2,021 | 0,311 | 2,473 | 0,329 |
| Џили Холдинг | 1,985 | 0,329 | 1,662 | 0,235 |
| Тојота | 1,750 | 0,0 | 1,840 | 0,0 |
Извор: Марклајнс
Западните производители во минус, кинеските во плус
Двата концерни се најверни примери за трендовите што се одвиваат на кинескиот пазар. Џенерал Моторс, Тојота, Хонда, Рено Нисан Мицубиши, како и Киа Хјундаи, главно имаа силен пад во производството во земјата. Единствени исклучоци се Тесла, како и двата премиум производители, Мерцедес и БМВ. Овие три концерни лани ја зголемиле продукцијата на возила.
Сосем е различно кај кинеските производители. Само неколку од нив, како Донгфенг (-24 проценти) и групацијата Серес (минус 11 проценти) – двата со маргинален увоз и на македонскиот пазар – морале да го скусат производството. Затоа, пак, повеќето домашни производители пораснаа за двоцифрени вредности: Чери (+48 проценти), САИЦ (плус 20 проценти) и Џили (плус 19 проценти, наскоро ќе продава и во Македонија). Тие главно го зголемија извозот.
Кинезите се мошне силни во Русија, а постепено се пробиваат и на европскиот пазар. Најголем извозник е Чери. Од вкупно произведени 1,7 милион возила, за извоз завршиле 900.000 примероци. Чери уште е слабо прифатена марка на македонскиот пазар.
















