Европските производители на автомобили се подготвуваат за побавен раст годинава, откако продажбата во декември падна првпат во последните 17 месеци. Главната причина е во тоа што побарувачката за електричните автомобили забави.
Бројот на новорегистрирани возила опадна за 3,8 проценти, на 1,05 милион возила во декември, на пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК. Европското здружение на производители на автомобили ги објави податоците во четвртокот.
Продажбата се намали за близу една четвртина на најголемиот пазар за автомобили во Европа, во Германија, откако властите ја укинаа помошта за купување електрични автомобили.
Растот на останатите пазари не успеа да компензира за падот на германскиот пазар.
Зголемените камати, бавната економија во делови од Европа и песимизмот околу електричните возила ги ги заматуваат предвидувањата на браншата.

Блумберг Интелиџенс предвидува дека пазарот во 2024 година ќе се зголеми за 5 проценти, наспроти растот од 14 проценти што беше постигнат во минатата година. Се верува дека тоа ќе доведе до намалување на цените на возилата и ќе ја скуси добивката на производителите на возила, објавуваат аналитичарите на Бернштајн.
„Натрупаната побарувачка почна да слабее,“ објави неодамна аналитичарскиот тим на Даниел Реска. Дилерите и производителите „наскоро ќе се соочат со полната сила на забавената побарувачка.“
Тесла неделава ги скуси цените за својот најпродаван Модел Ипсилон на повеќе пазари, меѓу кои Германија, Франција и Норвешка.
Фабриката на Тесла во близина на Берлин планира привремено да го запре производството на возила, поради нарушувања во снабдувањето што се предизвикани од нападите врз бродовите по Црвеното Море.
Претходно и Ауди најави дека ќе го одложи стартот на новите електрични модели.

Големиот пад во Германија, каде што продажбата на електрични автомобили речиси се преполови во минатиот месец, го поништи растот што беше постигнат на останатите пазари, како Британија, Шпанија и Франција.
Во европски рамки, продажбата на електрични возила лани се зголеми за 28 проценти, меѓутоа имаше и пад од 25 проценти во декември, кога беа продадени 205.980 возила. Помалку возила на струја се продадоа и во Шведска, Холандија и Хрватска.
Европската Унија го имаше првиот пад во месечната продажба на електрични возила по април 2020 година, во екот на пандемијата.
Постојат и причини за оптимизам. Претседателката на Европската Централна Банка, Кристина Лагард, неделава излезе со најава дека во текот на летото е „веројатно“ да се смалат каматите, и со тоа се подгреваат надежите дека ќе се намалат трошоците за кредит.

Во Италија, каде што во декември беа регистрирани за 6 проценти повеќе возила, владата има намера да издвои 930 милиони евра, со цел да се забрза продажбата на електрични автомобили.
Производителите воедно се натпреваруваат да понудат попривлечни возила. Бран од 35 нови батериски електрични возила следи во текот на годинава, со којшто на купувачите ќе им се понудат подостапни електрични модели. Тоа на производителите ќе им овозможи да ги зајакнат своите позиции на пазарот, ценат аналитичарите на Бернштајн
Вкупната продажба на возила во Европа во минатата година се зголеми за 14 проценти, на 12,85 милиони возила.
















