Шведска фабрика за батерии подигна пет милијарди долари кредит за проширување на погоните

Шведскиот производител на батерии Нортволт подигна кредит во вредност од 5 милијарди долари, што е најголема зелена позајмица во Европа. Компанијата планира да ја прошири својата фабрика за батерии за електрични автомобили во северна Шведска.

Нортволт сега има обезбедено повеќе од 13 милијарди долари во сопствен капитал и заеми, за да го прошири својот бизнис во Шведска, Полска, Германија, САД и Канада.

Новиот заем, којшто вклучува и рефинансирање на долг од 1,6 милијарда долари подигнат во 2020 година, го обезбедува група од 23 комерцијални банки, заедно со Европската инвестициска банка и Нордиската инвестициска банка.

Компанијата претходно направи заем во вредност од неколку милијарди долари од инвеститори, како БлекРок, Канадски пензиски фонд, Голдман Сакс, концернот Фолксваген, Бејли Гифорд, Сведбанк Робур и сингапурски ГИЦ.

Шведската компанија има нарачки вредни преку 55 милијарди долари од низа производители на автомобили и камиони, вклучувајќи ги Волво, Фолксваген, БМВ и Сканија.

Повикувајќи се на неименувани извори, Ројтерс претходно објави дека Нортволт се подготвува за старт на берзата, со вредност на компанијата што може да надмине 20 милијарди долари.

Претходна објаваСикст ѝ откажа на Тесла, нарачува 250.000 возила од концернот на Пежо и Фиат
Следна објаваОпел пред 125 години стана производител на автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here