Бош најави мотор што работи на водород

Само една недела по официјалниот почеток на Бош Мобилити, како независна единица од гигантскиот добавувач на автомобилски компоненти и технологии, Бош ги објави плановите за најразлични гранки на автомобилската индустрија. Најголемото изненадување е мотор што користи водород како погонско гориво.

Германскиот добавувач, освен моторот со погон на водород, на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас претстави и производи што се наменети за електричните и автопилотираните возила, како и ново возачко искуство. Пример за насоката во којашто Бош го развива своето делување е апарат за еспресо, што го подготвува освежувачкиот пијалок во истиот момент кога возачот ќе пристигне дома.

Бош лани најави дека својата групација што е посветена на решенија за мобилност, воедно и најголемата деловна единица на компанијата, ќе ја реорганизира во Бош Мобилити. На тој начин, компанијата ќе ја приспособи својата улога за автомобилската индустрија, што во иднина ќе се темели сé повеќе на софтвер, компјутери и микрочипови во возилата.

Реорганизацијата, почнувајќи од 1-ви јануари, дава поголема слобода за бизнисот со автомобилите во корпоративната структура на компанијата. Очекувањата се дека тоа ќе биде мошне исплатлива деловна единица. Бош Мобилити има цел до 2029 година да достигне промет вреден 88 милијарди долари на годишно ниво.

Бош е најголем добавувач на автомобилската индустрија, со остварен промет од 50,46 милијарди долари во 2022 година.

„ЦЕС ќе стане важна појдовна точка за мене и за мојот тим,“ изјави пред новинарите Пол Томас, претседател на Бош Мобилити Америкас, воочи отворањето на саемот во Лас Вегас.

Компанијата ќе најави нови производи што треба да го подобрат возачкото искуство, да помогнат да се смали емисијата на ЦО2 од камионскиот превоз и да се надминат тесните грла во автономното возење кај електричните автомобили.

Кус преглед на најавите на Бош за саемот ЦЕС во Лас Вегас:

Водороден мотор

Бош има намера во текот на годинава да почне со продажба на својот прв мотор со внатрешно согорување што користи водород како погонско гориво. Компанијата е убедена дека водородот е клучен за декарбонизација на товарните возила, кажа Томас. Водородните мотори со внатрешно согорување користат голем дел заеднички компоненти со дизел моторите и за нив нема потреба од обемна обука на техничарите, како што е случај со батериските електрични и водородните електрични возила (со горивна ќелија). При користење зелен водород, моторот е речиси неутрален во поглед на емисијата на ЦО2, објаснуваат од Бош.

„Кога станува збор за тешки, тешки возила што треба да влечат, тоа не може да се постигне само со електрификација,“ кажува Томас. „Мора да имате погон што располага со слична флексибилност, како бензински или дизел мотор.“

Бош исто така ги доби првите индустриски нарачки за своите први модули од горивни ќелии за водороден погон од производители на камиони во Европа, САД и Кина.

Преоѓањето на Бош кон водород е дел од светскиот тренд за вложување во водородот. САД, на пример, вложуваат 7 милијарди долари во изградба на регионални центри за чисто производство на водород. Бош е можно да учествува во тие центри, најави Мајк Мансуети, претседател на Бош за Северна Америка.

„Наша цел е да придонесеме за изградба на економија на чиста енергија во Северна Америка. Тоа е подрачје во коешто можеме да помогнеме со нашите искуства во производство и складирање водород,“ пишува Мансуети во соопштението.

Автоматско полнење електрични возила

Бош тестира технологија за автоматско паркирање, којашто беше најавена уште на ланското издание на ЦЕС. Новината годинава е во тоа што сега е додадено и автоматско полнење на батеријата на електричните автомобили. Станува збор за заеднички проект со Кариад, огранок на концернот Фолксваген. Тестирањето се одвива во фабричката гаража на Кариад во Инголштат, Германија.

Volkswagen пушта роботи-полначи до електричните автомобили
Volkswagen пушта роботи-полначи до електричните автомобили

Технологијата овозможува возило без возач да се движи до слободното место за паркирање во гаражата, коешто располага со полнач. Откако возилото ќе се доведе до местото, доаѓа робот што го отвора поклопецот и го приклучува кабелот за полнење. Кога полнењето ќе заврши, роботот го отстранува кабелот. Возилото потоа се движи самостојно до обично место за паркирање. Со тоа се ослободува местото кај полначот, за друго електрично возило да ја наполни батеријата.


Предноста е во тоа што нема потреба да се ангажира персонал (во хотели, на големи свечености и собири), и возачите воедно се поштедуваат од долго чекање пред полнач, посочуваат од Бош.

„Секој чекор напред во насока на подобрување на комоцијата со електромобилноста, не ја зголемува само нејзината привлечност, туку и прифатеноста,“ кажува Тања Рикерт, членка на управниот одбор на Роберт Бош.

Еден чип за инфо-забавниот систем и за системите за асистенција

Тој го одредува тактот во новиот компјутер за автомобили на Бош. Значително се смалува бројот на контролни единици за различни функции во возилата.

Бош првпат претставува микрочип што соединува функции на инфо-забавен систем, со системи за асистенција, во една единица. Тоа води кон побрза реакција и смалена потрошувачка на енергија. Микрочипот беше најавен во мај.

Овој единствен микрочип, што се нарекува „систем он чип“, во исто време извршува најразлични функции и за инфо-забавниот систем, и за системите за асистенција. Како пример, истиот чип е одговорен и за автоматско паркирање и задржување во лента, и за навигација и гласовно управување. Единствениот чип бара помалку простор и помалку кабли.

Бош очекува во 2026 година да оствари промет од 3,3 милијарди долари од компјутери за автомобили. Се предвидува дека целиот пазар ќе достигне вредност од 35 милијарди долари до 2030 година.

Претходна објаваФолксваген ќе вградува Чет ГПТ во Голф, Тигуан и ИД.4
Следна објаваКиа в година почнува со продажба на електрично комбе, безгранична приспособливост

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here