Киа развива серија модуларни електрични возила што ќе се одликуваат со најразлични можности за товарање и влечење товар, наменети за користење како доставни возила или за превоз на лица.
Новата серија е дел од стратегијата на Киа за мобилноста во иднината и се води како Платформ Бијонд Виакл (ПБВ). Тоа е воедно и ново деловно подрачје во рамките на корпорацијата Киа.
Јужнокорејскиот производител на салонот ЦЕС во Лас Вегас прикажа три концепти, ПВ5, ПВ7 и ПВ1. Четвртиот прикажан концепт е ПВ5 Хај Руф, како изведба на ПВ5.
Целата деловна единица ПБВ ќе се темели врз моделот ПВ5. Доставното возило ќе почне со продажба во 2025 година, на сите пазари. Тоа е едно од 15-те електрични модели, што Киа вети дека ќе ги пушти на пазарот до 2027 година.
Новата деловна единица исто така планира да се посвети на интеграција на возила, софтвер и развој на „идни технологии“, за коишто Киа не најавува подробности.
ПБВ ќе работи на визијата „да се излезе од традиционалните концепти на автомобилите, за да може да ги исполни различните потреби на широк круг купувачи и организации, со возила и услуги што се скроени точно за одреден пазар и за одредени бизниси“, кажува извршниот директор Хо Сунг Сонг во денешното соопштение од Киа.
Основа е софтверот
ПВБ-бизнисот на Киа ќе се базира врз принципот на софтвер-за-сé, што ќе го користи и сестринската Хјундаи. Оваа стратегија, означена како Ес-Де-Икс, исто така доживеа премиера на салонот за технологија ЦЕС во Лас Вегас.
Компанијата има замисла за систем за транспорт и инфраструктура, што се темели врз софтвер, мрежно поврзување и постојано учење, со цел да се подобри ефикасноста.
За своите ПБВ-возила, Киа планира софтвер што ќе биде наменет за инфо-забавните системи во возилото, за менаџирање со возните паркови на големите компании и за полнење на батеријата.
Што е тоа што нé движи
Корисниците на ПБВ ќе можат да го користат софтверот во возилото за да направат увид во продажбата на стоката што тие ја нудат, во залихите и во испораките. Понатаму, софтверот ќе се користи и за планирање на рутата на возење. Тој навремено ќе укаже кога на возилото ќе му претстои сервисирање, за да се скуси времето кога возилото не ќе може да се користи. Секако дека софтверот ќе биде основа и за одредување на времето за полнење, со земање предвид дали наполнетоста на батеријата е доволна за одредена рута што треба да се извози, за батеријата да не мора да се полни до крај.
За да го шири бизнисот со ПБВ, Киа веќе има договорено соработки со бројни јужнокорејски компании, како што е сајтот за е-продажба Купанг, со СиЏеј Логистикс, потоа со апликацијата за споделување возење Какао Мобилити, исто како и со Убер и со Дубаи Такси Корпорејшн.
Модуларна конструкција на возилото
Моделите ПБВ користат една и иста шасија, но затоа врз неа може да се постават најразлични каросериски надградби. Надградбата се врши зад фиксната кабина, што Киа ја води како зона за возачот.
Модулите, односно каросериските надградби, се прицврстуваат за основата со тоа што Киа го нарекува „динамична хибридна технологија“. Идејата е надградбите да бидат заменливи лесно и брзо. Како пример, едно ПБВ може дење да се користи како такси, а ноќе како возило за достава.
Киа ја гради фабриката во којашто ќе се произведуваат ПБВ-возилата во Аутоланд Хвасон, Јужна Кореја. Почетокот на работата е планиран за 2025 година, со продукција од 150.000 возила годишно.
План во три чекори
Првиот чекор од стратегијата со ПБВ вклучува три изведби на ПВ5, коишто ќе се користат за превоз по повик, за достава и за други деловни намени.
Во иднина ќе бидат достапни повеќе изведби на ПВ5, вклучувајќи База, Ван, Висок Покрив и Само Шасија.
Меѓу заедничките компоненти што ќе ги делат сите возила ПБВ се широките врати што лизгаат долж каросеријата, со цел да се избегне средишен столб, што би пречел при товарење или влегување во возилото. Внатрешноста ќе биде просторна, со рамен под и мазни површини, благодарение на долгото меѓусокино растојание и самиот електричен погон што одзема малку простор.
ПВ5 вклучува екосистем што овозможува размена на податоци и функции. Киа кажува дека унапредената конективност има за цел, менаџерите на возните паркови полесно да го оптимираат користењето на возилата. Исто така се овозможува пристап до надворешни податоци, што ќе бидат корисни за поставувањето на рутата и за информации за доставата.
Во првиот дел се планира и роботакси, што се развива заеднички со Моушнал. Тоа е заедничка компанија меѓу Киа и Хјундаи, со компанијата за технологија Аптив. Таму веќе се работи на програма за роботизирано такси во Лас Вегас, заедно со компанијата за технологија на транзит Виа.
Посебниот модел за одбележување на 30-годишнината на Киа Спортаж · Технички податоци, опременост, цени за сите модели што се во понуда на македонскиот пазар во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК
Втората фаза предвидува ширење на понудата од ПБВ возила и уште подлабока интеграција на податоците, во којашто ќе се користи платформа што е базирана врз вештачка интелигенција, и што учи од однесувањето на корисниците.
ПБ7 ќе биде најголемото возило во понудата, со попросторна кабина и со досег за подолги патувања.
Најмалото ПБВ-возило е ПВ1, наменето за достава на пратки до врата, со мали димензии, за да се движи и низ тесни улички.
Третата фаза вклучува интегрирани системи на шини и жлебови, со коишто ќе може лесно да се движат предметите во самите возила, но и предмет од едно возило лесно да се префрли во друго возило. ПБВ ќе имаат шини на покривот, на подот и странично во кабината, а некои ќе имаат шини и однадвор. Жлебовите ќе бидат корисни за прицврстување прибор иопрема, на пример звучници или полици.
















