Објавите во коишто се пишува дека Илон Маск е корисник на дрога ги ставија членовите на управниот одбор на Тесла пред предизвик што не им е нов. Управата сега треба да решава, дали да преземе нешто против извршниот директор, што ги изложува менаџерите и акционерите пред голем финансиски и правен ризик.
Објавата на Вол Стрит Журнал во којашто се пишува за историјата на Илон Маск како корисник на рекреативни дроги и за тековното користење кетамин, е најновиот тест за управниот одбор што е полн со привзаници на извршниот директор на Тесла. Повеќето од нив пред помалку од половина година прифатија да вратат 735 милиони долари, поради тужбата којашто ги обвинува дека си земале превисоки плати.
Акционерите лани изразија незадоволство околу плановите за идниот состав на управниот одбор на Тесла, односно главно поради тоа што не беше именуван наследник за Илон Маск. Тие воедно го обвинија Маск дека премногу им се посветил на другите компании. Поради хаосот што тој го предизвика во 2022 година, кога го преземаше Твитер, друштвената мрежа што сега е преименувана во Икс, пазарната капитализација на Тесла во таа година изгуби 672 милијарди долари.
Директорите пред тоа мораа да го преживeат судскиот спор околу неславниот обид на Маск за Тесла да стартува на берзата, исто како и фазата, кога истражувачот на пештери, кој беше ангажиран во спасувањето на еден младински фудбалски тим во Тајланд, тој го нарече педофил. Директорите сведочеа и во постапката околу пакетот за компензации вреден 55 милијарди долари, што тие му го скроија на Маск, како и во парницата којашто спореше кога Тесла за 2,6 милијарди долари ја купи СоларСити, проблематична енергетска компанија управувана од роднини на Маск.
Објавата на Вол Стрит Журнал, во којашто се наведува дека Маск на приватните забави често користел ЛСД, кокаин, екстази и психоделични печурки, дури и не е прв проблем за управниот одбор во врска со наркотиците. По само неколку недели, откако Њујорк во август 2018 објави дека директорите биле загрижени од тоа што Маск користел Амбиен, тој дуваше марихуана на еден подкаст кај комичарот Џо Роган.
Материјал за обвинувања
Управниот одбор на Тесла тогаш не презеде ништо.
Тие го сменија Маск од претседателското место и назначија двајца независни директори, според барањата во спогодбата по обвиненијата за измама. Стивен Дајмонд, предавач за корпоративно владеење на правниот факултет на Универзитетот Санта Клара, цени дека може да се поведат и други судски постапки против Маск, поради користењето дрога.
„Тоа може да им послужи како материјал на обвинителите, доколку незадоволните акционери на Тесла успеат да најдат поврзаност меѓу користењето дрога и неговата позиција на извршен директор“, објаснува Дајмонд. „Одборот на Тесла има обврска да биде загрижен околу овие случувања.“
Elon Musk’s drug use has worried executives and board members at businesses he runs, the Wall Street Journal reported https://t.co/ZqbbPHvQtq
— Bloomberg (@business) January 7, 2024
Иако користењето дрога може да им наштети на останатите компании на Маск, посебно на Спејс Експлорејшн Технолоџис Корп., којашто е договорен изведувач на американската влада, најголемиот дел од неговиот капитал доаѓа од Тесла.
Според индексот за милијардери на Блумберг, акциите на Маск во Тесла и опциите од нивната продажба, вредат 97,6 милијарди долари, односно околу 44 проценти од неговиот вкупен капитал што е проценет на 219,4 милијарди долари.
„Што и да правам, јасно е дека треба да продолжам да го правам и понатаму!“, објави Маск на Икс, коментирајќи дека Тесла и Спекс Икс се највредни меѓу автомобилските компании и компаниите за вселенски истражувања. „Доколку дрогите помогнале со времето да ја подобрам мојата продуктивност, дефинитивно ќе ги земам!“
Составот на управниот одбор
Директори со најдолга служба се Маск, 52, и неговиот помлад брат Кимбал. Двајцата се во одборот од 2004 година. Еден од инвеститорите го критикуваше реизборот на Кимбал, негодувајќи дека Кимбал нема искуство во браншата, а исто и еден од советниците беше загрижен околу објективноста.
Советниците во 2022 година се противеа и на реизборот на Ајра Еренпрајс, финансиер на капитал со ризик што е во одборот од 2007 година. Тие беа загрижени околу сумата на заемот со залог на акциите на Маск и на останатите директори во Тесла, исто како и за случајот кога одборот во 2021 година го одби предлогот за секоја година да се гласа за директорите, иако повеќе од половината од акционерите дадоа глас за тоа.
Покрај Маск, најдолго во одборот е Робин Денхолм, која се придружи во 2014 година и стана претседателка во 2018 година. По неколку недели откако таа беше назначена на високата позиција, што следеше по тужбата на СЕЦ против Маск и Тесла, поради неговите приватни твитови, Денхолм почна да го фали однесувањето на Маск на друштвените мрежи.
„Твитер за голем број од директорите е дел од секојдневниот бизнис,“ кажа Денхолм во интервју во март 2019. „Од мое гледиште, тој го користи умно.“
Четворицата останати директори на Тесла се Џејмс Мурдок, поранешен извршен директор на 21 Сенчри Фокс, потоа Кејтлин Вилсон-Томсон, поранешна кадрова директорка на Волгринс Бутс Алајанс, од 2018 година, и Џо Гебиа и Џеј Би Страубел, кои од лани се дел од одборот. Гебиа е соосновач на Ер Би Ен Би Инк, додека Страубел е соосновач на Тесла.
Elon Musk’s use of drugs—including LSD, cocaine, ecstasy, mushrooms and ketamine—has made some Tesla and SpaceX leaders worry about potential risk to his companies. https://t.co/ZHQip3uPAT https://t.co/ZHQip3uPAT
— The Wall Street Journal (@WSJ) January 7, 2024
Маск има пријателски односи со Мурдок, Гебиа и Страубел. При неговото сведочење во суд во Делавер, за неговиот компензациски пакет од Тесла во 2022 година, извршниот директор одговараше на прашања на адвокатот за неговите неколку заеднички патувања со Мурдок.
Објавите за зависноста на Маск од дроги може привремено да предизвика пад на вредноста на акциите на Тесла, вели Џин Манстер, партнер во Дипвотер Асет Менаџмент. „Мал процент од инвеститорите ќе ги продадат своите акции во следната недела и ќе извршат притисок врз акциите,“ изјави Манстер во неделата. „Повеќето инвеститори нема да бидат загрижени, бидејќи тоа спаѓа во категоријата – ако сакаш да профитираш од Илон, мора да се помириш со неговите контроверзи.“
















