
Пет години по дебито на првиот електричен Порше, спортската марка од Цуфенхаузен за годинава ја планира преработената изведба на Тајкан.
Новата генерација на електричниот Тајкан уште сега фрла сенка врз постоечкиот модел. На тест возење на Нирбургринг, претсериски примерок од новиот модел возеше многу побрзо од претходникот.
Со спортскиот автомобил што користи единствено електричен погон, тест возачот на Порше, Ларс Керн, постави ново најдобро време за електричен Порше на Северниот Јазол, оригинално Нордшлајфе, маратонскиот круг на Нирбургринг. Времето што треба да се земе како репер за следниот електричен модел на Порше што ќе го напаѓа рекордот е 7 минути 7 секунди и 55 стотинки.
Официјално признаеното време е за 26 секунди подобро од последното рекордерско возење во август 2022 година. Тогаш возеше Тајкан Турбо С Спорт со пакет Перформанс. „Времето е сензационално, со тоа Тајкан спаѓа меѓу електричните хиперавтомобили“, коментира Кевин Гик, директор на моделската серија Тајкан.
Повеќе силициум
За споредба: Хрватот Мартин Кодриќ со Римац Невера со 1.914 КС, во август 2023 година го извозе кругот долг 20,832 километри за 7 минути 5 секунди и 298 илјадинки. Тоа е рекордот што уште е важечки за сериски електрични автомобили што се пробале на Нордшлајфе.
Хиперавтомобилот од Хрватска што се произведува во мала серија, побрз е 20 секунди од Тесла Модел С Плејд, на којшто во јуни ѝ беа потребни 7 минути 25 секунди и 231 илјадинки.
Новото најдобро време на Тајкан упатува на заклучок дека во возилото се користи нова батериска и погонска техника. Таа ќе се вградува во врвните изведби во моделската серија Тајкан.
Претпоставка е дека станува збор за новите батериски ќелии што самостојно ги има развиено посестринската компанија Селфорс Груп. Тие се базираат на литиум јон технологија. За анодата се користи поголем удел на силициум, што води кон поголема енергетска густина, а тоа пак води кон повисока моќност и поголем досег.
Сериското производство на батериските ќелии се очекува да отпочне во сопствената фабрика во Тиринген кон средината на 2024 година.
Целото видео од рекордерското возење, Порше ќе го објави кон средината на март, веројатно кусо пред премиерата на новиот Тајкан.















