Дачиа Сандеро со голем раст во продажбата, но конкуренцијата не следи

Дачиа Сандеро е на пат да го освои насловот на најпродаван модел во јуни, по целосното собирање на податоците од продажбата во Европа.

На градските автомобили некогаш им припаѓаше најголем дел од пазарниот колач во Европа. Нивниот удел во минатата година продолжи да се смалува, меѓу другото и поради тоа што понудата од батериски електрични модели е помала, во споредба со останатите класи. Побарувачката исто така.

Од јануари до ноември, продажбата на градски автмобили во Европа порасна за 6,8 проценти и достигна 1,8 милион возила. Наспроти тоа, целиот автомобилски пазар во регионот напредуваше за 16 проценти.

Високата побарувачка за Дачиа Сандеро, лидер на сегментот, со раст од 19 проценти во продажбата и вкупно продадени 217.244 возила, исто како и за третопласираниот модел, Рено Клио, со раст од 44 проценти, не успеа да надомести за падот во продажбата на два силни модели во сегментот – на Пежо 208 и на Тојота Јарис, којашто од 3-то место лани, се најде на петтото место годинава.

Градските автомобили во целина не успеаја да држат чекор со кросоверите и СУВ-моделите. Нивниот сегмент сега е трет најголем сегмент на европскиот пазар, по градските и компактните СУВ-модели. Кај последниве, продажбата напредуваше за 15, опдносно за 19 проценти соодветно, во периодот од јануари до ноември.

Важни модели си заминаа од пазарот

Слабиот напредок на сегментот на градските модели се должи на отсуството на два важни модели: Форд Фиеста и Нисан Микра.

Најпродавани градски автомобили во Европа

 
1 Дачиа Сандеро 217,244 19%
2 Пежо 208 184,105 −5.6%
3 Рено Клио 181,675 44%
4 Опел Корса 176,512 17%
5 Тојота Јарис 146,130 −8%
6 Ситроен Ц3 135,860 1.5%
7 ФВ Поло 125,766 19%
8 Шкода Фабиа 77,116 −2.8%
9 Форд Фиеста 67,267 −0.5%
10 Хјундаи и10 63,084 12%

Форд во јули го запре производството на Фиеста во Европа. Овој модел своевремено ја има предводено продажбата во класата, а сега не му се планира ниту наследник. Наспроти тоа, Нисан планира наследничка на Микра, но таа ќе се нуди само како електричен автомобил и ќе стартува дури во 2025 година.

Градските автомобили се важни, затоа што тоа е единствениот сегмент во којшто производителите можат сé уште да нудат достапни автомобили за најширокиот круг купувачи, во време кога браншата масовно се префрлува на електричен погон, под притисок на новите и построги норми за ЦО2, што стапуваат на сила во 2025 година.

Во сегментот на градските модели е најмал уделот што отпаѓа на возила со електричен погон, со само 5,4 проценти од сите продадени возила. Тоа е најниска стапка од сите 21 сегменти на коишто статистичарите го делат автомобилскиот пазар. Продажбата на батериски електрични модели во класата на градските автомобили опаднала за 15 проценти до ноември.

Рено ја зголеми продажбата на Клио за 44 проценти, на вкупно 181.675 возила до ноември, што на францускиот модел му го донесе третото место во класата во Европа.

Цената на електричниот погон е проблем во градската класа

Електричните возила се продаваат тешко во сегментот во којшто разликата во цената со обичниот погон е поголема, споредено со цената на возилото. Истражувањето што неодамна го објави Бостон Консалтинг, со цените од францускиот пазар, покажа дека просечната продажна цена на градски автомобил со електричен погон е повисока за 75 проценти во споредба со истиот модел со обичен погон – 36.900 евра на струја, наспроти 20.900 евра на бензин.

Кај моделите од компакт класата, таа разлика се сведува на 47 проценти, додека во сегментот на моделите од средната класа, разликата меѓу бензински и електричен модел изнесува само 11 проценти.

Пежо е најуспешен во продажбата на малечки електрични модели, со регистрирани 44.200 примероци од е-208, што е за 4,3 проценти повеќе од лани. Втора е Опел Корса, со истата техника, со продадени 27.236 возила или за 18 проценти повеќе од лани. Трет модел е Рено Зои, чијашто продажба падна за 61 проценти. Тоа се случува во време кога француската марка се подготвува да го лансира Рено 5.

Најпродаван градски модел со целосно електричен погон е Пежо е-208.

На купувачите им стои на располагање мошне скромен избор од модели. Во градската класа постојат само шест модели, вклучувајќи ги кинеските модели БИД Долфин и Липмотор 03. Понудата од модели во компакт и средната класа е далеку побогата.

За целосно електричниот градски модел Рено 5 (на сликата е концептниот автомобил) се преедвидува дека ќе чини околу 25.000 евра, кога ќе стартува со продажба во текот на 2024

Подостапни модели

Производителите најавија дека ќе ја збогатат понудата со подостапни модели, со коишто ќе ги освојат купувачите што не можат да си дозволат автомобил во градската класа со електричен погон.

Рено 5 ќе ја доживее својата светска премиера на салонот во Женева напролет, за потоа испораките да стартуваат наесен. За цена се спомнуваат 25.000 евра. На истата платформа ќе се произведува и Нисан Микра, што ќе овозможи да се скусат трошоците за развој и производство.

Фолксваген има намера цената на основната изведба на електричниот ИД.2 да ја спушти под 25.000 евра, кога ќе почне со продажба на моделот во 2025 година. Тоа го најави шефот на марката, Томас Шефер. Моделот ќе се произведува во Шпанија, а од него ќе се изведе и варијанта под знакот на Купра. Техниката ќе ја користат и два СУВ-модели, под марките Фолксваген и Шкода. Не е исклучено дека и Форд ќе понуди модел врз оваа платформа.

Ситроен ќе го продава новиот е-Ц3 за 23.300 евра, кога моделот ќе почне со продажба во вториот квартал годинава

Ситроен, марка на Стелантис, уште одамна најави дека основната изведба на новиот е-Ц3 со електричен погон ќе чини 23.300 евра, кога ќе почне продажбата во вториот квартал. Во почетокот на 2025 година ќе следи уште подостапна изведба, со досег скусен на 200 километри. За неа се најавуваат 19.900 евра. Двете изведби во секој случај се значително поскапи од тековниот Ц3, што на македонскиот пазар во моментов чини под 15.000 евра.

Се бара воведување посебна категорија

Производителите се соочуваат со проблем, со тоа што и купувачите на најмалите електрични модели бараат нивниот автомобил да располага со батерија што овозможува долг досег. Тоа се бара, и покрај тоа што со тие возила ретко се патува на подолго растојание. Уште еден проблем за производителите е тоа што се бара сите автомобили да задоволуваат исти критериуми за безбедност, без разлика на нивната големина или условите на примена.

„Моделите од А- и Б-сегментот повеќе не се исплатливи, затоа што производителите мора да произведуваат автомобили што се накитени како божикна елка“, кажа извршниот директор на Рено, Лука де Мео. Тој е воедно и претседател на лоби-групата на европски производители АЦЕА. „Не прави разлика дали е Клио или голема лимузина.“

Еден од најдостапните модели на македонскиот пазар · Фиат Панда во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Fiat Panda 1.0 GSE 70

АЦЕА бара да се донесат закони што ќе овозможат да се смалат трошоците кај малите електрични модели, со тоа што ќе се издвои посебна категорија. Пример за тоа се зема од јапонскиот пазар, каде што постои посебна категорија Кеи, кусо од кеиџидоша, односно лесен автомобил. Тие возила имаат ограничена моќност и димензии, но затоа имаат бројни повластици за купувачите.

„Предлагаме нешто што ги зема предвид условите на користење и што нема да чини како автомобил што служи за сé,“ кажа де Мео во ноември. „Кеи автомобилите се совршен пример за тоа.“

За малите автомобили што ќе припаѓаат во повластената категорија што се предлага да се оформи, ќе се плаќа помалку ДДВ, поевтина патарина, ќе има олеснет пристап во центарот на градот и повластувања за паркирање, објаснува де Мео.

Сегментот им припаѓа на бензинците

Единствено бензинските модели напредувале во продажбата до ноември, со раст од 10 проценти и вкупно 1,14 милион примероци. Тоа претставува 72 проценти од вкупната продажба во сегментот. Хибридите напредувале за само 2,2 проценти и учествуваат со 11 проценти во вкупниот пазар. Причина е тоа што опадна продажбата на Јарис, најпродаваниот модел со хибриден погон во класата, поради кусокот од батерии за хибриден погон во изминатите месеци.

Проблемот на Тојота стана шанса за хибридната изведба на Рено Клио. Францускиот модел (и Јарис патем се произведува во Франција) ја зголеми продажбата за 35 проценти, на вкупно 37.290 возила до ноември. Варијанта на Клио е новиот Мицубиши Колт. На некои пазари се продава и Мазда 2, идентична со Тојота Јарис.

Кај моделите со погон на автогас има раст од 7,2 проценти и вкупно продадени 115.943 примероци, што е за 29 проценти повеќе од лани. Овој тренд се должио главно на верзијата на Дачиа Сандеро со погон на автогас/бензин. Рено исто така ја зголеми продажбата на Клио со погон на автогас.

Дизелите учествуваат со само 3,7 проценти. Дизел мотор во својата понуда во оваа класа имаат само Пежо, Ситроен, Опел и Рено.

Марките што нудат достапни модели со МВС напредуваат добро на пазарот. Доказ за тоа е Дачиа Сандеро, што на германскиот пазар стартува од 13.950 евра.

Сандеро е втор најпродаван модел во Европа до ноември. Единствено Тесла Модел Илсилон се продава повеќе од Дачиа.

Уште една марка што напредува одлично е Сузуки. Продажбата на Свифт се зголеми за 42 проценти, со 39.790 продадени возила до ноември. Јапонската марка штотуку ја претстави новата генерација на Свифт. Продажбата стартува напролет, со 1,2-литарец со благ хибриден погон, што и сега е дел од понудата во гамата на Сузуки. Увозникот за македонскиот пазар најави цени за новиот модел под 18.000 евра.

Претходна објаваВо Германија никој не верува дека во 2035 ќе запре продажбата на возила со мотори
Следна објаваКиа во историјата нема продадено повеќе автомобили отколку во 2023

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here