Четворката е голема бројка за Фиат Панда 4х4

Додека се загрева расположението за пречекот на Новата 2024 Година, еден малечок автомобил со големи заслуги покажува колку може да биде голема четворката: 40 години на Панда 4х4.

По 40 години, легендарната Фиат Панда 4х4 и натаму е веродостојно олицетворение за италијанскиот начин на живеење. Тоа што ѝ дава посебни вредности на Панда е спојот меѓу димензии на градски автомобил, со способност за пробивање и по потешки терени.

Во пресрет на 2024 година, Фиат ја одбележи 40-годишнината на Панда 4х4 со развеселувачко видео и со целосна реставрација на примерок од 2001 година. Возилото има поминато малку километри и се користело како службено возило во кругот на поранешната фабрика Мирафиори, во Торино.

Овој уникат е доведен до ниво на фабрички нов автомобил и ќе биде понуден на продажба на салонот за олдтајмери Ауто е Мото д’Епока, во Болоња.

Врска до посебната страница за „Панда Рилоудед бај Креаторс“, проект на одделението за историски возила Стелантис Херитиџ · https://www.fcaheritage.com/en-uk/store-hub/cars-for-sale/fiat-panda-4×4

Од 1983 година наваму, изведбата на Панда со погон 4х4 е продадена во повеќе од 800.000 примероци. Италијанските инженери ја создадоа Панда 4х4 како автомобил за авантури, за сите временски услови и за секаква подлога, со ненападен стил и со едноставност како доблест.

Фиат Панда 4х4, прва генерација: Пустинска ѕвезда

Историјата на Фиат Панда 4х4 почнува во 1983 година, по три години од појавувањето на изведбата со преден погон – и дизајн од Џорџето Џуџаро. Успехот на моделот го охрабри Торино да развие изведба со погон на сите тркала, што ќе се одликува со одлични теренски способности, а пак ќе има достапна цена.

Фиат го ангажира Штајер-Пух, водечка компанија во погонот на сите тркала. Австријците имаат задача градскиот автомобил да го претворат во малечок и лесен теренец. Погонот 4х4 е едноставен и издржлив. Вклучувањето на задната оска се врши преку рачка пред менувачот. Нема потреба од средишен диференцијал. Специјалистите само препорачуваат погонот да се користи на лизгава подлога и при ниска брзина, за погонската спрега да не се напнува. Петстепениот менувач има мошне кус преносен однос во првиот степен, за да се совладуваат поголеми нагорнини.

Во Грац се произведуваат спојката, менувачот, триделното погонско вратило, задната оска со диференцијалот и сопирачките. Завршната монтажа се врши на Сицилија, во фабриката на Фиат во Термини Имерезе.

Неколку моменти од богатата историја на Панда 4х4 во објавата на нашиот профил на инстаграм

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Првиот мотор е со зафатнина од 965 кубици, со моќност од 48 КС. Подоцна зафатнината се зголемува на 1.108 сантиметри кубни. Панда е прв градски автомобил со погон 4х4. Растојанието од подлогата е зголемено на 18 сантиметри. Возилото тежи само 740 килограми. Со кусите каросериски превиси и агол на пристап од близу 45 степени, Панда може лесно да се движи насекаде. Пакетот е заокружен со високопрофилни гуми и заштитни лајсни за каросеријата.

Покрај основната, се нуди и опремена изведба С, а со текот на годините следат и специјални изведби, како Трекинг, Кантри Клаб и Сисли во ограничена серија.

Панда 4х4 стекнува големо име со учество на натпревари ширум светот. Во 1985 година, 50 возила учествуваат во патешествие што почнува во Рим и води до Тунис. Следна цел е Абиџан, град на Брегот на Слоновата коска, на растојание од 14.000 километри од Италија. Патот води преку Сахара.

Во 1986/1987, карванот вози 7.000 километри низ австралиската дивина. Следат експедиции на Исланд, потоа по Амазонија (1987/88), за повторно 50 возила Панда 4х4 во 1989 година да возат низ Индија.

Најголемиот успех е релито Париз-Пекинг 1989, што минува низ 11 држави, на пат долг 22.000 километри. Поради протести, релито не доспева до кинеската престолнина. Неколку години порано, тоа ѝ успеа на експедицијата Марко Поло на филмскиот продуцент и истражувач Бепе Тенти. Во пролетта 1985, тој со три Панда 4х4 вози по Патот на свилата, од Венеција до Пекинг.

Фиат Панда 4х4, втора генерација: На покривот на светот

Основниот модел се појавува во 2004 година и го освојува насловот на „Автомобил на годината“ во Европа. Изведбата 4х4 сега се произведува во Тихи, Полска. Дополнителна каросериска изведба е Крос, со поголем нагласок на теренското возење. Може да се избира меѓу 1,2-литарец со 60 КС и 1,3-литарски турбодизел со 69 КС (од завршетокот на 2005).

Најважната новина е воведувањето постојан погон на сите тркала. За тоа служи вискозна спојка, што од 2008 година е заменета со електрохидраулична спојка. Задната оска се вклучува кога ќе пролизгаат предните тркала.

По пример на претходничката, втората Панда се впушта во предизвикувачки потфати. Во 2005 година се поаѓа на Хималаите. И покрај слабиот квалитет на горивото што стои на располагање, Панда се искачува до 5.200 метри, до првиот базен камп.

Фиат Панда 4х4, трета генерација: Стартува на Рели Дакар

Третото поглавје почнува во 2012 година. Роберто Џиолито е дизаннер, што за своето дело зема пример од сквиркл. Тоа е геометриска форма, што се добива со спојување на квадрат и круг. Намерата е квадратот да оддава ефикасност и робусност, додека кругот означува радост и приспособливост.

Производството се враќа во Италија, во фабриката Џанбатиста Вико во Помиљано д’Арко, во близина на Неапол. На должина од 3,7 метри, Панда 4х4 е три автомобили во еден: Димензии на градски автомобил, опрема и моќ на СУВ, погон на теренец.

Погонот на сите тркала користи електронска блокада на диференцијал. Панда 4х4 е прв автомобил со ваков погон во својот сегмент.

Во зимата 2021 е создаден Фиат Панда Монстер Трак. Прототипот е развиен во соработка со Меркурио Кинематрографика, со сценографот Андреа Фаини и со работилницата на Фабио Гементи. Каросеријата на Панда е поставена врз шасија од Џип ЦЈ7. Тркалата имаат пречник од 150 сантиметри. Монстерот е висок 3,9 метри, широк 2,5 метри. Изработен за само неколку седмици, прототипот станува ѕвезда во спотовите на агенцијата Лео Барнет. Денес возилото се чува во музејот во Торино.

Новата изведба Крос пристига во 2014 година, со неколку иновации и со нови мотори. Новина е тристепената контрола на тракција, што ја проспособува распределбата зависно од условите на возење.

Големиот потфат на Панда Бр. 3 почнува во 2017 година, кога посебно подготвено возило Фиат Панда 4х4 Крос вози на Рели Дакар. Моторот е дволитарски мултиџет со 180 КС. Панда ги вози сите етапи, од Аргентина, преку Боливија, до Парагвај. Вкупно 9.000 километри.

Потоа следи Панда Рејд, авантура за аматери, во којашто учествуваат повеќе од 300 тимови со Панда од цел свет. Се вози во пустините во Мароко, без ГПС, карта и компас.

Во 2024 година, Панда Рејд ќе се вози од 1-ви до 8-ми март. На настанот се очекуваат тимови со Панда од сите генерации. Тоа се 40 години. Торино се подготви за јубилејот со специјална изведба Фиат Панда 4х40º. Таа е изработена во само 1.983 примероци, во чест на годината на првата Панда.

Претходна објаваКиа ја донесе новата „2024“ на њујоршки Тајмс Сквер
Следна објаваОсум генерации за 50 години: 2024 во Фолксваген целосно во знак на Голф

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here