Научниците од Техничкиот Универзитет Берлин успеаја да го хакираат системот за автопилотирано возење на Тесла. Тие го открија и досега тајниот „Илон-модус“.
Берлински експерти за ИТ објавија дека го хакирале системот за автопилотирано возење на Тесла. Научниците за безбедност преку таканаречено хардверско хакирање добиле пристап до печатеното коло, за што всушност треба да постои заштита. Тројцата експерти потоа ги отчитале клучните делови на системот и го смениле нивниот начин на работа.
„Многу се изненадивме колку е едноставно да се допре до тајните на Тесла“, изјави Кристијан Верлинг за германскиот магазин Шпигел. Тој го открил безбедносниот пропуст заедно со Никлас Кинапфел и Ханс-Никлас Јакоб.
Зафатот не може да се изведе кај возила што се паркирани на отворено
Што направија тројцата научници? Тие сиимулираа таканаречен напад волтиџ-глич врз печатеното коло на автопилотот. Станува збор за напад во којшто кусо се смалува напонот. За таа цел била користена опрема што вреди 600 евра. Според Шпигел, таков напад не може да се изведе надвор од лабораторија. Не се можни зафати врз автопилотот кај туѓи возила што се пакирани на отворено.
Експертите се сомневаат дека овој пропуст ги зафаќа сите возила на Тесла. Печатеното коло што тие го хакирале се вградува во сите модели на Тесла, кажува Верлинг. „Тоа важи и во случај кога клиентот нема нарачано систем за асистенција при возењето.“
Конкуренцијата може со помош на преземените информации и од стекнатите сознанија да го копира поголемиот дел од системот за автопилот, кажува експертот за ИТ-безбедност. Тројцата научници ќе ги објават резултатите од хакирањето на Тесла на конгресот на Хаос Компјутер Клуб во Хамбург.
„Од системот можевме да дознаеме, на пример, кои податоци се испраќаат за тренирање на вештачката интелигенција. Тоа е многу корисно за некој што развива автомобили што се движат самостојно.“
Хакерите открија таен режим за автономно возење
Тројцата хакери докажале дека во возилата на Тесла постои таканаречен „Илон-модус“. Тоа е таен начин на возење, во којшто автомобилот целосно се движи самостојно, без возачот притоа да мора да ги држи рацете на воланот. Тие од ГПС-податоците можеле да откријат и каде сé било возилото, како и да вратат видео што сопственикот го избришал.
Производителот е известен за безбедносните пропусти што ги откриле германските експерти. Оттаму досега немаат излезено со коментар.
















