Електричните возила овојпат нема да бидат главни на саемот ЦЕС во Лас Вегас

Заедничкиот електричен автомобил на Хонда и Сони

Електричните возила и полначите беа главна вест на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас во минатата година. Тоа нема да биде случај и годинава, затоа што автомобилскиот пазар се движи со забавено темпо.

Големите најави за електрични возила ќе изостанат за претстојниот салон за потрошувачка електроника ЦЕС, што ќе се одржува во Лас Вегас од 9-ти до 14-ти јануари 2024 година.

Лани Мерцедес-Бенц најави дека ќе гради сопствена мрежа од полначи. Фолксваген одржа премиера на електричната лимузина ИД.7, додека Сони Хонда Мобилити, заеднички проект меѓу Сони и Хонда, настапи со прототипот Афила ЕВ.

„Тоа беше шоу за електрични автомобили. Годинава се чини дека ќе биде поинаку,“ кажува Нејтан Нис, директор за електрификација во Бостон Консалтинг Груп.

Јануарското шоу ќе донесе нова серија модели на Хонда со електричен погон. Тоа е воедно и единствениот производител на автомобили, што има големи вести на тема електрификација.

На ЦЕС 2024 ќе изложуваат и Блинк Чарџинг. Другите поголеми компании за полнење електрични автомобили, како ЕВго, Чарџ Поинт и Електрифај Америка, нема да изложуваат или ќе имаат поскромен настап.

Присуство најавија стартап-компаниите со алтернативни производи за полнење. Меѓу нив се компанијата за безжично полнење Витрисити и БХ ЕВС, како и компанијата Спарк Чарџ што нуди услуга на мобилно полнење.

Иако сите рефлектори на ЦЕС 2024 нема да бидат насочени кон електричните возила, извесно е дека на саемот ќе зе зборува многу за иднината на електричните возила. Нивното послабо присуство на ЦЕС може да се протолкува како знак дека преоѓањето во ерата на електромобилноста е забавено.

Продажбата на електрични возила и натаму расте. Годинава во САД се продадени повеќе од 1 милион електрични возила, наспроти 713.000 возила во 2022 година, посочуваат аналитичарите од Џеј Ди Пауер.

Повеќекратниот раст во продажбата на електричните возила подослабна во 2023 година. Нивниот удел во продажбата во САД изнесуваше 7,4 проценти од пазарот на патнички автомобили во третиот квартал. Тоа се околу 2 процентни бодови повеќе од лани, но е само половина процентен бод повеќе отколку од јануари наваму.

За споредба, уделот на електричните возила во 2022 година порасна на 5,6 проценти, од 3,1 проценти во 2021 година.

Забавувањето доаѓа оттаму што пазарот се префрлува од продажба на електрични возила за ентузијасти, на продажба за поширокиот круг купувачи. Стјуарт Строп, извршен директор за пазарот за електрични автомобили во Џеј Ди Пауер, кажува дека „производителите им продаваа електрични автомобили на ентузијастите, а сега им продаваат на прагматичарите.“

Индустријата мора да изнајде начин, како да продолжи да ги привлекува ентузијастите за електричниот погон, додека во исто време „ќе ги привлекува купувачите што не се интересираат само за револуционерната технологија, туку бараат и издржливо, достапно, секојдневно превозно средство“, објаснува Строп.

Џеј Ди Пауер предвидуваат дека уделот на електричните возила до завршетокот на 2024 година ќе достигне 13 проценти од вкупниот пазар на нови возила. За понатаму се предвидуваат 19 проценти во 2025 година и 24 проценти до завршетокот на 2026 година. Фирмата сепак очекува големи флуктуации во динамиката на продажба, кажува Бренд Грубер, извршен директор за практика со електрични возила во Џеј Ди Пауер.

„Преоѓањето на електричен погон никогаш нема да биде права линија,“ посочува тој. „Во подолг рок, уште сме големи оптимисти околу прифаќањето на електричните автомобили.“

Околу 30 проценти од купувачите кажуваат дека при изборот на следниот автомобил ќе разгледаат и опција за електричен погон, кажуваат од Џеј Ди Пауер.

Скапа одлука

Купувачите што имаат намера да купат ЕВ, честопати се премислуваат поради ограничениот избор на модели, високите месечни рати и неизвесноста околу полнењето.

Претседателот на Соник Аутомотив, Џеф Дјук, информира дека 90 проценти од продажбата на ЕВ за јавни купувачи е преку лизинг, затоа што цената на ЕВ им е превисока.

Купувачите „не гледаат корист да плаќаат разлика меѓу електрично и возило со мотор со внатрешно согорување“, кажува Дјук.

Просечната куповна цена за нови ЕВ во ноември изнесувала 52.345 долари, споредено со 48.247 долари за возило со бензиски мотор, открива истражувањето на Кокс Аутомотив.

На останатите пазари, дилерите даваат попусти за да ги продадат електричните возила. Олеснувањата за купување ЕВ достигнаа 8,9 проценти од просечната куповна цена во ноември, според Кокс Аутомотив. Пред една година, олеснувањата за ЕВ не изнесуваа ниту два проценти од просечната куповна цена.

Влијанието на полначите

Загриженоста околу полнењето и натаму е главна пречка за избор на ЕВ, кажува Грубер. Еден од секои пет обиди за полнење во третиот квартал бил неуспешен, открива Џеј Ди Пауер. Овие проблеми е можно да се надминат, додека се шири мрежата и Тесла дозволува нивните полначи да се користат и за возила од други производители.

Доколку во 2030 година по патиштата во САД врват 33 милиони ЕВ, тогаш земјата мора да располага со 28 милиони полначи, кажуваат од националната лабораторија за обновлива енергија НРЕЛ.

Претходна објаваАвтопилотот на Тесла е лесен плен за хакерите
Следна објаваКиа ја донесе новата „2024“ на њујоршки Тајмс Сквер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here