Одушевувачката моќност од 812 КС е само дел од пакетот што го нуди АМГ СЛ 63 С Е Перформанс. Луксузниот родстер доаѓа со управувана задна оска, керамички сопирачки способни за на трка, погон на сите тркала и систем што спречува какво било навалување на каросеријата.
Мерцедес-АМГ го крунисува моделското семејство СЛ со изведбата СЛ 63 С Е Перформанс. Четирилитарскиот Ве-8 со битурбо натполнење е комбиниран со електромотор и таквата комбинација создава системски 816 КС и максимален вртежен момент од 1.420 њутнметри.
Луксузниот 2+2 е веќе петти модел во којшто АМГ вградува хибридна технологија што е развиена посебно за спортската марка на Мерцедес. Покрај импресивна моќност, тоа што го одликува овој погон е непосредната реакција, со моќното повлекување што го обезбедува електромоторот во погонската спрега.
Забрзувањето до темпо сто трае 2,9 секунди, крајната брзина изнесува 317 километри на час. Во посебното доживување учестувува и активното подвозје, што спречува каросеријата да се навалува при забрзување, забавување, во свијоци. Тоа прави СЛ 63 да постигне единствена спрега меѓу исклучителна моќност и комфор.
Врвен Ве-8 мотор напред, електромотор назад
Четирилитарскиот Ве-8 е стандард во врвот на понудата на сите марки на Мерцедес-Бенц Карс. Во хибридниот СЛ 63 АМГ С Е Перформанс, тој е задолжен за предната оска, а електромотор дејствува на задната оска. Тој е составен дел од погонската оска, располага со 150 киловати (204 КС), со електрично управуван двостепен менувач и со механички диференцијал со блокада.

Лесната батерија што е специјална за АМГ е вградена над задната оска. Одушевува целата конструкција на погонот. Доколку се појави пролизгување, електромоторот преку карданско вратило испорачува њутнметри и до предната оска. Дополнителна предност од електромоторот назад е неговиот придонес за рамномерна распределба на тежината врз оските.
Посебно поглавје за батеријата што потекнува од Формула 1
Технологиите што се применуваат за батеријата со високи перформанси во СЛ 63 АМГ С Е Перформанс (постои и стандарден СЛ 63 АМГ со 585 КС) потекнуваат од болидите со коишто Мерцедес-АМГ Петронас учествува во Ф1. Посебната способност е во тоа што батеријата е способна да испорача врвна моќност и при повеќе последувателни силни забрзувања, без потреба од „закрепнување“.

Батеријата со висока енергетска густина (помал волумен) располага со капацитет од 6,1 киловатчасови, со трајна моќност од 70 киловати и максимална моќност од 150 киловати. Полнењето се врши преку сопствен полнач од 3,7 киловати. Досегот не беше во преден план, меѓутоа СЛ 63 АМГ пак може да извози 13 километри чисто на струја.
Заслуга за високите перформанси на 400-волтната батерија има и директното ладење: Секоја од 560-те ќелии доаѓа во допир со специјалното средство за ладење.
Осум програми за возење АМГ Динамик Селект: Електрична, Сочувај батерија, Комфор, Лизгаво, Спорт, Спорт+, Трка и Лична
Секоја од осумте програми за возење влијае различно врз реакцијата на погонот и менувачот, на работата на управувањето, амортизацијата, па и на звукот. Изборот се врши преку АМГ-прекинувачите на воланот.
СЛ 63 АМГ стартува тивко, во програма комфор. Прво е активен електромоторот, а од звучниците во кабината се случа звукот што е вообичаен за АМГ. Доволно е педалата да се потпритисне и родстерот го вклучува хибридниот погон.
Крунскиот модел во гамата на СЛ се препознава по поклопецот за приклучокот за полнење и по црвениот испис на ознаката. Тркачкиот хибрид стандардно вози со тркала од 20 инчи, со гуми 265/40 напред и 295/35 назад.

Тоа што екстремниот СЛ нема потреба од нападни спојлери, заслуга е на активната аеродинамика. Хибридниот „63“ стандардно има карбонски профил во подот, што се закосува за 40 милиметри кога брзината ќе надмине 80 километри на час. На тој начин се создава вентури ефект, односно каросеријата се прилепува за патот.
Во задниот поклопец се наоѓа автоматски спојлер, што ја приспособува положбата зависно од брзината, надолжното и страничното забрзување, брзината на вртење на воланот. Спојлерот излегува над 80 километри на час и се мести во една од петте дополнителни положби што се посебни за СЛ 63 АМГ.
Мерцедес-АМГ СЛ 55 во онлајн-каталогот со сите нови модели на македонскиот автомобилски пазар АВТОСАЛОН.МК
Само керамичките сопирачки вредат колку спортски компакт. Предните сопирачки клешти имаат 6 клипови и лакирани се бронзено. Димензијата на дисковите: 420 x 40 милиметри напред, 380 x 32 милиметри назад. Керамички.
















