за

Тојота во Европа на пат да ја заврши годинава со продажба блиску до рекордната

Јапонскиот примус очекува годинава да ја заврши со вкупна продажба од 1,17 милион возила на европскиот пазар.

Еден од главните новитети на Тојота за следната година е новата генерација на стилскиот купе-кросовер Ц-ХР.

Тојота очекува во 2024 година да ја зголеми продажбата во Европа и покрај предвидувањата дека пазарот ќе мирува и пречките со коишто се соочува во снабдувањето со батерии за своите модели со хибриден погон.

Јапонскиот производител на автомобили и светски број еден ќе ја заврши годинава со 1,17 милион продадени автомобили од марките Тојота и Лексус на европскиот пазар. Тоа го изјави оперативниот директор на Тојота Европа, Мет Харисон.

Харисон кажа дека поттикот за продажбата да расте во следната година ќе доаѓа од новата генерација на купе-кросоверот Тојота Ц-ХР. Неговата продажба штотуку започна на првите пазари во Европа. Друг новитет за следната година е малечкиот СУВ Лексус ЛБИкс, што е конструиран врз основа на Јарис Крос. Тојота ја проширува и својата понуда од доставни возила во Европа.

„Силно сме ибедени дека ќе продолжиме со растот на продажбата (во 2024) и покрај тоа што очекуваме дека пазарот ќе мирува,“ кажа Харисон на презентацијата на Ц-ХР за медиуми.

Тојота влегува во 2024 година со нарачки за околу 300.000 возила во Европа, коишто се натрупаа во текот на годинава, поради потешкотиите што на Тојота ѝ ги предизвикаа добавувачите на батерии за моделите со хибриден погон.

„Се соочуваме со пречки во поглед на капацитетот за производство на батерии во оваа и во следната година“, кажа Андреа Карлучи, директор за продукти и маркетинг. Проблемот веќе почнува да попушта, додаде директорот.

Проблемот да се обезбедат доволно батерии за хибридните возила е една од причините зџа тоа што продажбата на РАВ4 забележа пад од 21 процент во Европа во досегашниот тек од годината, објаснува Карлучи.

РАВ4 им го препушти водството на Фолксвагтен ИД.4 и Шкода Кодиак во сегментот на СУВ-модели од средната класа, во првите десет месеци од 2023 година.

Продажбата на легендата Корола опадна за 1,3 процент, во време кога целиот пазар бележи раст од 16 проценти.

Уделот на Тојота на европскиот пазар во досегашниот тек од годинава се намали на 6,5 проценти, наспроти 6,9 проценти лани, откако пазарот почна да зајакнува со посилно темпо, од темпото со коешто Тојота ја зголемуваше продажбата.

Иако Тојота имаше проблеми со добавувачите, очекуваната продажба од 1,17 милион возила во Европа ќе биде една од најдобрите години за марката во Европа. Актуелниот рекорд од 1,23 милион возила е посгигнат во 2007 година

Во споредба со рекордната 2007 година, Тојота мораше да се соочи со губење на рускиот пазар, од каде што се повлече во 2022 година, по нападот на Русија врз Украина. Тојота во 2019 година продаде 125.992 возила во Русија.

Лексус ЛБИкс ќе додаде 25.000 возила во европската продажба на Тојота во 2024 година, предвидува компанијата. Тоа ќе биде најдостапен модел на премиум марката, со почетна ценаод 32.990 евра во Германија.

Јапонската марка во 2024 година ќе го додаде големиот фургон Проејс Макс во својата понуда од достапни возила, како дел од договорот со концернот Стелантис. Проејс Макс е изведба на Пежо Боксер и Опел Мовано. Тојота ќе го нуди моделот и во изведба со целосно електричен погон.

Тојота годинава ќе продаде 140.000 доставни возила во Европа, со план продажбата да се зголеми на 180.000 возила во 2025 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Некогаш 1000 МБ, денес Ениак: И Шкода ја стартува електричната ера во МК

Родстерот СЛ под знакот на Мерцедес-АМГ вози со хибрид со 812 КС