Некогаш 1000 МБ, денес Ениак: И Шкода ја стартува електричната ера во МК

Фолксваген ИД во меѓувреме служи и како такси, Порше Македонија ги полни електричните автомобили со енергија од сонцето, купувачите на електричната „тројка“ добиваат бесплатно 30 полнења на турбо-полначите во центарот на австрискиот гигант во Скопје. Шкода Ениак доживеа премиера и сега е дел од редовната понуда на чешката марка кај нас. Што не се сменило? За Илинденска ББ, електричните автомобили и натаму се непознаница.

Уште една историска премиера во Порше. По Фолксваген ИД.3, ИД. 4, ИД.5, по Ауди е-трон ГТ, Порше Тајкан, следното поглавје под напон ѝ припаѓа на Шкода. Октавија и Кодиак веќе одамна се големини во поглед на тоа што го постигнуваат на сцената за чешката марка, Суперб е круна на сето тоа, а сега е на ред електричниот Ениак да се придружи на тие големини.

Во време кога електричната Шкода почнува со продажба на македонскиот пазар, Ениак веќе се бори за највисоките места во продажбата на електричните автомобили на европскиот пазар. Тоа е иста класа автомобил со американскиот шампион Тесла Модел Ипсилон, но и со Фолксваген ИД.4, два модели што се борат за врвот во продажбата на електрични автомобили.

Платформата што ја користи Ениак е МкјуБ и тоа е мошне способна техника, затоа што дозволува да се изведе модел што се поставува како електричен пандан на класичните компакти – ИД.3, но има резерва и за бизнис лимузина со долг досег и комоција за патувања на далеку релации – ИД.7.

Јадрото на погонот е електромотор од 210 киловати (286 КС) и вртежен момент од 545 њутнметри, којшто во стандардната изведба ја задвижува задната оска. Постои и изведба 85х, со погон на сите тркала. Батеријата располага со капацитет од 82 киловатчасови (бруто), односно корисни 77 киловатчасови. Зависно од конфигурацијата и од условите, Шкода Ениак постигнува досег меѓу 510 и 560 километри.

При достапност на брз полнач со еднонасочна струја, Шкода ја полни батеријата со моќност од 135 киловати. Тоа значи дека полна батерија може да се очекува за триесетина минути.

Со лансирањето на Ениак отпочнува нова ера за Шкода. Ова е нашиот прв целосно електричен и еколошки автомобил. Со лансирањето на овој модел, електричната мобилност ја правиме Симпли Клевер – со голем досег, брзо полнење и лесно ракување. Освен што е еколошки, Ениак е и исклучително забавен и возбудлив за возење, што се отсликува преку техничките податоци за забрзување од 0 до 100 километри на час за само 6,7 секунди и максимална брзина од 180 километри на час.

Миле Станчев, бренд менаџер за Шкода

Електричниот погон ја има вистинската димензија во Порше Македонија. Увозникот за групацијата Фолксваген веќе подолго време користи електрична енергија што ја произведуваат соларните панели поставени на покривот на центарот. Со таа енергија се покрива половината од потрошувачката на струја на целиот центар.

Дополнително во игра влегуваат и турбо-полначите со вкупна моќност од 350 киловати – единствени брзи полначи во Македонија, покрај полначите на станицата на Макпетрол, пред преминот Богородица, кај Гевгтелија.

Гамата на Шкода Ениак почнува од 53.490 евра за изведбата „85“, односно 55.670 евра за изведбата со погон на сите тркала 85х. Дополнително се нуди и купе изведба од Ениак, како и Спортлајн, како стандарнда изведба во гамата на секој модел на Шкода.

Ениак прикажува моделска свежина во сите подрачја, секако дека не станува збор за автомобил во којшто е различно само тоа што во него работи електромотор. Разликите почнуваат од материјалите, од изведувањето на деталите во поглед на практичноста во кабината, до мошне впечатливи ефекти, како што е осветлената маска, што со стилот се надоврзува на чешката традиција на врвна обработка на кристал.

Моделот наскоро пристигнува на тест возење во Аутомедиа.

Шкода Ениак иВ 85 во онлајн-каталогот за сите нови модели на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Skoda Enyaq iV 85

 

Претходна објаваТурција најде иљач за увозот на евтини електрични автомобили од Кина
Следна објаваТојота во Европа на пат да ја заврши годинава со продажба блиску до рекордната

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here