Шведски пристанишни работници одбиваат да растовараат Тесла од бродовите

Тесла е на големи маки во Шведска. Откако американскиот производител одби да им потпише колективен работен договор на своите сервисери, реагираат нивните колеги во синдикатот што се вработени во шведските пристаништа и одбиваат да ги симнуваат возилата на Тесла од бродовите.

Во почетокот никој во Тесла не помислуваше дека тоа ќе им предизвика тешки главоболки. Кога 120 механичари во сервисните работилници на Тесла во Шведска се повлекоа од своите работни места, борејќи се за компанијата да им потпише колективен работен договор, тоа не предизвика загриженост кај управата на американскиот производител на електрични автомобили.

Компанијата на Илон Маск сега се соочува со големи проблеми како последица од тоа. Мехатроничарите во сервисните работилници не останаа сами во штрајкот. Работници од повеќе гранки им се придружија на своите синдикални колеги во притисокот врз Тесла. Вклучени се најразлични профили, од пристанишни работници, до хигиеничари.

Штрајкот што требаше да биде безначаен, прерасна во национална кампања за одбрана на моделот на работа, којшто голем дел од Швеѓаните го ценат како основа за економскиот успех и стабилноста на државата. Со колективниот договор, на вработените меѓу другото им се обезбедуваат редовни годишни покачувања на платата, пензиско и здравствено осигурување, како и други видови осигурувања.

Околу 90 проценти од сите вработени во Шведска работат вз основа на таков колективен договор. Познато е дека шефот на Тесла, Илон Маск, не е голем пријател на синдикалните здружувања на работниците.

Пристанишните работници оневозможуваат возилата на Тесла да се истоварат од брод

Клопчето почна да се одвиткува кога синдикатот ИФ Метал кон завршетокот на октомври соопшти дека не е потпишан колективен работен договор со Тесла. ИФ Метал застапува околу 300.000 лица во Шведска, вклучувајќи ги и механичарите во сервисните работници на Тесла. Почна штрајк, на којшто му се придружија близу 500 вработени во сервисите за повеќе марки.

Тоа повлече солидарна реакција кај уште неколку синдикати. Пристанишните работници во средата блокираа возилата на Тесла да се растоварат на пристаништата во Малме, Содерталје, Гетеборг и Трелеборг. Доколку Тесла не се согласи, на своите работници во Шведска да им потпише колективен договор, тие на 17-ти ноември ќе го прошират штрајкот на сите пристаништа во земјата.

Синдикатот на електричарите објави дека членовите од посочениот датум ќе престанат со одржување и поправка на станиците за полнење на Тесла. Организираните хигиеничари исто така нема да работат. Такси Стокхолм најави дека ќе ги стави во мирување планираните нарачки на возила од Тесла.

Од Тесла обично не се јавуваат за вакви проблеми, но во овој случај се обратија до шведската новинска агенција ТТ. Според нив е „сомнително“ тоа што ИФ Метал презел мерки: „Ние веќе им нудиме договори што се исто толку вредни или подобри од тоа што се потпишува со колективните работни договори и поради тоа не гледаме причина да потпишуваме други договори.“

Производителот ќе се погрижи да ја одржува услугата во сервисните работилници за време на штрајкот. Возилата ќе се испраќаат до други пристаништа. Од ИФ Метал објавија дека Тесла ангажира работници што не се членови на синдикатот, во замена за штрајкувачите.

Микаел Петерсон, претставник на електричарите, кажува дека „Тесла мора да ги прифати правилата на шведскиот пазар на работа, а ние во Шведска го користиме колективниот работен договор.“

Сличен пример имаше со синџирот продавници Тојс Фор Ас, откако одби да им потпише соодветен договор на работниците во Шведска. На крајот, Американците сепак мораа да попуштат.

Претходна објаваЗа 88 години и два месеци: Тојота произведе 300 милиони возила
Следна објаваФиат 500 го престигна Голф како најпродаван модел во Германија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here