Шкода ги зголеми димензиите на новата генерација на Суперб и значително го подигна технолошкото ниво. Со тоа чешката марка останува во борба во сегментот на класичните каросериски изведби во средната класа, откако продажбите на голем број од конкурентските модели спаднаа на толку ниско ниво што нивното производство стана неисплатливо.
Најновата генерација на Суперб, со своите 4.921 милиметри е подолга за 43 милиметри од тековниот модел, додека комбито е подолго за 40 милиметри и мери 4.902 милиметри од крај до крај.
Изведбата со приклучен хибриден погон доби поголема батерија, со што досегот при возење чисто на електричен погон се продолжи на 100 километри, наспроти 56 километри кај актуелниот модел. Погонот го сочинуваат 1,5-литарски турбо бензинец, батерија од 25,7 киловатчасови и електромотор, што вкупно произведуваат системска моќност од 204 КС.
Багажникот на комби моделот во новата генерација на Шкода Суперб располага со 30 литри повеќе простор.

Чешката марка го нуди својот Суперб и во изведба со благ хибриден погон со 1,5-литарец, со дволитарски бензинец во две варијанти на моќност, и со дволитарски дизел, исто така во две варијанти. Најсилните модели може да се нарачаат и со погон на сите тркала.
Шкода наведува дека во новиот Суперб е значително зголемена висината на просторот над глава. Комбито нуди багажник со зафатнина од 690 литри, што е за 30 литри повеќе од тековниот модел, додека комбилимузината располага со 20 литри екстра простор во споредба со моделот што е во заминување, односно 645 литри.
Шкода го конструираше Суперб заедно со исто така новиот Фолксваген Пасат, којшто за разлика од моделот на чешката марка ќе се произведува само во комби каросериска изведба, поради слабиот интерес за лимузинската верзија. Двата модели ќе се произведуваат на иста лента во фабриката на концернот Фолксваген во Братислава, Словачка.
Суперб е втор најпродаван модел во средната класа на европскиот пазар во првите осум месеци, со вкупно 34.708 примероци. Првото место му припаѓа на Пасат, со продадени 49.074 примероци. Ривалите одамна се откажаа од сегментот со којшто владеат моделите од премиум марките, Мерцедес, Ауди, БМВ. Меѓу традиционалните моделски имиња што повеќе не се присутни во овој сегмент се бројуваат Форд Мондео и Рено Талисман.
Шкода продава најмногу примероци од својот Суперб на германскиот пазар. Од лансирањето на моделската серија во 2015 година, во земјата досега се продадени 153.222 примероци. Втор најголем пазар е Чешка со 61.479 возила, трета е Велика Британија со 57.054 продадени примероци досега.
Суперб ја користи платформата М-Ку-Б Ево на концернот Фолксваген, заедно со Шкода Кодиак, Фолксваген Пазар и Фолксваген Тигуан, преземајќи голем број иновации од нив.
Мануелен менувач повеќе нема да се нуди во гамата на Суперб, сите моделски изведби се комбинирани со автоматски менувач со двојна спојка. Со преместувањето на бирачот за програма за возење на столбот на управувачот се отвори повеќе простор за одлагање во средишната конзола.
Новата Џамбо Бокс под средишниот потпирач за раце има зафатнина од 5,5 литри.
Од дополнителните ставки опрема може да се нарачаат седишта со масажна функција, автоматско паркирање и полу-автопилот Травел Асист. Сите моделски изведби доаѓаат стандардно со приспособлив темпомат, систем за задржување и следење лента, како и задна камера.

Посебност во кокпитот се трите вртливи регулатори во средишната конзола, со дисплеј во нив и со можност за програмирање на функцијата. Тоа го разликува Суперб од сестринскиот модел Пасат, каде што сé е префрлено на дисплеи.
Пасат е во предност во големината на средишниот дисплеј, којшто досега до 15 инчи, наспроти 13 инчи во Суперб.
Во двата модели работи четвртата генерација на модуларниот инфо-забавен систем МИБ4 на германскиот концерн. Фолксваген напоменува дека се надминати низа пропусти во претходната верзија на софтверот, што првпат беше применет кај електричниот Фолксваген ИД.3.
















