Липмотор ќе биде 15-та марка на Стелантис, за евтини електрични автомобили

Липмотор Ц10

Заедничката компанија меѓу концернот на Пежо и Фиат, и кинескиот производител Липмотор, со седиште во Холандија, планира во иднина да произведува возила и во Европа, со цел да се избегне можно оптоварување со царински давачки, по истрагата на ЕУ.

Концернот Стелантис кон завршетокот на следната година ќе ја прошири својата понуда од батериски електрични возила со ниска цена во Европа, со моделите од Липмотор.

По зделката на Стелантис за откуп на акции во кинескиот производител на електрични возила, групацијата добива уште една марка што е наменета за купувачи „што се свесни за трошоците, но сакаат да имаат најдобра технологија во своите возила,“ кажа директорката за финансии Натали Најт, опишувајќи го Липмотор како „15-та марка“ на Стелантис.

Стелантис и Липмотор воспоставија заедничка компанија со седиште во Холандија, којашто ќе се занимава со извоз и продажба на моделите на Липмотор надвор од Кина.

Најт кажа дека Европа ќе биде првиот пазар за електричните возила на Липмотор, со продажба и промет што ќе бидат „целосно вклучени“ во деловниот баланс на Стелантис.

Заедничката компанија исто така ќе ги дистрибуира моделите на Липмотор на останатите пазари ширум светот, посочи Најт. Таа ќе има „долгорочна“ ексклузивност за автомобилите на Липмотор што ќе се продаваат надвор од Кина, кажа директорката.

Соработката вклучува и можност за моделите на Липмотор да се произведуват во Европа, што може да биде опција, доколку ЕУ воведе високи царини за возилата што се произведени во Кина, напомена Најт во вторникот пред аналитичарите, при објавувањето на деловните резултати за третиот квартал.

„Ќе воочите како позицијата на Кина ќе расте на европскиот пазар на одреден начин, вид или форма“, кажа директорката. „Соработката е промислен начин да се излезе во пресрет на тој предизвик.“

Европската Комисија започна истрага за субвенциите што кинеската влада им ги дава на производителите за електрични автомобили, стравувајќи дека Европа би можело да биде „преплавена“ со евтини автомобили што се произведени таму.

Продажба на половина милион возила

Стелантис ќе вложи 1,5 милијарда евра за да откупи 20 проценти удел во акциите во матичната компанија на Липмотор. Двата субјекти ќе основаат заедничка компанија со седиште во Холандија, што ќе биде именувана Липмотор Интернационал. Таа ќе биде контролирана од Стелантис, којшто ќе поседува 51 проценти од акциите.

Заедничкиот деловен потфат цели на продажба од 500.000 возила надвор од Кина до 2030 година. Таа бројка се наведува во презентацијата на деловните резултати на Стелантис за третиот квартал, каде што исто така стои дека Липмотор цели на годишно ниво да продава по еден милион автомобили во Кина на подолг рок. Липмотор во 2022 година испорача околу 111.000 возила со приклучен хибриден или батериски електричен погон во Кина.

Најт кажа дека не постојат планови за новата електрична и електронска архитектура на Липмотор, наречена Четирилисна Детелина 3.0, да се користи во останатите марки на Стелантис.

Напредок кај електричните возила

Стелантис во вторникот кажа дека глобалната продажба на батериски електрични возила во третиот квартал пораснала за 37 проценти. Главната заслуга ја имаат малечкиот СУВ-модел со батериски електричен погон Џип Авенџер и зголемената продажба на доставното возило Ситроен е-Берлинго.

„На пат сме да надминеме глобална продажба од 300.000 батериски електрични автомобили годинава“, кажа Најт, додавајќи дека концернот е меѓу најдобрите во Европа.

Џип Авенџер

Според податоците од Датафорс, концернот Фолксваген продава најмногу батериски електрични возила во Европа, а исто води и во вкупната продажба на возила. На пазарот на батериски електрични возила, Тесла е втора, Стелантис е трет.

Најт е убедена дека новиот Ситроен е-Ц3, којшто почнува од 23.300 евра во Франција и Германија, ќе ја зајакне позицијата на Стелантис на пазарот на мали автомобили.

Соработката со Липмотор ќе му овозможи на Стелантис да го зголеми бенчмаркингот во производството на БЕВ. „Работејќи со Липмотор, ќе можеме да постигнеме уште подобар бенчмаркинг во реално време, така што секогаш сме свесни што е потребно за да се победат најдобриоте соперници на пазарот,“ објаснува Најт.

Новиот Ситроен e-Ц3 постигнува 320 километри досег и стартува од 23.300 евра. Уште подостапна изведба ќе следи во 2025 година.

Стелантис веќе е конкурентен во трошоците за производство на БЕВ, напоменува Најт, додавајќи дека Е-Ц3 биде профитабилен уште од старт.

Таа кажа дека Стелантис постојано бара нови начини да ги смали високите трошоци за електрични автомобили. Извршниот директор Карлос Тавареш кажа дека произведувањето БЕВ чини 40 проценти повеќе во споредба со моделите со мотор со внатрешно согорување.

Најт вели дека Стелантис секгоаш бара начини за брзо да иновира, да постигне поголема вертикализација во процесите и подобро да ги користи земјите во коишто производството е поевтино.

Претходна објаваКој сака да си купи само мотор со 1000 КС, Доџ ги продава во пакет
Следна објаваСалоните на Тојота Краун изгледаат како јапонска градина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here