
Концернот Stellantis има планирано седум модели, што ќе бидат конструирани врз петтата платформа, што овозможува производство на подостапни модели. Тоа се случува во време кога концернот на Peugeot и Fiat се подготвува за соочување со очекуваниот наплив од евтини кинески автомобили со електричен погон во Европа.
Создаден во 2021 година со спојувањето на PSA Group и Fiat Chrysler Automobiles (FCA), концернот Stellantis претходно објави дека со текот на времето ќе ги префрли сите свои 14 марки на четири палтформи – Small, Medium, Large и Frame.
Новиот Citroen e-C3, што Stellantis го претстави во вторникот, сепак е конструиран врз платформата што се води како „Smart Car“ и што се темели врз платформата CMP на PSA. Таа ќе му овозможи на концернот да продава електрични возила со достапна цена и воедно ќе помогне концернот да се соочи со растечкиот број од евтини електрични модели што се произведуваат во Кина, вклучувајќи ја и Dacia Spring.
Претставувајќи го e-C3, чиишто цени почнуваат од 23.300 евра, шефот на Stellantis за платформата Smart Car, Рено Турте, кажа дека во иднина „околу“ седум нови автомобили ќе се базираат врз истата. Таа е главно наменета за електрични возила, но може да се користи и за конструирање моделски изведби со мотор со внатрешно согорување.
Наскоро следи поголема изведба од e-C3, а потоа доаѓааат и нови модели од најмалку уште две други марки на Stellantis, што ќе ја користат платформата. Тоа е во план да се реализира уште во 2024 година.
Прашан дали новата Fiat Panda, што се очекува во средината на 2024 година, ќе биде еден од тие модели, Турте кажа дека „воопшто не е наивно да се помисли тоа.“
Германската марка во концернот, Opel, исто така планира да понуди електричен модел што ќе чини под 25.000 евра.
Моделите врз платформата Smart Car ќе се произведуваат во фабриката во Трнава, Словачка. Турте кажа дека модели врз платформата може да се произведуваат и во други фабрики, било во Европа или во Мароко.
Со 90 проценти од компонентите во платформата што се произведуваат во земји со пониски трошоци, со смалена разновидност од модели и со поевтина батериска технологија од Кина, платформата Smart Car ќе му дозволи на Stellantis цената на e-C3 во иднина да ја спушти под 20.000 евра, за верзијата со скусен досег, најави извршниот директор на Citroen, Тиери Коскас.















