Членките на ЕУ работат на компромис, за идната норма Еуро 7 да се ублажи и да се одложи нејзиното воведување. Со новата норма се воведуваат уште построги барања за емисијата на јаглероден моноксид и азотни оксиди, покрај повторно спуштање на границата за СО2.
Осум членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Италија, се противат на воведувањето построги норми, посочувајќи дека производителите на автомобили веќе се изложени на силен притисок, со забраната за регистрирање нови автомобили со мотори што испуштаат СО2 по 2035 година, со цел да се намали емисијата на стакленички гасови.
ЕУ воведуваше сé построги ограничувања за штетната емисија од моторните возила, откако во 1992 година почна да важи првиот сет закони, познат како Еуро 1.
Европските производители на автомобили реагираат дека Еуро 7, што треба да стапи во сила во 2025 година, ги чини премногу и дека придобивките за животната средина ќе бидат незначителни.
Извршниот директор на концернот Stellantis, Карлос Тавареш, кажа дека предлозите за новата норма ќе предизвикаат големо поскапување на помалите возила, со што ќе им се ограничи слободата на движење на домаќинствата со помали примања.
Шпанија, којашто во овој круг претседава со ЕУ, се надева дека во следната недела ќе може пред Советот за конкурентност да го изнесе компромисот. Дипломатски извори наведуваат дека државите уште немаат постигнато договор.
Во предлогот што го изнесе Шпанија, се предвидува одложување на крајниот рок за воведување на новата норма за автомобили во средината на 2025 година и за камиони во средината на 2027 година.
#Euro7 pollution standards would be effectively killed off under the new proposal from the Spanish Presidency.
By caving to the car lobby, the Commission would condemn people to breathe toxic air and give carmakers a license to greenwash polluting cars.https://t.co/LnpTFK2udw
— Transport & Environment (@transenv) September 20, 2023
Производителите ќе имаат рок од 24 месеци по стапувањето во сила на новата норма, за своите патнички автомобили и доставни возила да ги доведат во согласност со новата норма. За камионите и автобусите над 3,5 тони, рокот е 48 месеци.
Државите што бараат да се ублажат ограничувањата со Еуро 7 искажаа загриженост дека „се бара значителен капацитет за развој и за инвестирање, дополнително на тоа што веќе се вложува во електрификацијата“. Постои и сомневање околу крајните придобивки што би се постигнале со предложената норма.
Групата за Транспорт и Животна средина што делува во Брисел, го критикува предлогот за новата норма, наведувајќи дека државите „попуштиле под заканите на производителите на автомобили… проколнувајќи ги луѓето на болести и на прерано умирање во следните децении, коишто може да се избегнат.“
„Во новиот предлог од шпанското претседателство, се попуштаат границите за емисијата од автомобилите. Нема промена во границите за емисијата за автомобили и ванови, во споредба со Еуро 6, дури и за дизелите, за коишто се дозволува да испуштаат повеќе азотни оксиди од бензиците,“ реагираат од лоби-групата Транспорт и Животна средина.
Барањата за ублажување на нормите за емисија произлегоа откако високата инфлација и загриженоста за цената на зелената реформа, доведоа до тоа Европа да почне да притиска за транзицијата да се забави.
Францускиот министер за фианнсии Бруно Ле Мер, кажа дека ЕУ треба да се откаже од нормата Еуро 7, затоа што со неа се бара европските производители да потрошат „бескорисни пари“ во клучно време за транзицијата.
Откако државите на ЕУ ќе ги усогласат своите ставови околу Еуро 7, следи преоѓање во преговори со Европскиот Парламент, за конечната форма на предлогот.
















