Најпродаваната јапонска премиум марка Lexus деновиве го привлекува вниманието на сцената со автомобили со заводлив дизајн, со луксузни ванови за директори и важни нови технологии.
Елегантниот кросовер RZ со електричен погон е само најава за тоа што допрво ќе се случува во премиум марката на Toyota. На настанот што се одржа викендов на прочуената патека Фуџи Спидвеј, Lexus излезе со нов GX, робусно теренско возило што е способно за секаков терен, а во исто време нуди врвен комфор и луксуз. Нему му се придружи претставителниот ван LM, технолошки супериорен и доволно отмен за доаѓање во државничка посета. Од технологиите посебно остава впечаток „управувањето преку жица“, каде што не постои механичка врска меѓу воланот и тркалата.
Неодамна назначениот нов шеф на Lexus најавува уште поголема трансформација, откако марката во 2026 година ќе почне со воведување на новата генерација електрични возила. Претстава за тоа како ќе изгледа иднината на Lexus ќе даде првиот концептен автомобил, што марката ќе го прикаже за време на Јапан Мобилити Шоу кон завршетокот на октомври.
Такаши Ватанабе, кој го презеде претседателското место на Lexus International во април, вели дека целосно електричниот погон ќе отвори сосем нов свет на можности за Lexus и дополнително ќе го зајакне имиџот на марката. Lexus ќе биде предводник за новата генерација електрични автомобили на корпорацијата Toyota. По 2030 година, луксузната марка ќе нуди целосно електричен модел во секоја своја моделска серија, а по 2035 година ќе произведува само електрични возила.

„Во 2026 година ќе претставиме батериско електрично возило од следната генерација, коешто воведува иновации во модуларната структура на возилата, значително ги менува нашите производствени методи и софтверската платформа ја осмислува одново“, најави Ватанабе на претставувањето на новите возила и технологии што се одржа во викендов на патеката Фуџи Спидвеј. „Поставивме приоритет и на дизајнот на возилата, што ја прикажува сржта на Lexus.“
Електрични автомобили со високи перформанси
Една од главните пресвртници ќе се случи во софтверскиот оперативен систем, за когошто Lexus вели дека ќе отвори нов свет на премиум функции и перформанси, со можност за нагодување по желба. Се спомнува и луксуз што ќе биде скроен согласно вкусовите и желбите во одделни региони.
Чистиот електричен погон ќе понуди подиректна контрола и поголемо уживање во возењето, кажува Ватанабе. Lexus дури размислува да воведе електричен погон во комбинација со менувач, со што уживањето при рачно менување на степените на пренос би се задржало и во ерата на електричниот погон.

Сé посилни се гласините дека се работи на ново спортско купе со чисто електричен погон, како духовен наследник на легендарниот суперспортски LFA. Врз основа на тие гласини се претпоставува дека Lexus и во електро-ерата ќе продолжи со својата серија модели со високи перформанси, со ознака F.
Lexus го најави своето учество на Јапан Мобилити Шоу со скица од концептен автомобил со силуета со клинеста форма, со долго меѓуоскино растојание, низок нос и силно закосен ветробран.
Луксузната марка сака да го нагласи премиум карактерот преку познатиот Lexus Driving Signature, односно преку чувството во возење коешто се одликува со тивок комфор и лесна управливост.

„Сметаме дека батериската електрична погонска спрега е совршена за контрола на движењето на возилото,“ кажа Ватанабе, поранешен главен инженер во Lexus Electrified. Тоа е одделението што е задолжено да ја води марката во ерата на погон без фосилни горива. Ватанабе го презеде кормилото, откако претходниот шеф на марката Lexus, Коџи Сато, годинава беше унапреден во извршен директор на Toyota Motor, како наследник на Акио Тојода.
Планови за електрични возила
Како поранешен главен инженер за електрификацијата на Lexus, Ватанабе е во улога на архитект на новиот правец во којшто се движи марката. Патот сепак е неизвесен, почнувајќи од производството и плановите за продажбата.
Lexus планира до 2030 година да постигне годишна продукција од 1 милион батериски електрични автомобили. Тоа претставува голем скок. Toyota и Lexus заедно во 2022 година продадоа близу 25.000 возила со погон на струја. До август годинава, Lexus на пазарот во САД има продадено само 2.068 примероци од својот електричен кросовер RZ.

Во моментов уште се работи на планот, како и каде ќе се произведуваат електричните возила. Ватанабе кажа дека клучот е хардверот да се стандардизира во колку е можно поголем обем, за на тој начин да се скусат трошоците и да им се конкурира на Тesla и на кинескиoт BYD.
„Производството мораме да го олесниме и поедноставиме колку е можно повеќе,“ објаснува Ватанабе, додавајќи дека „важно е со почит да ги гледаме достигнувањата нa Tesla и да учиме од нив“. Еден од првите чекори ќе биде производствените методи да се сменат и да се осмислат одново.
https://youtu.be/j9PYZOw0gR0
Lexus ќе користи низа нови производствени техники што ги има подготвено Toyota. Тоа вклучува автомобили што се движат самостојно по монтажната лента, како и воведување на т.н. техники на гига-леење, со коишто значително се смалува бројот на компоненти.
Марката мора да биде единствена
Уште еден предизвик е Lexus да се издвојува во ерата на масовните електрични автомобили.
„Треба да бидеме поуникатни – треба да утврдиме на кој начин,“ кажува Ватанабе. „Доколку се потпираме само врз еден производ, веројатно нема да стигнеме каде што е потребно. Треба да понудиме повеќе. Откако клиентот ќе го купи производот, кои други видови искуства се можни?“
Воведувањето разновидност во понудата од модели, за да се излезе во пресрет на регионалните потреби, еден е од начините за тоа да се постигне, објаснува шефот.

Во Европа, Lexus наскоро ќе почне со испорака на новиот компактен кросовер LBX, којшто ја користи истата платформа со Toyota Yaris Cross. На купувачите во Кина и во Јапонија им се нуди масивниот ван LM, којшто е своевиден дневен салон на тркала, наменет за врвниот менаџмент. За пазарите во Северна Америка се наменети новиот GX и семејниот кросовер со седум седишта TX. Таму се бара возилата да имаат премиум перформанси и на асфалт и на терен.
„Првпат во светски размери нудиме уникатни производи за различни региони,“ кажува Ватанабе. „Овојпат тоа е уникатно во историјата на нашата марка.“

За да увери дека во марката се користи нов пристап, Lexus прикажа теренско возило за рекреација, наречено ROV Concept. Основата на четирициклот за теренска забава доаѓа од Yamaha YXZ1000R.
Инженерите на Lexus го преработија трицилиндарскиот мотор и го префрлија на погон на водород. Место бензин, во коморите за согорување се впрскува водород. Емисијата на штетни материи е нула. Професионални возачи за време на настанот ги прикажаа можностите на теренското возило со необичен погон по ридовите околу патеката Фуџи Спидвеј.
На инженерите им преостанува уште многу работа на ова возило, затоа што со полн резервоар водород, концептот ROV во оваа фаза минува само дваесетина километри.
















