Европските производители на автомобили мора да се борат за да ја поништат предноста на Кина во развојот на електрични возила со достапна цена. Тоа го кажуваат аналитичарите и менаџерите за салонот ИАА Мобилити во Минхен.
„Мора да се води борба. Тие (кинеските производители на електрични возила) е олигледно дека се многу конкурентни со противвредноста што ја нудат нивните електрични автомобили“, кажа извршниот директор на Renault, Лука де Мео. „Имам впечаток дека тие се една генерација пред нас.“
„Мораме да ги стигнеме многу брзо“, додаде де Мео.
Кинеските производители на автомобили, меѓу кои главно BYD и Xpeng, целат кон европскиот пазар на електрични возила. Продажбата во првите седум месеци се зголеми за близу 55 проценти, на околу 820.000 возила. Електричните возила учествуваат со 13 проценти во вкупната продажба на автомобили во Европа.
Renault во понеделникот прикажа батериска електрична изведба од својот компактен кросовер Scenic на салонот во Минхен. Scenic со цената ќе се движи на нивото коешто е достапно за голем број купувачи, слично со хибриден модел со иста големина и од иста категорија, најави де Мео.
Renault ќе ги објави цените за Scenic E-Tech подоцна во текот на годинава, а испораките е планирано да започнат во првиот квартал во 2024 година.

Извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, кажа дека кинеските марки претставуваат „директна закана“ за големоволуменските производители на автомобили од Европа.
„Основниот сегмент на автомобилскиот пазар или ќе исчезне или во тој сегмент нема да учествуваат европските производители,“ изјави Оливер Ципсе, за Фајненшел Тајмс, во кулоарите на салонот.
BMW на салонот ја прикажа идната генерација електрични автомобили, преку концептот Vision Neue Klasse.

Првиот човек на Mercedes-Benz, Ола Келениус, го опиша патот кон електромобилноста како маратон во којшто компанијата во моментов е на осмиот или деветиот километар.
„Во оваа трка, важно е да се задржи тактичката флексибилност, но мора да се почитува стратегијата“, изјави Келениус на салонот.
Mercedes одржа премиера на лимузината со електричен погон Concept CLA Class, со којашто се најавува идната генерација модели од компакт класата на Mercedes-Benz.
Volkswagen Group пристигна на салонот со верзија со високи перформанси од идниот малечок електричен автомобил ID.2. Автомобилот ќе ја носи традиционалната ознака GTI. На штандот на марката Cupra е изложен шоу-автомобилот DarkRebel, којшто го претставува новиот пристап на концернот со 10 марки, со којшто се става нагласок на дизајнот.

Кинеското присуство е мошне забележливо на салонот во Минхен. Околу 40 проценти од изложувачите на салонот годинава имаат седиште во Кина. Во споредба со салонот во 2021 година, двојно е зголемен бројот на кинески компании што присуствуваат на ИАА.
Xpeng во Минхен најави дека од следната година ќе започне со продажба на своите СУВ-модели G9 и G6, како и на лимузината P7, на пазарите во Германија и Франција. Угледот на Xpeng на автомобилската сцена напредуваше, откако Volkswagen неодамна објави дека ќе соработува со кинеската компанија, во развојот на електрични модели за својата буџет-марка Jetta, што е присутна на кинескиот пазар.
BYD на салонот ги прикажа лимузината Seal и кросоверот Seal U.

Фабиан Брандт од консултантската куќа Оливер Вајман, го оцени шоуто: „Тоа што порано беше перформанс, за германската автомобилска индустрија да ја покаже својата исклучително силна позиција, сега е средба на рамноправни прогресивни играчи од целиот свет, посебно од Кина.“
Пристигањето на кинеските производители на електрични автомобили ја поткрепи загриженоста дека тие ќе понудат пониски цени од локалните производители на автомобили и дека доаѓаат за да доминираат во продажбата на електрични автомобили.

Според аналитичарите од Јато Динамикс, просечната цена на електричен автомобил во Кина, во првата половина од 2022 година изнесувала под 32.000 евра, наспроти 56.000 евра за електричните автомобили во Европа.
„Европа од макроекономско гледиште мора да престане да биде наивна за Кина“, изјави за новинарите главниот инженер на Renault, Жил ле Борне, посочувајќи на контролата што ја има Кина врз целиот синџир на добавувачи за батериите.
















