Сребрената ѕвезда се цени и меѓу возилата за кампување. На неодамна завршениот салон за кампување во Диселдорф, Mercedes-Benz имаше сопствен штанд со неколку премиери, но марката беше присутна на уште веројатно половина од штандовите на салонот – како основа за доработка, надградба, преправка.
Сајмиштето во Диселдорф во втората половина на август е главно место за сите љубители и сонувачи за кампување, без разлика дали соништата се скромни или се луксузни и за нивно остварување се потребни милиони. Mercedes-Benz е речиси домаќин на салонот, затоа што ѕвездата се појавува секаде, вклучувајќи ги штандовите на фирмите Hymer, Wochner, Adria или Kabe, коишто најчесто ги користат возилата на Mercedes-Benz како основа.
Во толку значајна улога, Mercedes-Benz Vans имаше бројни новини и на сопствениот штанд. Понудата е најразновидна, почнувајќи од приспособлив модул Marco Polo, што на пример се поставува во ванот T-Class и возилото за миг го претвора во кампер, до кампинг-бусот и врв во понудата, V-Class Marco Polo.
Луксузното возило за кампување на база на V-Class на салонот првпат се појави во новото издание, со сменет изглед и со зафати за поголем комфор и функционалност. На тоа следат уште бројни можности за пристап и користење на оплајн-услуги. Сето тоа е дел од новата ориентација на Mercedes-Benz Vans, да се понудат најдобрите ванови и услуги што постојат – аналогно на автомобилите, кај коишто важи истото начело.
Новото издание на V-Class се препознава во впечатливата и отмена маска, заедно со нов браник. Ако се нарача дизајнерски пакет AMG Line, маската ќе биде обрабена со светлечка лента. Печат ставаат и светлата MULTIBEAM LED. Назад исто има нов браник, заедно со сменети задни светла и дополнително со хромирана украсна лајсна со натпис Mercedes-Benz.

Внатрешноста пречекува со нов кокпит, вклучувајќи два дисплеи од по 12,3 инчи, што се поставени под заеднички панел. Отменост и лимузински дух внесуваат стилските отвори за воздух, а тука е и новата генерација волани. Зафатите не ја пропуштија ниту средишната конзола.
Од новите комфорни функции, „најзвучни“ се греењето на воланот и придушеното осветлување на задниот дел од кабината, кога се патува ноќе. Амбиенталното осветлување во 64 бои сега ги опфаќа и задните лизгачки врати. Инфо-забавниот MBUX систем се усовршува постојано, а тоа што го носи како новина во освежената V-Class Marco Polo се управување со функциите на ENERGIZING и навигацијата со унапредена реалност.

Marco Polo станува паметен дом на тркала со интерфејсот Mercedes-Benz Advanced Control (MBAC). Тој овозможува директно од кокпитот или од телефон да се ракува со функциите на возилото.
Доколку V-Class Marco Polo се нарача со пневматска амортизација Airmatic, тогаш висината на каросеријата самостојно се израмнува кога возилото ќе се паркира на закосена подлога.
Главниот талент за кампување се покажува кога ќе се подигне покривот, со двоен лежај. Со тоа следат и клупа за седење што се претвора во лежај, преклоплива масичка, целосно опремена кујна, па дури и орман за облека.
















