Great Wall Motor потпиша договор со Inchcape, најголема дистрибутерска мрежа во светот

Голема вест за љубителите на кинеската марка Haval, којашто е дел од концернот Great Wall Motor, најголем кинески производител на автомобили во приватна сопственост. СУВ-моделите и новите електрични модели на GWM во иднина ќе се дистрибуираат преку Inchcape, најголемиот дистрибутер на возила во светски рамки,

Партнерството потпишано во петокот, на 30-ти јуни, предвидува Inchcape и Great Wall Motor (GWM) да разработат подрачја во коишто ќе ја остваруваат својата стратешка соработка. Постои можност Inchcape да ги дистрибуира возилата од марките на GWM, на пазарите каде што Inchcape веќе е присутен.

Првиот голем пазар на којшто ќе почне да се одвива соработката е Индонезија, каде што Inchcape и GWM потпишаа договор за дистрибуција. Островската држава меѓу Индискиот Океан и Пацификот, со близу 280 милиони жители, ќе биде еден од првите нови пазари на коишто Inchcape ќе ги лансира возилата на Great Wall Motor. Главниот нагласок ќе се постави на возила со електрифициран погон, коишто веќе се дел од моделската понуда на Haval.

На останатите пазари на коишто ќе се одвива соработката, Inchcape и GWM ќе работат на изнаоѓање решенија за натамошно подобрување на дистрибуцијата и искуството на корисниците. Се предвидува и продажба и откуп на користени возила, како и финансирање на возила.

Придобивката за Inchcape е во тоа што преку хибридните и целосно електрични возила на Great Wall (Haval, Ora,Wey), дистрибутерот ќе може да го зголеми уделот на возила со електриифицирана погонска спрега во своето портфолио.

Inchcape е мошне присутен на балканот, како дистрибутер на Lexus и Toyota на македонскиот пазар, но и во Грција, Романија, Бугарија. Пошироко во Европа, Inchcape покрај Toyota и Lexus дистрибуира BYD во Белгија и Луксембург, BMW во Естонија, Латвија, Литванија, потоа Jaguar, Land Rover и Mazda во Финска, Естонија, и уште голем број марки, на глобално ниво.

На македонскиот пазар, долгогодишен увозник и дистрибутер е Толту Моторс.

Претходна објаваKia: Во првото полугодие продадени 260.000 примероци од Sportage
Следна објаваСпојлери за три, боја за седум илјади евра, новиот Mercedes-AMG GT 4-Door

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here