Од каде доаѓаат 479.700 произведени автомобили на Tesla

Фабриките на Tesla работат под полна пареа. Во вториот квартал годинава, електро-пионерот произведе 479.700 возила. Од нив, 460.211 примероци се од моделите од средна класа Model 3 и Model Y. Останатите 19.489 примероци се од постарите и значително поскапи Model S и Model X.

Нов рекорд на американската компанија. Tesla го постигна тоа со скромна мрежа од производствени фабрики, чијашто врвна ефикасност за шефот Илон Маск е исто толку важна, колку што е напредниот софтвер во автомобилите на неговата компанија.

Тоа што почна во 2010 година со купувањето на фабриката на General Motors, стара повеќе од 60 години, во калифорнискиот Фремонт, до денес се разви во широко разградена производствена мрежа. Овие фабрики ѝ овозможуваат на Tesla да произведува возила во сите светски региони.

Tesla во минатата година во своите четири фабрики произвела 1.313.851 автомобили. Тој број годинава ќе биде надминат значително. Повеќе од половината од возилата се произведени во гигафабриката во Шангај.

Кинеската автомобилска асоцијација го проценува производствениот капацитет на фабриката, што беше отворена кон завршетокот на 2019 година, на 710.865 возила. Шангајската гигафабрика ќе произведеше и повеќе, доколку тесното грло во испораката од добавувачите и последиците од корона-пандемијата не ја задржуваше продукцијата во најголемата фабрика на Tesla.

Во август 2022 година, работниците го завршија проширувањето на фабриката што се наоѓа југоисточно од Шангај. Со тоа проширување, фабриката во иднина ќе може да произведува до еден милион електрични возила годишно.

Фабриката на Tesla во Шангај

Овие силни бројки од Шангај, беа повод за шефот на компанијата, Илон Маск, во минатата година да го повика својот врвен менаџер Том Жу од Кина во Тексас. Кинескиот менаџер ќе има задача оттаму да ги решава проблемите во производсвото во целата светска мрежа од фабрики.

За разлика од Шангај, двете фабрики што беа отворени со временска разлика од само неколку недели во пролетта 2022 година, уште заостануваат со продукцијата. Тоа се фабриките во Гринхајде во Берлин и во Остин, Тексас. Според податоци од компанијата, германската фабрика во моментов произведува по 5.000 возила неделно, што значи дека годишната продукција изнесува 260.000 примероци од Model Y. Во првата фаза беше планирано во Гринхајде да се произведуваат 500.000 возила, што значи речиси двојно повеќе отколку сега.

Фабриката на Teslа во Гринхајде, Германија

Слично е во Остин. Вработените во тексашката фабрика произведуваат по 4.000 примероци од Model Y. Паралелно се подготвува и сериското производство на пикапот Cybertruck и на електричниот камион Semi, што треба да започне годинава. Планираниот капацитет исто така изнесува 500.000 возила, но во моментов се работи само со половина од можностите.

Според Питер Нагел од консултантската куќа ANP ­Management Consulting, тоа нема да ја забави компанијата: „Tesla побрзо ќе го стартува производството отколку во Шангај, затоа што компанијата постигнува исклучително темпо во производството и во автоматизацијата. Покрај тоа, во тимот се вклучени ветерани, кои го донесуваат своето искуство од Кина и кои ќе овозможат ефикасна продукција.“

Во фабриките работат германски машини

Матичната фабрика во калифорнискиот Фремонт работи одлично. Фабриката јужно од Сан Франциско располага со најголема флексибилност од сите фабрики на Tesla и ги произведува сите модели, постигнувајќи капацитет од 650.000 возила. Во минатото лето беше поставен рекорд во бројот на испорачани возила.

За машините во фабриките, Tesla се потпира на германски квалитет на производство. Фабриките на Tesla се опремени со машини од Eisenmann и Dürr. Американците во 2017 година ја презедоа компанијата Grohmann, за самите да можат да конципираат производствени постројки по мера.

[the_ad id=”73735″]

Пресите во Tesla се производ на италијанската Idra. Се користат посебни „гига-преси“, со коишто целата задна рамка се изработува од едно парче. Компаниите очекуваат наскоро да добијат нови налози. Tesla објави во март, дека во мексиканската сојузна држава Нуево Леон ќе ја гради најголемата фабрика за електрични автомобили во светот.

Изградбата на мексиканската фабрика треба да биде готова уште пред завршетокот на следната година. Tesla предвидува изградбата да трае само девет месеци. Маск веќе бара локација и во Индонезија. За двете нови фабрики се планира продукција од по еден милион електрични автомобили.

Претходна објаваАрапи вложуваат во кинески компании за електрични автомобили
Следна објаваCitroen назначи нов шеф за Европа, пазарниот удел треба да достигне 5%

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here