Со раст од 55 проценти во споредба со претходната година, батериските електрични и приклучните хибридни возила лани за првпат надминаа 10 милиони продадени примероци.
Апсолутен пазар за пример е Кина. Со шест милиони продадени електрични автомобили, што претставува раст од 82% во споредба со 2021 година, Кина е во голема предност пред Европа, со 2,6 милиони возила, како и пред САД, каде што лани биле регистрирани околу 1 милион нови автомобили со погон на струја.
Растот од само 14 проценти во Европа е на ниво од пред пет години. Меѓу европските држави предничи Норвешка, со удел на електричните автомобили од 89 проценти во вкупната продажба на возила во земјата. Во поглед на производството, прва е Кина со удел од близу две третини од сите произведени електрични возила во светски рамки.
Тоа се најважните резултати од студијата што редовно ја спроведува консултантската куќа McKinsey & Company, во следењето на напредокот во електромобилноста на 15 најважни пазари.
„2022 беше апсолутна рекордна година за е-мобилноста – пред сé во Кина“, кажуваат од McKinsey. „Кина е прва не само во продажбата и во производството, туку има силна позиција и во целиот синџир на создавање на додадена вредност, вклучувајќи ги производството на батерии и суровините.“
Електричните автомобили во 2022 година достигнаа удел од 28% на кинескиот пазар. Најголем удел на е-автомобилите во цел свет, постигнуваат неколку европски држави: Норвешка (89%), Шведска (57%), Финска (39%), Данска (39%) и Холандија (35%). Блиску е Германија, најголемиот и најважен пазар во Европа, со удел од 33 проценти.
До 2025 година, производителите ќе излезат на пазарот со повеќе од 600 нови електрични модели – повеќето од тие модели припаѓаат во СУВ-сегментот. Најголем број модели со електричен погон имаат Кина (333 модели) и Германија (178 модели).
„Инфраструктурата од полначи и натаму е критично подрачје“, предупредуваат аналитичарите. „Брзината на изградба на мрежата мора да ја следи продажбата на електрични возила“.
[the_ad id=”73735″]
Во Европа во моментов постојат 500.000 јавно достапни полначи. До 2030 година, нивниот број мора да се зголеми на 3 милиони, за да се обезбеди еден полнач секои 20 електрични возила. Тоа значи дека место 1.000 нови полначи месечно, динамиката мора да се зголеми на 7.000 нови полначи за една седмица.
















