Холивудски ѕвезди вложуваат во Ф1-тимот на Renault

Холивудските актери Рајан Рејнолдс и Роб Макелхени им се приклучија на Otro Capital и RedBird Capital Partners, во инвестициска група, којашто поседува 24 проценти удел во Alpine Racing, Ф1-тимот на групацијата Renault.

Со инвестицијта во зделката вредна 200 милиони евра, вредноста на Alpine Racing, со седиште во Велика Британија, порасна на околу 900 милиони долари.

Alpine Racing, со фабрика во централна Англија, ги освои првенствата во формула 1 во 2005 и 2006 година, кога се натпреваруваше како фабрички тим на Renault, а пред тоа и како Benetton, во 1995 година. Ланското првенство, тие го завршија на четвртото место, a во моментов се петти, по извозени осум од вкупно 22 трки годинава.

Од Renault соопштуваат, дека Alpine Racing, фрацуска компанија што ги произведува моторите за тимот во Вири-Шaтијон, ќе остане во целосна сопственост од производителот на автомобили.

Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, изнаоѓа начини да го зајакне имиџот на Alpine и да ја зголеми продажбата на спортските автомобили на марката, во исто време префрлувајќи ја понудата на целосно електрични модели. Учеството во Ф1 е клучен чинител во неговата стратегија. Инвеститорите стануваат сé позаинтересирани за Ф1, чијашто популарност во светски рамки се зголеми во последните години.

Откако Ф1-тимот на Renault беше ребрендиран во Alpine, де Мео понатаму ќе се посвети на развој на целосна понуда од модели за спортската марка. Позната главно по спортското купе A110, француската марка ќе премине на целосно електрична понуда до 2026 година.

Ѕвездата од „Deadpool“, Рајан Рејнолдс, раководи со Maximum Effort Investments, заедно со Макелхени, познат од американската хумористична серија „It’s Always Sunny in Philadelphia“ и со колегата Мајкл Б. Џордан, како соинвеститори.

Рејнолдс и Макелхени го презедоа велшкиот фудбалски тим Рексем во 2020 година, подржувајќи го враќањето на клубот во англиската фудбалска лига во април годинава.

Нивната популарна доку-серија „Welcome to Wrexham“ се покажа голем хит во Северна Америка, донесувајќи му светска слава на малку познатиот клуб.

Renault соопшти дека инвестицијата од Otro и RedBird вклучува и учество на фамилијата Хантсмен и Main Street Advisors.

Алек Шајнер, соосновач и партнер на Otro Capital, ќе се придружи во управниот одбор на Alpine Racing.

Американската инвестициска фирма RedBird, под раководство на поранешниот банкар на Goldman Sachs, Гери Кардинале, инвестира во Fenway Sports Group, којашто е сопственик на фудбалскиот клуб Ливерпул и на безбол тимот Бостон Ред Сокс.

RedBird исто така поседува управувачки удел во францускиот фудбалски клуб Тулуз, а лани во август го купи и италијанскиот Милан, во зделка вредна 1,2 милијарда евра, вклучувајќи ги и сопствениците на безбол тимот Њујорк Јенкис.

Претходна објаваКина за три месеци извезла повеќе автомобили отколку Јапонија
Следна објаваСивата повеќе не е боја за Fiat

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here