Потребна е голема имагинација само да се смислат имињата за сите изведби што Fiat 500 ги има доживеано досега. Чинквеченто на 21-от век почна како Pop и Lounge, потоа стана Rock Star, имаше и времиња на Cult, на соработки со GQ, Gucci, Diesel. Денес се спомнуваат Red, Dolcevita, Google, а пред нив беа Riva, Collezione, Anniversario за 120-годишнината на марката, па уште една славеничка серија за 60-годишнината на моделот, и тоа пак не се ниту половина од имињата што Торино ги смислуваше одново, за секој нов повод.
Го посетивме салонот на Аутомобиле СК во Скопје, да го снимиме Fiat 500, пред големите новини што следат за италијанската марка, додека наближува премиерата на Fiat 600 и со голема љубопитност се чека „српската панда“. Но, место еден примерок од Fiat 500, во салонот излезе цело трио. Овој автомобил веројатно во целата негова историја во салонот на Fiat, нема доживеано период да биде единствен преставник на својата сорта. Секогаш постои некоја втора или трета варијанта што менаџерите сакаат да ја покажат, затоа што и таа е посебна.
Автомобилите и светот околу нив се сменија многу во изминативе три години. Прво беше ковид, кога светот престана да функционира, и фабриките беа ставени во мирување. Потоа, светот повторно почна да учи да се движи, но уште долго се „тетеравеше“. За комплексна стока, каква што се автомобилите, секогаш имаше некој дел да недостига во синџирот од добавувачите. Така беше со микрочиповите. Кога почна „украина“, снема и кабли, затоа што масивните кабелски спреги што се вградуваат во автомобилите, се составуваат најчесто во Украина.
Следеше поскапување на сé, од руда, до камиони за транспорт, а производителите, поради тоа што се соочуваа со недостиг од микрочипови, тие што ги имаа ги вградуваа во најскапите автомобили што имаат да ги понудат, затоа што мора да се надомести за пропуштената продукција. Тоа што претходно поскапе, поскапе уште еднаш.
Во меѓувреме, индустријата се откажа од малечките автомобили. ЕУ има строги норми за издувни гасови, а за тие барања да се исполнат, мора да се вградува скапа техника. Останаа само мал број модели од класата: Toyota Aygo X, Suzuki Ignis, Kia Picanto, Renault Twingo – и нормално, Fiat 500 во своите три варијанти. Плус трите варијанти од Abarth.
По сите овие промени што му се случија на светот, Fiat 500 пак останува истиот. Можеби и тој е малку поскапен, но светот пак си изнајде баланс, затоа што сите поскапеа. Дури и пазарот на користени автомобили си ги качи цените, што е најголемата иронија во автомобилската историја досега, но таков е пазарот.
Да се најде критика дека формата што ја гледаме уште од 2007 година станала „застарена“, исто е толку неумесно, како за историскиот Fiat 500 од 1950-те и 1960-те години да се каже дека неговиот дизајн денес да почнал да изгледа обично. Откако Торино ја пушти и третата варијација на тема „чинквеченто“, во форма на електричната Nuova 500, односно 500е, стана јасно дека всушност секоја ера си има свој Fiat 500. Секој „чинквеченто“ е вреден и надвор од својата ера.
Три моделски изведби од две генерации на Fiat 500 се најдоа заедно во ова видео:
Fiat 500 Red припаѓа во целата серија модели Red на Fiat и мал дел од цената на возилото се префрлува на сметка на фондот на светската организација Red, што е посветена на борбата против пандемии. Fiat, Jeep и RAM се обврзаа меѓу 2021 и 2023 година да донираат најмалку 4 милиони евра на организацијата Red, преку продажбата на своите модели од оваа серија. Верно на овој единствен етички чекор, Fiat во својот 500 од серијата Red применува низа зафати, во насока на здравата клима во кабината и одржувањето хигиена: Филтерот за воздух за кабината е третиран со биоцид и пречистува 99,9% од бактериите и габите, истиот третман важи и за облогите на седиштата и облогата на воланот, па дури и облогата на багажникот уништува вируси. Значи сепак не станува збор само за стилски зафати, иако 500 Red првично остава впечаток како да е стилски унапредена верзија на стандардниот модел.
View this post on Instagram
Dolcevita е втората варијанта, којашто е најексклузивна и најкомплетна изведба во историјата на моделот досега. Fiat вели дека тоа важи и за комфорот, и за технологијата, па и за стилот. Dolcevita секако дека асоцира и на „слатките“ времиња во 1950-те години. Оваа ексклузивна серија е достапна само во кабриолет изведбата 500C.
View this post on Instagram
Третата варијанта е веројатно најпријатното изненадување на моделската серија, тоа е Fiat Nuova 500, односно кај нас 500e. Нормално, станува збор за целосно електричен погон. Платформата e целосно различна, 500 каков што го познаваме од 2007 година се води под фабричкиот код „312“, додека електричниот модел е F1A и истиот е дел од редовната понуда на Fiat од 2020 година. Двата модели си функционираат паралелно.
View this post on Instagram
Европскиот пазар го обожува (и) електричниот модел. Само во април, Fiat има пласирано 3.877 примероци во Европа, што прави 500e да биде 8-ми најпродаван модел со целосен погон на струја на пазарот. Тоа е речиси една третина од вкупната продажба на двата модели (13.183 во април), коишто од јануари до април се продадоа во вкупно 57.243 примероци (+29% во споредба со првите четири месеци лани). За ориентација, Dacia Duster исто се продава во толкав обем на европскиот пазар.
















