Се случи и тоа. Kia на македонските патишта да вози на струја. Овој XCeed во боја што со причина се води под името „нова инфра црвена“, прв модел е на Kia што може одреден пат да извози чисто на струја. Станува збор за приклучен хибриден погон, што значи дека човек не мора да се коси ако батеријата е испразнета, затоа што возењето секогаш може да продолжи со хибриден погон. Како за електро-пионер на марката, на Kia XCeed Plug-in Hybrid ѝ приредивме посебен тест во Аутомедиа.
Во марката Kia повеќе ништо нема да биде како порано. Во исто време важи и дека во Kia сé ќе биде исто како досега. XCeed Plug-in Hybrid е првиот модел во којшто марката на шампионот Sportage им нуди на македонските возачки и возачи избор да возат со електричен погон. Моделот се вклучи во редовната понуда на македонската Kia заедно со уште еден модел, којшто е уште повеќе електричен, односно е електричен колку што може – тоа е Niro EV, комплетно нова моделска серија во понудата на нашиот пазар, веќе во втора генерација, како моделска серијак со којашто Kia докажа дека умее и со електрификацијата.
Овие два модели, заедно со електричниот EV6, што се чека деновиве да заблеска во салон, и заедно со хибридните изведби на Sportage, ќе бидат дополнителен избор во гамата на Kia, покрај погонските варијанти што веќе им се познати на нашите возачи. Прашање е зошто би се избрала верзијата на XCeed со приклучен хибриден погон, кога и постоечката изведба со 1,5-литарскиот Т-GDi, со 160 КС и потрошувачка меѓу шест и седум литри, не само што не остава неостварени желби, туку и ги надминува очекувањата?
Затоа ѝ смисливме посебен тест на оваа историски важна Kia. На стандардната тура на Аутомедиа, на којашто повеќепати ја имаме тестирано и споредувано потрошувачката на бројни модели на тест, направивме две мерења:
Во првата етапа, појдовме од Скопје со полна батерија, возевме кон Куманово во чисто електричен режим додека се испразни батеријата, потоа продолживме кон Кратово и Пробиштип, и по вкупно поминато растојание од 100 километри, ја отчитавме вредноста на потрошувачката на гориво.
Во втората етапа, поаѓајќи од Пробиштип, без да ја полниме батеријата, ја возевме втората тура, исто така во должина од сто километри, прво кон Штип, а потоа кон Велес, па назад по автопатот до Скопје. Отчитувањето на потрошувачката на гориво беше цел и на оваа етапа.
Две различни етапи, на коишто ќе се покаже вистинската моќност на погонот, а од друга страна и вистинската штедливост на Kia XCeed Plug-in Hybrid
Станува збор за мошне благодарна рута, на којашто се открива како се однесува погонот, во поглед на потрошувачката, во најразлични услови на возење. Слични тури избираат производителите на автомобили, кога ги развиваат и тестираат новите генерации модели, најчесто во планинските предели ширум Шпанија и Португалија.
Во првата етапа има долго искачување до Страцин, па речиси целосен спуст до Кратово, по што следи повторно искачување и возење по кривулест пат, со честа промена на динамиката на возење, за потоа да следи уште подолго и побрзо спуштање до Пробиштип.
Етапата оттаму кон Штип и Велес, ја сочинува возење што постојано преоѓа од автопат на спореден пат, главно возење право, со единствено, но ефектно искачување на велешко Ветерско, за потоа пак да следи надолнина до завршувањето на кругот во Скопје. На оваа етапа се покажува вистинската економичност на погонот и возилото.
Моторот е технолошки врв, сепак за ниска потрошувачка кај приклучниот хибриден погон е пресудно моторот да биде штедлив и култивиран
Основата на погонската спрега ја сочинува 1,6-литарски атмосферски GDI со фабрички код G4LЕ, значи различен мотор од 1,5-литарскиот T-GDI со 160 КС во стандардниот XCeed (код G4LH), со моќност од 105 КС при 5.700 min-1 и вртежен момент од 147 Nm при 4.000 min-1. Моторот е од генерацијата Kappa, со директно впрскување, целосно алу-конструкција и со висок степен на компресија 13,0:1, којшто е одлика на штедливиот еткинсонов циклус на работа. Двете брегасти вратила користат варијабилна фаза (Dual CVVT), погонот е со синџир. Значи, одличен мотор како од учебник.
На бензинецот му асистира електромотор со максимална моќност од 45 kW (61 КС), со максимален вртежен момент од 170 Nm. Електромоторот е вграден напред, станува збор за синхронен мотор со постојана магнетна побуда (PSM). На тоа следи уште 6-степен менувач со двојна спојка, и најважното, батерија литиум-полимер од 8,9 kWh бруто, тешка 117 килограми.
На поаѓање од Скопје, батеријата беше подиспразнета до 90-на проценти, така што XCeed предвидуваше дека со постоечката енергија ќе се извозат 40 километри. При целосно наполнета батерија, може да се смета на 45 километри досег. Возењето низ град и по ридовите по Арачиново не се разликува од динамиката со обичен погон. Тоа е веќе совладана дисциплина, ако нешто не може да се забележи за електричниот погон, тоа сигурно е моќното повлекување.
Возењето до Куманово минува без каква било потреба од задршка во брзината. Досегот се намалува рамномерно како што напредува патувањето и сосем е извесно дека до градот ќе успееме да извозиме без да се вклучи бензинецот. Прашањето е само, колку енергија ќе остане во батеријата?
Во Куманово има енергија во батеријата за уште неколку километри на струја
Одговорот покрај таблата на влез во Куманово: Седум километри. По 35 извозени километри. Тоа е првото пријатно изненадување. Следи кусо возење по автопатот, до исклучувањето за Крива Паланка, па потоа возење по патот што стана вистинско уживање по обновувањето.
Откако покажувачот на досегот одброи до нула, ништо драматично. Бензинецот се вклучи неосетно, па дури и повлекувањето остана слично со претходното возење во чисто електричен режим. Во спротивно би било непријатно искуство, кога возачите би морале да се привикнуваат на разликата меѓу чисто електричниот и хибридниот режим. Тоа веќе е една потврда дека Kia направила добар хибриден погон.
View this post on Instagram
Минуваат педесетина километри, додека податокот за потрошувачката на гориво се смени од 0,0 L/100 km. Вредноста е мошне „забавна“, се покажува просек од 0,4 литар и тоа е вистинито. Честопати се случува, мониторот што ги прикажува случувањата во погонот, да изненади и да прикаже дека во моментот Kia XCeed вози во чисто електричен режим. Тоа се само куси делници, долги од неколку стотини метри, до најмногу километар, но во тоа се состои целта на хибридниот погон.
По 72 километри, кусо по Страцин, следи отчитување: Просек 2,2 литри. Како што предвидовме, батеријата се полни по надолнината и се обезбедува енергија за кусите забрзувања и искачувања што следат, за да се поштеди бензинецот. Во Кратово, просекот е 2,6 литри, но и батеријата на спустот се наполни до 12 проценти. Тоа ќе биде добредојдено за качувањето што следи по градот.
Кога од сто километри, четириесетина ќе се извозат без ниту грам потрошено гориво, просекот е…
Точно на стотиот километар, кусо пред Пробиштип, следи големата вистина. Просекот: 3,1 литри. Бидејќи остануваат уште неколку километри спуштање до Пробиштип, просекот таму паѓа на точно 3,0 литри. Уште повеќе радува ефектот од спустот: Батеријата надолу се наполнила до 15 проценти. Тоа е воедно и одговорот на главното прашање, колкава потрошувачка ќе се постигне, доколку се вози прво со енергијата во наполнетата батерија и се продолжи со хибриден погон.
Од Пробиштип, со ресетиран мерач, патувањето продолжува кон Штип, со брзина од 80 километри на час. Вредноста со четворка пред запирката е типична „хибридна“ бројка. Но, веќе по триесетина километри се покажува дека XCeed може и подобро од тоа. Место четворка, сега стои тројка. Причината е во тоа што електромоторот ги искористува ситуациите во возењето кога може да генерира струја и истата да ја насочи кон батеријата, за потоа да се вклучи чисто електричен погон, кога не се бара пресилно забрзување и главно се одржува постојано темпо. Режимот на струја се вклучува постојано, дури и при брзини од стотина километри на час.
На автопатот, просекот се качува на 3,8 литри, за потоа да следат десетина километри по спореден пат, и кај Велес, да продолжи возењето по автопатот. На Ветерско, хибридот влече мошне комотно, при притискање врз гасот се забележува дека погонот располага со моќ за да повлече уште посилно. Кога на знаците пишува темпо 130, тоа и за значи XCeed значи темпо 130. Без забавување, просекот по Катланово кажува 4,7 литри просек, при нормално возење, без полнење на батеријата. За динамиката што ја постигнавме на возењето, за големината на XCeed, којшто сепак е кросовер висок 1,5 метар и широк 1,83 метар, тоа е одлична вредност.
Значи, зошто приклучен хибриден погон, кога и класичниот бензинец ја завршува работата повеќе од добро? Заради штедење, не првенствено. Точно е дека три литри просек, кога се патува стотина километри и се поаѓа со полна батерија, и далеку под пет литри, кога се патува со стотици километри, се вредности коишто сведочат за несекојдневна штедливост. Кој е до толку свесен, дека со тоа и помалку ја загадува животната средина, тоа е аргумент плус.
Но, главната причина сепак е друго. Решава чувството при возење, разликата, збогатената „содржина“ на патувањето. Возачите на приклучна хибридна Kia XCeed не значи дека се помалку познавачи и заљубеници во автомобилската техника, или дека помалку се фасцинираат од октаните (коишто, патем, ги спомнуваат и некои големи поборници на дизелот). Многу поверојатно дека ситуацијата е спротивна. Пробата на електричниот погон е тоа што луѓето понатаму ги убедува за електро-таборот, или ги задржува во постоечкиот табор. Но, и тука е поверојатно дека ќе пресуди првиот табор. Кој помислил на идејата за приклучен хибриден погон, пробното возење ќе направи таа идеја да прерасне во реализација.
Постои и мала повластица од страна на државата, со тоа што за возилата со приклучен хибриден погон наплаќа само половина од данокот на возило. Тоа сепак е незначителна сума и претставува подрачје во коешто производителите на автомобили и продажбата на автомобили, не може да влијае. Властите се тие што треба на граѓаните да им овозможат преоѓање во ерата на електромобилноста.
Цената Kia XCeed Plug-in hybrid со нивото на опременост Executive изнесува 39.950 евра. Разликата со XCeed 1.5 T-GDi Executive е точно 10.500 евра. Вистинската разлика во ценат се преполовува кога ќе се земат предвид ставките што приклучната хибридна XCeed го поседува стандардно, наспроти бензинската изведба: Систем за асистенција по автопат, предупредување при возило во мртов агол, панорамски сончев покрив, електрично местење на возачко седиште со меморија, грејачи во предни и задни седишта, грејачи во волан.
Кои се предностите на Kia XCeed Plug-in Hybrid?
Предностите на изведбата на Kia XCeed со приклучен хибриден погон се очигледни за купувачите што сакаат да се видат во таква мисија: Дневно во просек се минува далеку покусо растојание, отколку што е досегот од 40-на километри. Тоа значи дека при секојдневното возење до работа и назад, XCeed може цела работна седмица да се вози чисто на струја, со енергијата што по евтина тарифа, преку ноќ ќе се наполни во батеријата. И прашањето за достапноста на полначи веќе станува надмината тема. Германија неодамна се откажа од целта да постави уште милиони полначи, затоа што се покажа дека луѓето си поставуваат полначи дома.
Мало ограничување може да биде багажникот, којшто со околу 300 литри е помал во споредба со стандардната изведба. Заслугата за тоа е во батеријата. Кој цени дека багажникот мора да биде поголем, пак може да остане во истата куќа. Kia го нуди и Niro во изведба со приклучен хибриден погон, дури и со поголема батерија, со багажник од 348 литри. Големо освежување во понудата на Kia на македонскиот пазар и заокружување на имиџот на XCeed. Постоењето модел со хибриден погон ги „крева акциите“ на сите возачи на овој исклучителен кросовер, за којшто повеќепати досега имаме оценето дека реално припаѓа една класа погоре.
Сите технички податоци, опременост, цени за тестираниот модел се достапни во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК
















