Тоа е еден од автомобилите што имаат привлечено најмногу внимание на сцената, а притоа воопшто не влегле во производство. Мercedes-Benz пред повеќе од 50 години излезе пред светот со C 111. Светот го обожуваше, богаташите потпишуваа бланко чекови, но Штутгарт остана решен, моделот да не го пушта во продажба.
Купето со клинеста форма и ниска силуета, лакирано во портокалова боја, остана само во фаза на фабрички проект. Изработени беа 16 експериментални возила, коишто користеа бензинец V8, ванкел, па дури и дизел. Mercedes C 111 постави стотици рекорди и постерите од него ги красеа ѕидовите во собите на милиони тинејџери. Но, автомобилот не доживеа производство.
Светот не го заборави автомобилот. Најмалку го заборавија во дизајнерскиот тим на Горден Вагенер, каде што мошне истакнато место има македонскиот дизајнер Славче Таневски. На отворена забава во калифорниското студио на Mercedes во Карлсбад, Швабите без каква било најава ја приредија големата сензација и го прикажаа новиот C 111, односно неговиот современик Vision One-Eleven.
За разлика од историските „сребрени стрели“, ѕвездите на Mercedes од раните години на мотоспортот, коишто нормално се во сребрена боја, Vision One-Eleven е лакиран во истата портокалова-бакарна боја како оригиналот. Разликата е во тоа што денешната технологија овозможува бојата да има длабочина и уште посилно да сјае.

Задржани се црните украсни делови, а секако дека е присутно и највпечатливото обележје, крилестите врати. Тие се обложени со фолија во истата боја со каросерија и проѕирни се само одвнатре. Кога се гледа од надвор, не може да се насети дека целите врати се всушност проѕирни.
Исто како што C 111 испробуваше различни погонски техники, така и One Eleven најавува следно поглавје во електромобилноста
Тоа беа воедно и единствените сличности меѓу двете возила. One-Eleven не треба да биде копија, а уште помалку ретро автомобил. Идејата е повеќе да се продолжи идејата за C 111. Футуристичкиот автомобил има маска што ја сочинуваат диодни светилки и преклопливи светла, и секако дека има електричен погон.
Долг одвај четири метри, автомобилот со куполеста форма мери 1,20 метар во висина, дизајниран е минималистички и единственото што двои во каросеријата се крилата.
Во внатрешноста продолжува играта меѓу минатото и иднината. Зад воланот што е инспириран од Формула 1, по целата ширина на кабината се протега дисплеј, со груб растер и со соодветно груба графика – тоа потсетува на раните времиња на компјутерските игри, времиња во коишто беше и создаден C 111.
Но, технологијата што ја користи дисплејот е импресивна. Таа нуди брилијантна слика, каква што досега не е сретната во автомобилскиот свет. Кога ќе се стават очила за виртуелна реалност, што се мошне популарни, благодарение на Apple Vision Pro се добива холистичка проекција на внатрешноста и на просторот околу автомобилот. Тоа е иднината на системот MBUX, со тридимензионален приказ.
Сé е облагородено дополнително со многу лак, кожа и луксуз. Не е случајност тоа што седиштата со впечатлива алуминумска конструкција потсеќаат на филсмкиот хит Барбарела, со којшто Џејн Фонта пред 55 година го имаше својот пробив во филмскиот свет.
Вистина е дека Vision One-Eleven претставува само автомобил од соништата и нема планови за негова реализација во сериско производство. Но, поинаку е со техниката што се крие под спектакуларната школка. Тоа во дел се однесува и на маестрално применетиот концепт на аеродинамичност, што се провлекува под самата каросерија. Спектаклот во техниката му припаѓа на погонот.
Германците ценат дека со нивната нова технологија ќе ги подигнат перформансите на уште повисоко ниво. Во батеријата се користат тркалезни ќелии, што поради нивната поголема површина се ладат полесно. Во погонот првпат се користат електромоторите од посестринската компанија Yasa.
„Кај моторот со аксијален флус, електромагнетниот тек се движи паралелно со оската на ротација на моторот, што е мошне ефикасно, додека кај моторите со радијален тек, тој се движи вертикално кон оската“, објаснува Тим Вулмер, основач на Yasa. Тој прв го применува во автомобил принципот што е познат веќе 200 години. Новата технологија дозволува значително зголемување на врвната и трајната моќност, а тоа значи и уште повисоки перформанси со електричниот погон.
Меѓу главните предности спаѓа и тоа што електромоторите на Yasa при иста моќност имаат за третина пониска тежина и помали димензии од обичните е-мотори. За споредба, електромоторот во EQS има големина колку буре пиво од пет литри од супермаркет, машината на Yasa е голема колку тег-плоча во теретана. Тоа овозможува во ограничениот простор во еден суперспортски автомобил да се постигне моќност од преку 1.000 КС. Менаџерите најавуваат и сериска примена на електромотор што е вграден во самото тркало, со што на дизајнерите ќе им се отвори уште повеќе слобода за работа. За тоа што овој автомобил од соништата постигнува досег од само 500 километри, никој не приговара.
Моторите од Yasa и тркалезните ќелии со водено ладење, ќе бидат основа за првиот целосно електричен модел на AMG, којшто е планирано да се појави за две години. Сцената ќе се радува ако во тој автомобил се искористи и дел од дизајнот на One-Eleven.
Исто како и легендарниот C 111, неговиот современик не може да се купи и нема цена. За утеха, може да се нарача дел од „аксесоарите“ што дизајнерите на Mercedes ги создадоа користејќи инспирација од One-Eleven. Така може да се пооседува барем дел од овој автомобил што ќе остане запомнет.
Mercedes-Benz C 111

















