за

Електричниот Citroen за 25.000 евра ќе ѝ возврати на кинеската конкуренција

Citroen e-C3 ќе биде одговор на кинеските марки MG и BYD, што го напаѓаат европскиот пазар со ниски цени.

Следната генерација на C3, најпродаваниот модел на Citroen, ќе користи целосно електричен погон и ќе се произведува во Европа. Новиот извршен директор на француската марка, Тиери Коскас, најавува цена под 25.000 евра.

Моделот што ќе ја носи ознаката e-C3, „треба да облече големи обувки“, кажа Коскас, кој во февруари го замени Винсент Кобе, асоцирајќи на големиот успех што го постигнува актуелниот Citroen C3 и генерациите пред него. Тековниот модел учествува со околу 30 проценти во продажбата на Citroen во Европа, иако моделот е веќе седма година на пазарот и користи платформа од групацијата PSA, којашто е постара во споредба со останатите градски модели на денешниот концерн Stellantis.

„Навистина е впечатливо како се држи продажбата (на C3)“, изјави Коскас пред новинарите, на настанот што неделава се одржа во седиштето на Citroen во Велизи, западно од Париз.

Коскас потврдува дека постоии закана од кинеските марки, како MG или BYD, коишто извезуваат евтини електрични автомобили во Европа. „Тие имаат мошне конкурентни производи,“ кажува тој, додавајќи дека Citroen ќе мора да го прифати предизвикот. „Нашиот одговор е C3,” најавува менаџерот.

Директорот го опишува e-C3 како „малечка комбилимузина со елементи на СУВ,” но напоменува дека тоа нема да биде вистински кросовер или СУВ. Останатите модели од мини и градската класа применија сличен дизајнерски пристап. Тоа секако дека се однесува главно на мошне успешното мини Toyota Aygo X и на Dacia Sandero Stepway, популарен модел од градската класа со стилски додатоци на СУВ.

Актуелниот C3 се произведува во Трнава, во Словачка, додека претходните генерации, почнувајќи од револуционерната генерација од 2002 година, се испорачуваа од фабриката во Поаси, Франција.

Citroen веќе произведува електричен модел со ознака C3 со ниска цена, како дел од својата програма Smart Car. Тоа се модели наменети за Индија и за останатите пазари во развој.

Моделската варијанта со име New C3 што е наменета за тие региони, од јануари се произведува во фабриката во Ченаи, Индија. Станува збор за фабрика во заедничка сопственост на Stellantis и CK Birla. Моделот главно се продава со бензински мотори и користи платформа што е развиена заеднички со Tata Consulting. Електричната изведба располага со досег до 320 километри, со батерија од 29 kWh.

„Единствена“ понуда за Европа

Вториот од трите планирани модели во семејството Smart Car беше најавен во април, тоа е малечкиот СУВ-модел New C3 Aircross.

Европскиот e-C3 ќе ја доживее својата премиера наесен, а ќе започне со продажба во 2024 година, најавува Коскас. Тој не откри натамошни детали, околу досегот и погонот.

Коскас кажа дека идниот e-C3 за Европа ќе биде „единствена“ понуда, како „целосно опремен“ малечок електричен автомобил, произведен во Европа, со цена под 25.000 евра. Постојат неколку целосно електрични мини-автомобили што чинат помалку, на пример Dacia Spring, којашто се произведува во Кина, и веќе подзастарениот, но сé уште добар Volkswagen e-Up. Французите ценат дека нивниот C3 ќе биде најдостапен малечок автомобил со целосна искористливост.

Останатите електрични модели на Stellantis, како Peugeot 208 и Opel Corsa, почнуваат од околу 35.000 евра.

„Денес не постои еквивалент на пазарот“, вели Коскас. Тој напомена дека новиот e-C3 ќе ја продолжи традицијата на достапни, популарни малечки автомобили од Citroen, каде што спаѓаат легендарните 2CV, AX, Visa и Saxo.

Сепак се очекува конкуренција од Renault 5, од француска продукција, којшто ќе стартува со продажба подоцна во 2024 година, како и од VW ID.2, којшто ќе се произведува во Шпанија и ќе се појави во продажба во 2026 година. Во план се и модели од останатите марки на концернот VW Group.

До април, актуелниот C3 беше шести најпродаван модел во сегментот на градски автомобили во Европа, со продадени 44.696 примероци, според податоци од Dataforce. Во споредба со истиот период лани, продажбата подзабавила за 6,4 проценти.

На македонскиот пазар, Citroen C3 има традиција на бестселер, во сите генерации досега. До април, моделот се продаде во 63 примероци, што прави C3 да биде петти најпродаван модел годинава, по Corolla, Sportage, Clio и Kamiq. Лани, Citroen C3 беше шести најпродаван модел на македонскиот пазар.

Еден посебен тест што го направивме со Citroen C3

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes C 111 од минатото е Vision One-Eleven од иднината

Fiat има причина да слави: 40 години на Panda 4×4