за

Discovery Sport со уште една специјализација по благородништво

Внатрешност натокмена според начелата на модерен луксуз, неколку зафати во практичноста и нова доза технологија, за моделското годиште 2024 на Discovery Sport.

Discovery Sport се покажува уште поширокоград за своите купувачи, и во новото моделско годиште доаѓа со уште побогато ниво на сериска опременост. Дигитални инструменти се стандард, исто како и команди за менувачот зад волан, а со тоа следат целосно редизајнирана средишна конзола и нова генерација на инфо-забавниот систем Pivi Pro.

Во марката Land Rover се случија промени и моделите станаа марки. Discovery и Discovery Sport отсега се марки семејни возила, Defender е марка за купувачи на коишто им се важни корените на Land Rover и уште поважни им се теренските способности, додека Range Rover и Range Roveer Sport се највисокото ниво на британско благородништво што може да го понуди куќата. Тиe промени значат во светот на престижните автомобили, а ако се гледа надвор од тој свет, ништо не се сменило. Сé е одлично како и досега.

Менаџерите при освежувањето на моделот ставија главен нагласок на внатрешноста, односно на префинетоста и на тоа што се води како модерен луксуз. Новиот инфо забавен систем Pivi Pro вклучува заоблен средишен дисплеј од 11,4 инчи, што оддава впечаток како да лебди пред арматурната табла. Новината во ракувањето со дисплејот се постојаните софтверски копчиња по работ на дисплејот, што служат за директен пристап до најчестите функции, за да нема потреба да се влегува во менито. Инженерите тврдат дека тоа овозмоува до 90 проценти од најчестите функции да бидат достапни во само два потега.

До функциите може да се пристапи и на уште повисоко техно-ниво, преку фамозниот систем на говорни команди Amazon Alexa. Со сменетиот дизајн на средишната конзола се отвори повеќе простор за одлагање предмети – секако и за подлога за безжично полнење телефон, што сега е стандард. Менаџерите на марката велат дека Discovery Sport располага со најширока и најотворена средишна конзола во својата класа. Приклучоците УСБ не им се прескапи на економите во марката, ги има вкупно петпати

Во „исчистената“ средишна конзола има место за новиот бирач на програма за возење, којшто изгледа уште поблагородно. Тојо е поставен на алуминиумска плоча, темно амодизирана. Воланот со три краци исто така е нов. Секое ниво на опременост, односно на изведување на внатрешноста, има различен финиш на воланот. Во HSE, тој е обложен со мека виндзор кожа, во S и SE е „вегански“.

Моделите Discovery Sport S и Dynamic SE располагаат со внатрешност DuoLeather, со можност за избор меѓу три бои. Купувачите што бараат замена за кожа, добиваат сомот, во комбинација со „луксузно мека“ Luxtec, односно микрофибер од рециклиран полиестер.

Изборот на тркалата е проширен со уште неколку впечатливи дизајни, меѓу кои тркала од 21 инч со сјајна црна боја. Новина кај каросериските бои е варесин-сина.

Останатите главни обележја на Discovery Sport

  • Една од најсофицицираните технологии за одржување на квалитетот на воздухот во кабината, којшто придонесува и за одржување на будноста на возачот
  • Од електрифицираните погонски изведби се достапни приклучен хибрид P300e со електричен досег од 61 километар според WLTP, како и верзии со благ хибриден погон
  • Повеќе од 90 проценти од дневните тури на просечен возач може да се минат во електричен режим, со енергијата во батеријата, со реален досег од 47 километри
  • Со вградениот брз полнач, Discovery Sport P300e ја полни батеријата од 14,9 kWh до 80 проценти за само 30 минути.
  • Со обновувањето на софтверот преку податочен облак, апликациите, мапите, софтверот и услугите секогаш се во најновата верзија, без потреба да се посетува сервисна работилница
  • Прочуената технологија ClearSight Ground View, заедно со Rear View и камери 3D Surround, овозможува најверен приказ на средината под и веднаш покрај возилото

Ценовникот за британскиот пазар почнува од 44.790 фунти.

Една мошне уникатна „појава“ во салонот на JLR

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Турција стана втор најголем пазар на Opel

Тест · Kia XCeed Plug-in Hybrid · До петок на струја, за викенд на бензин