Како што расте неизвесноста околу тоа што ќе се случува во иднина на автомобилскиот пазар, цената и натаму е најважен фактор при донесувањето одлука за купување. Меѓутоа, купувачите повеќе сакаат да ја измерат противвредноста и да видат каква технологија им се нуди, на пример во погонот, место веднаш да се решат за најевтината понуда на пазарот. Марката исто така е мошне важна.
Консултантската куќа од светски ранг Simon-Kucher, спроведе автомобилска студија којашто опфати купувачи во 20 држави: Австралија, Белгија, Германија, Данска, Индија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Кина, Норвешка, ОАЕ, Обединетото Кралство, САД, Саудиска Арабија, Турција, Финска, Холандија, Шведска и Шпанија.
Главниот заклучок во студијата е дека голем удел од купувачите на автомобил чувствуваат неизвесност околу економските случувања. Половината од испитаниците очекуваат дека купувачката моќ ќе им се намали, а три од секои пет купувачи кажале дека имаат намера да го одложат планираното купување ново возило.
Студијата во којашто беа опфатени повеќе од 8.000 купувачи во 20 држави, исто така открива дека тие што се подготвени да купат автомобил, планираат да потрошат 15-20 проценти повеќе отколку во претходните години.
Разлики се појавуваат кога станува збор за технологијата
Гледано во светски размери, електричните возила сега уживаат исто толкава популарност како возилата со бензински мотор – соодносот е 63 проценти на електричните, наспроти 64 проценти на возилата со обичен погон. Во целина, сé поголем број купувачи земаат предвид електричен автомобил, но тој тренд забавува во некои региони.
Одделно по земји, најголем процент купувачи се интересираат за електричен автомобил во Кина (89 проценти), следи Норвешка (74 проценти). На спротивниот крај е Франција, каде што само 47 проценти од купувачите би купиле електричен автомобил.
За сите купувачи што размислуваат за електрично возило, главните три причини за купувањето се поштедувањето на животната средина, регионалните/финансиските погодности и подоброто чувство при возење.
Во поглед на расположението за автономно возење, поголеми се генерациските, отколку регионалните разлики. Дури 74 проценти од Ген-З се одушевуваат од автономното возење. Наспроти тоа, само 12 проценти од генерацијата стравуваат од актуелната технологија. За споредба, дури 37 проценти од Беби Бумерите кажале дека се плашат од истата.
„Интересот за електричните возила го достигна врвот во некои држави, но уште остануваат неоткриени пазари во одредени региони и групи на потрошувачи, коишто се загрижени околу цената, недоволниот досег и слабата мрежа од полначи, што ги одвраќа од електричните возила,“ кажува Мартин Геринг, директор на автомобилскиот сектор во Simon-Kucher. „Сега е потребно да се развиваат и да се нудат вистинските прозиводи и инфрастуктура, со цел да се надминат овие грижи и купувачите да се охрабрат да купат електричен автомобил.“
Дигиталната продажба на автомобили ќе стане дел од реалноста – но, со задржување на одредени елементи од минатото
Кога станува збор за купување автомобил онлајн, 55 проценти од Ген-З посочуваат дека тоа е нивен прв избор при следното купување, во споредба со само 18 проценти меѓу Беби Бумерите. Повеќе од половината купувачи би прифатиле поголеми промени во цената од производителите на автомобили. Наспроти тоа, една третина дури се надева дека ќе добијат подобра зделка отколку денес. Гледано во општи рамки, околу 80 проценти од купувачите кажуваат дека сакаат да имаат главен контакт на којшто му се обраќаат кога купуваат автомобил.
[the_ad id=”73735″]
„На купувачите им се допаѓа идејата да купат авотмобил онлајн – но, за многумина, тоа е една од најголемите набавки што ќе ја направат во животот. Тие сакаат да имаат личен контакт со којшто ќе разговараат, доколку се јават проблеми“, кажува Матијас Ример, партнер во Simon-Kucher. „Клучно ќе биде да се премости јазот на онлајн-продажбата и да се понуди таа интеракција со човек на којшто може да му се верува.“
Купувачите сé повеќе се расположени за новите начини на продажба
Зголемувањето на интересот за претплата на автомобил и изнајмување батерија кај електричните автомобили меѓу помладите купувачи, сведочи за нов тренд во изборот околу плаќањето. Услугата на месечна претплата им станува интересна на повеќето испитаници, од коишто 58 проценти кажуваат дека би земале предвид својот иден автомобил да го обезбедат преку претплатнички модел. Во 2022 година, овој удел изнесуваше 52 проценти. Прашани околу изнајмувањето на батеријата во електричните возила, повеќе од 70 проценти од Ген-З и Ген-Ипсилон се сложуваат да плаќаат наем за батеријата, место да ја купуваат истата, заедно со возилото.
Во студијата на репрезентативен примерок беа опфатени 8.235 купувачи од 20 држави ширум светот, избрани според возраст, пол, живеалиште, ниво на образование, вработеност и висина на заработка.
















