
Карлос Тавареш вели дека Tesla очигледно се обидува да си купи поголем удел на пазарот, користејќи го стариот и познат продажен инструмент што се нарекува попуст. Првиот човек на концернот Stellantis повеќе го цени потешкиот начин што води до успех, а тоа е маржата.
Законите на пазарот и на конкуренцијата важат и за автомобилските менаџери од ковот на Илон Маск, кој повеќе сака да ги предизвикува законите на физиката и да лета во вселената. Тоа го порачува Карлос Тавареш, шеф на концернот Stellantis.
Во кулоарите на автомобилскиот симпозиум што се одржува во германскиот град Бохум, Тавареш пред новинарите го искажа својот став за намалувањето на цените во Tesla. Португалецот повторно укажа дека е нереално, секоја година да се постигнува раст за 50 проценти. „Тоа е силен знак,“ додаде Тавареш. Менаџерот кажа дека има „голема почит“ кон Илон Маск и кон неговото животно дело.
По овој вовед, Тавереш кој со задоволство вози автомобилски трки во слободното време, префрли два степени повисоко и тргна во напад на стратегијата на Маск: „Дали имате видено колкава е маржата на Tesla? Таа во четвртото тромесечје во 2022 година изнесуваше 16 проценти, а сега во првиот квартал од 2023 година: Единаесет проценти. Добредојде во мојот свет, Илон Маск.“ Дури ниту еден Илон Маск не може да смени ништо во зависноста меѓу цената на автомобилите и маржата.
Групацијата Stellantis за цела 2022 година постигна просечна маржа од 13 проценти. Во автомобилскиот бизнис, тоа важи како висока маржа, посебно во пазарниот дел на големоволуменските производители. Концернот под водство на Тавареш многу порано достигна маржа од најмалку дванаесет проценти, што според првичните планови требаше да се случи дури во 2030 година.
Tesla бара плацеви за да ги складира непродадените автомобили
Коментарот на Тавареш за попустите во Tesla доаѓа во време, кога моделите на Tesla мораат да се соочуваат со растечки број на нови електрични модели од европските марки. Во исто време, на светскиот пазар се пробиваат нови електрични автомобили од Кина, коишто честопати се поевтини од Tesla.
Неколку дилери во Германија неодамна ги известија медиумите во земјата дека добиле барања од Tesla, за непродадените возила привремено да се паркираат на плацевите на големите автомобилски дилери.















