Производителот на полупроводници TSMC (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co) преговара за партнерство, изградба на фабрика за микрочипови во вкупна вредност од 10 милијарди евра. Како можна локација се наведува германската сојузна покраина Саксонија.
Планираната соработка меѓу TSMC, NXP Semiconductors, Robert Bosch и Infineon Technologies предвидува државни субвенции и буџет од најмалку 7 милијарди евра. Вкупната инвестиција би изнесувала близу 10 милијарди евра, посочуваат упатени лица, кои бараат да останат анонимни, поради приватниот карактер на информацијата.
Конечната одлука уште не е донесена и можно е да дојде до промени во плановите.
TSMC уште ја истражува можноста за изградба на фабрика во Европа, открива гласноговорничката на компанијата, Нина Као, не образложувајќи понатаму. Нема коментари за проектот од NXP, Bosch, Infineon, ниту од германското министерство за економија.
Претседателот на TSMC, Марк Лиу, изјави пред акционерите во 2021 година, дека компанијата за производство на микрочипови започнала да истражува можност за изградба на фабрики во Германија. Земјата е избрана како најголема економија во Европа.
Предложената европска фабрика ќе биде посветена на микрочипови за автомобилскиот сектор, посочи извршниот директор Ке Киа Веи.
Сличните проекти во Германија обезбедија по 40 проценти од својот буџет преку субвенции, со коишто ЕУ има за цел до 2030 година да го удвои својот удел во светското производство на микрочипови.
Во април, ЕУ го усвои Актот за чипови вреден 43 милијарди евра, со цел да се зајакне домашното производство. Намерата е да се постигне стабилност во снабдувањето, посебно откако дојде до масовни прекини во синџирот за снабдување, за време на пандемијата, но и поради сé повеќе затегнатите односи меѓу САД и Кина.
За секоја државна помош е неопходно да се добие одобрение од Европската Комисија. Конзорциумот преговара со владините претставници околу висината на субвенцијата, посочуваат изворите.
TMSC во соработка со партнерите гради фабрика во Јапонија во вредност од 8,6 милијарди долари. Половината од буџетот ќе биде обезбедена преку субвенции од владата на Јапонија.
Геополитички тензии
Германската фабрика, за којашто TMSC би можеле да дадат согласност до август, ќе биде посветена на производстгво на чипови од 28 нанометри, откриваат упатените лица. Доколку се изгради, тоа ќе биде првата фабрика за производство на микрочипови на компанијата во ЕУ.
TSMC е најголемата тајванска компанија и главен производител на микрочипови за Apple. Главнината од продукцијата на чипови доаѓа од Тајван, но откако клиентите и владите почнаа да искажуваат сé поголема загриженост околу геополитичките тензии и воените закани на Кина кон островот, Тајван почна да ги проширува своите производствени капацитети во САД и Јапонија.
Infineon во вторникот ги постави темелите за фабриката за микрочипови во Дрезден, град во Саксонија, каде што се наоѓаат и фабрики на GlobalFoundries и Bosch.
Производителите на микрочипови настојуваат фабриките да ги градат во кластери, со цел скапите фабрики да ги искористат предностите на постоечката инфрастуктура и на работната сила во подрачјето.
Планираната фабрика ќе претставува големо зајакнување за Актот за чипови на ЕУ, којшто привлече интерес од Intel, STMicroelectronics и GlobalFoundries. Гигантот Intel го одложи почетокот на проектот, барајќи повисоки субвенции од Унијата.
Барем ретките метали за магнети за електромотори не се толку ретки
















