за

Барем ретките метали за магнети за електромотори не се толку ретки

Некои од металите што важат како ретки се позастапени и од оловото, но е многу скапо да се дојде до чист материјал. Инженерите на Porsche објаснуваат неколку вредни нешта околу магнетите за електромоторите.

Примената на ретките метали, пред сé неодиумот, овозможуваат електромоторите да постигнуваат висока моќност и висока вредност на вртежниот момент. Во време кога браншата веќе втора година се соочува со недостиг од микрочипови, но и со прекини во снабдувањето со важни суровини и компоненти, кога ќе се спомне поимот за ретки метали, веднаш се создава претстава дека и тие се погодени од некој проблем. Техничарите на Porsche даваат една поубава слика.

Некои од важните суровини за изработката на електромотори, за среќа не се толку ретки како што упатува нивното име. Паралелно се работи и на развој на нови постапки за нивно рециклирање.

Кога се спомнуваат електричните возила, секогаш двои поимот „ретки метали“ што се поврзува со нив. Хемичарите под ретки метали подразбираат 17 хемиски елементи, меѓу коишто спаѓаат лантан, неодиум, тербиум, диспрозиум и лутециум.

Дел од овие метали имаат важна улога во електромоторите и батериите во електричните возила. Магнетите на електричните погонски мотори, освен железо, содржат околу 30 проценти ретки метали. Првенствено се користи неодиум, но исто и диспрозиум и тербиум. Најголемата предност е во тоа што дури и мали магнети произведуваат силно магнетно поле, што е мошне важно кај електромоторите.

„Благодарение на ретките метали во магнетите, електромоторите со постојана магнетна побуда постигнуваат мошне висок степен на моќност и вртежен момент, а со тоа се зголемува ефикасноста на целиот погон“, објаснува др. Рафал Пиотуш, главен инженер за електромотори во Porsche Engineering.

„Останатите материјали за магнети, како што е феритот, не содржат ретки метали, но имаат недостаток во тоа што условуваат електромоторите да бидат потешки и погабаритни“, продолжува инженерот. Како алтернатива за е-моторите со постојана магнетна понуда, во некои електрични возила се користат е-мотори со надворешна побуда и асинхрони е-мотори. Но, овие два вида електромотори не ги постигнуваат моќноста и перформансите на нивните пандани што содржат магнети со ретки метали. Од тие причини, неодиумот, диспрозиумот и тербиумот, во видно време нема да најдат замена, првенствено кај спортските автомобили.

Главното прашање: Дали ретките метали навистина се ретки?

Не, тие не се ретки – некои од нив се среќаваат почесто и од оловото. Во 2021 година, во светот се произведени 280.000 тони оксиди од ретки метали. „Единствено е проблем тоа што нивната експлоатација поставува големи барања“, појаснува Матијаст Бегер, директор за проектирање на електромотори во Porsche Engineering. „Тие преку сложени постапки се добиваат од руда, со тоа што оксидите на ретките метали се двојат од рудата и потоа се претвораат во чист метал.“

Друг проблем е тоа што наоѓалиштата не се распространети поеданакво, па поради тоа само неколку држави располагаат со големи резерви. Побарувачката за ретки метали во идннина ќе се зголемува драстично. Само за електричните погонски мотори, се проценува дека во 2040 година ќе постои дваесетпати поголема побарувачка, во споредба со 2018 година. Во ветерниците исто така се користат овие суровини, а кај нив побарувачката во истиот период ќе се зголеми четирипати.

Со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето во долг рок, интензивно се работи на развој на нови и усовршени постапки за рециклирање на недиумот и останатите ретки метали.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bosch вложува 1,5 милијарда долари во калифорниски производител на чипови

Mercedes-Benz E-Class W 214 во бројки и факти