Mercedes-Benz го забрзува развојот на нова технологија и нови модели, со зголемување на вложувањата. Тоа што електро-специјалистот Tesla дава големи попусти за своите возила, предизвика сосем спротивни реакции во Штутгарт.
Во трите години додека траеше пандемијата, во Европа одвај дека пристигаа вести за случувањата со кинеските производители на автомобили. Затоа беше големо изненадувањето за менаџерите на европските производители, кога на салонот на автомобили во Шангај, можеа во директна споредба со сопствените автомобили, да увидат со колкаво темпо во меѓувреме се развивала кинеската автоиндустрија.
Кинеските производители постигнаа најголем напредок кај електричниот погон, дигитализацијата и инфо-забавните системи. Но, истото важи и за автоматиираното возење. Повеќето производители на автомобили во земјата, веќе можат да се споредуваат со западните автомобилски марки. Во исто време, голем број кинески марки пристигаат на европскиот пазар, со големи планови за проширување на нивното присуство.
Менаџерите во Mercedes-Benz не се најдоа затекнати од овие случувања во Кина. „Мораме да бидеме уште побрзи, гледајќи го тамошното темпо на инвестициите“, кажа директорот за финансии Харалд Вилхелм за време на телефонската конференција при објавувањето на билансот за првиот квартал.

Иако беше предвидено издатоците за развој да се намалат, директорот најавува дека во одреден период тие ќе се зголемат значително. Во првите три месеци од годинава, во развојот се вложени 2,5 милијарди евра, што е за 500 милиони повеќе отколку во истиот период лани.
Поимот за луксузен автомобил се пренесува во светот на батериските електрични автомобили
Целта е да се осигура дека новата платформа MMA за компактни модели, како и платформата MB.EAM за електрични возила од рангот на C-Class и платформата AMG.EA за спортски модели, ќе бидат подотвени за производство во предвидените рокови. Првите модели врз овие платформи се очекуваат кон завршетокот на 2024 година.
Во меѓувреме се прошируваат и фабриките во Кина, со цел да се профитира повеќе од субвенциите. Паралелно се вложува во развој на сопствениот оперативен систем MB.OS, за сите планирани функции да бидат опфатени во планираниот рок.
Mercedes-Benz во моментов продава на кинескиот пазар неколку модели со целосно електричен погон, меѓу кои се EQA, EQB, EQE или EQS. Меѓутоа, продажбата заостанува зад кинеската конкуренција и воедно заостанува зад обемот што Mercedes-Benz го постигнува со своите електрични автомобили на останатите пазари ширум светот. Според претходни изјави на шефот за развој Маркус Шефер, тоа се должи на фактот што пазарот за батериски електрични автомобили во Кина се темели првенствено врз модели од пониските сегменти. Наспроти тоа, пазарот за луксузните авотмобили со погон на струја треба допрво да се отвора.
Во светот на автомобилите со мотор со внатрешно согорување, Mercedes-Benz и натаму е пазарен лидер, со удел од 40 до 50 проценти во сегментот на најскапите модели на кинескиот пазар. „Нашата цел е тоа да го пренесеме во светот на батериските електрични автомобили“, објаснува Вилхелм. За тоа да се постигне, мора многу да се внимава со моделите што се нудат таму. Како пример, директорот за финансии го спомнува токму Maybach EQS SUV, којшто имаше премиера на салонот во Шангај. Тој модел ги исполнува посебно очекувањата на клиентите во Кина, но и на клиентите во САД.
Mercedes-Benz реагира на попустите на Tesla, со повисока маржа, место со повисока продажба
Директорот Вилхелм воопшто не се тревожи од серијата попусти на Tesla. На прашањето што беше поставено на таа тема од новинарите на видео-конференцијата, тој објасни дека Mercedes не сака да се плетка во долниот сегмент и да учествува во ценовни битки, туку следи сосем различна стратегија.
Додека останатите конкуренти одат на волумен, на колку е можно поголема продажба, во Mercedes нештата се раководат првенствено околу маржата. „Ако сакам да имам автомобил што ужива висок углед, тој автомобил не може да се продава масовно“, објаснува Вилхелм. Mercedes сепак не планира да ја скусува продажбата, туку да продолжи со досегашниот раст.
За поскапите автомобили да бидат прифатливи, тие мора да нудат повеќе. Тоа значи дека возилата мора да располагаат со најсовремена техника, што е воедно и мотото на Mercedes. На тој начин ќе може целосно да се надоместат зголемените трошоци за енергија, суровини и услуги.
Mercedes-Benz во првиот квартал од 2023 година постигна одлична добивка и ги надмина предвидувањата. Чистата добивка порасна за два проценти, на 5,4 милијарди евра, што е повеќе во споредба со минатата година.
Прометот исто така порасна за осум проценти, на 37,5 милијарди евра. Чистата маржа од прометот изнесува 14,8 проценти. Тоа е веќе шести квартал во низа, во којшто Штутгарт бележи двоцифрена маржа.
















