Mercedes-Benz направи уште една E-Class, достојна за големото име. Секоја ера има своја генерација на лимузината од вишата класа од Штутгарт, од 1970-те години, наваму. Во поглед на новитетите и свежината што ја донесува, E-Class од генерацијата W 214, не само што ги исполни очекувањата, туку и ги надмина. Типично, E-Class.
Штутгарт ги издвои најинтересните бројки, податоци и факти што најверно ја опишуваат новата генерација на E-Class:
- За изобилството од простор во патничката кабина се грижи и меѓуоскиното растојание, што е продолжено за 22 милиметри во споредба со претходната E-Class (сега 2.961 милиметри).
- Во изведбата на маската што поседува осветлена рамка (дополнителна опрема), зад хромираната лајсна се наоѓаат два оптички кабли. Светлото се доведува до снопот од оптички влакна преку ЛЕД-модули.
- За изгледот на дисплеите може да се избира меѓу две можности – класичен и спортски – како и меѓу три начини на работа – навигација, асистенција, услуги. Новиот MBUX донесува и нов изглед на главните симболи („Main Icons“) на дисплеите. Тие сега имаат поедноставен изглед и боите се слични со иконите кај паметните телефони.
- На некои пазари се вградува модул за комуникација со 5G за пренос на податоци. Со овој стандард на мобилна телефонија се постигнува значително повисок проток на податоци, отколку со LTE/UMTS.
- Со дигиталниот клуч, iPhone (од 11 наваму, без SE) и Apple Watch (6, без SE) стануваат клуч за автомобилот. Кога возачката или возачот носат со себе компатибилен краен уред, E-Class може со него да се стартува и да се заклучи. Покрај тоа е можен и Key-Sharing: До 16 лица можат да користат дигитален клуч. На пазарите на коишто се достапни услугите на Mercedes me connect, со доплата за пакет Keyless-Go се добива и подготовка за дигитален клуч. За оваа комбинација треба да се посегне по пакетот Премиум.
- Заштитата на дисплејот пред совозачот, што спречува возачот да гледа во истиот додека вози, работи во два степени: Прво сензорот препознава дали е зафатено совозачкото седиште. Само во тој случај може да се ракува со дисплејот на допир. Во спротивно, дисплејот служи само како дигитална украсна површина.
- Клиентките и клиентите можат да постават рутини во новата E-Class, преку системот MBUX. Станува збор за воспоставување врска меѓу одредени услови и функции што се вклучуваат кога тие услови се исполнети. Пример за тоа: Кога температурата во кабината е под дванаесет степени, автоматски се вклучуваат грејачите во седиштето и бојата на амбиенталното осветлување се менува во портокалова.
- Чести се случаите кога луѓе почнуваат да чувствуваат мачнина додека патуваат со автомобил. Новата програма против мачнина при возење, којашто е дел од ENERGIZING COMFORT, помага да се ублажат симтомите на мачнина кај совозачката или совозачот и возењето да го направат попријатно.
- Акустиката во новата E-Class може да се почувствува со трето сетило: За активната светлечка лента што се наоѓа горе на арматурната табла и на облогите на предните врати, може да се избере светлото да го следи тактот на музиката.
- Автоматскиот клима уред THERMOTRONIC (дополнителна опрема) доаѓа со нов вид отвори за проветрување: Сите отвори за воздух во предниот дел од кабината може да се насочуваат по електричен пат, небаре ги движи невидлива рака. Оваа нова функција се нарекува Digital Vent Control. Системот функционира со активатори. Во секој отвор за проветрување се наоѓаат по два малечки електромотори.
- Со коефициент на отпор на воздух cw 0,234 , новата E-Class е меѓу најдобрите во својата класа. Челната површина мери 0,236 m2 и незначително е поголема во споредба со претхоничката (0,234 m2).
- При развојот на аеро-акустиката, Mercedes-Benz користел близу 500 микрофони.
- E-Class се управува посебно директно и се вози уште постабилно, со опцијата за управувана задна оска. Аголот на свртување на тркалата на задната оска изнесува 4,5 степени. Кај моделите на E-Class со погон на сите тркала 4Matic, кругот на вртење изнесува 11,1 место 12,0 метри, додека кај изведбите со заден погон, кругот се скусува од 11,6 на 10,8 метри.
- Со електрификација на целата гама и со интелигентен „даунсајзинг“, новата E-Class поставува стандарди во поглед на ефикасноста. Три од шесте моделски изведби што ќе бидат достапни за почетокот на продажбата, се приклучни хибриди од четврта генерација. Со електричен досег од преку 100 километри, овие модели во најголемиот број случаи ќе може да се возат без потреба да се вклучи бензинецот.
- Активната помош за паркирање е дел од стандардната опрема и со неа може да се ракува преку средишниот дисплеј. Паркирањето и излегувањето траат покусо, затоа што брзината е зголемена на 4 километри на час.
Mercedes-Benz E-Class, генерација W214: Бројките не се случајни
















